АНАЛИЗА
Веронаука во образованието, алатка за подобар дијалог или причинител на конфликти?
1. Вовед
Основното образование, на сите ни е познато, е клучно, пред се бидејќи станува збор за првиот значаен социјален контекст каде детето го стекнува односот кон знаењето, одговорностите и навиките и се социјализира во духот на општествените вредности. Ниеден повисок образовен степен не може да ги надомести пропустите и грешките направени во рамките на основното образование.
Чести се критиките дека нашиот образовен систем е нестандардизиран, стереотипен и традиционалистички, а сето тоа откако истиот ќе се спореди со образовниот систем на развиените земји.
Треба ли да се говори како учењето за веронаука (поединечно за православна, исламска, католичка или јудаизам) ќе ги зголеми ваквите критики, и како истата, без разлика дали ќе се определи за православна, исламска, католичка и др. ќе влијае врз односот на детето спрема останатите верски заедници и религии? Можеме ли да го поставиме прашањето дали тоа ќе придонесе кон игнорирање на останатите верски припадности, освен сопствената што ја изучувал на десет годишна возраст, и на крај верски и етнички конфликти во поодминатата фаза од развојот?
Па можеби и токму запоставувањето на одговорите на овие прашања, и покрај Одлуката на Уставниот суд на РМ[1] со која се оспори воведувањето веронаука во образованието, Владата на РМ и Министерството за образование и наука сосема стихијно, несистематски, зад затворени врати и далеку од очите и мислењето на стручната и пошироката јавност, особено од најзаинтересираните субјекти – родителите и децата, спротивно на сите домашни и меѓународни документи и препораки, повторно набрзина ја подбутна веронауката во основното образование, ублажено со уште еден изборен предмет “Запознавање на религиите“ кој и покрај тоа остана затскриен некаде под сенка, со оглед на тоа да сите ја пропагираат веронауката. Не нe ни зачудува фактот што стручната и пошироката јавност молчеше, имајќи ја во предвид брзината со која “стручни лица“ од образованието успеале да ги подготват наставните планови и програми за сите предмети од областа на веронауката и запознавање на религиите. Притоа сигурно се заборава дека перманентното јакнење на моќта на граѓаните за активна партиципација и влијание врз административните одлуки е составен дел од демократијата и јакнењето на развојот на секое општество.
Во целата работа сепак проблематично е што Владата со ваквиот начин на одлучување најдиректно го доведе во прашање принципот на одвоеност на државата и верските заедници, поточно религијата.
Проблематично е и прашањето за правата и личноста на децата во најзначајниот стадиум од нивниот психо - физички развој – основното образование, па се заборава на потребата за продлабочена внимателна анализа на сите прашања и проблеми од оваа област.
Уште попроблематично беше што дури на самиот почеток на учебната година 2008/09 имаше еднодневна обука и пријавување на вероучители. Со таквата eдукацијата „сигурни сме дека стекнале“ знаење и вештини околу водењето на наставата и околу кодексот на однесување во училиштата. Исто така, немаше ниту учебници за овие ново воведени предмети, па Министерството за образование и наука известуваше дека ќе се потруди учебниците побрзо да стигнат, па од таа причина доцнеше и почетокот на предавањата.
Па се запрашуваме зошто Владата на РМ и особено Министерството за образование и наука сега остро ја осудуваат втората Одлука на Уставниот суд на РМ со која повторно се укина веронауката во училиштата, а заборава на неподготвеното воведување на овие предмети, без никаква анализа на потребите и без потребните човечки и материјални ресурси?
2. Воведување на веронауката во основното образование
Дали воведувањето на новите Наставни програми од оваа област беа проследени со издржливо образложение за основните причини зошто се преземени промените, кои се придобивките и целите, дали на наставниците им беше доволно објаснето што од нив се очекува во реализацијата на истите, дали беа земени во предвид реалните кадровски потенцијали, специфичностите на училиштата? Уште повеќе, се водело ли сметка што му е потребно на еден ученик на одредена возраст, со недоволно оформени потенцијали и интереси за да може успешно да го остварува сопствениот физички, емоционален и социјален развој и со успех да го продолжи своето школување, па во поодминатата фаза од сопствениот развој самостојно да ја оствари верската определба? Очигледен е негативниот одговор на поставените прашања, а особено доколку заинтересираните би се осврнале на Водечките принципи за учење за верата и убедувањето од Толедо, изготвени од ОДИХР (ОБСЕ), кои ги утврдуваат критериумите што треба да бидат земени во предвид од страна на државите кои ќе изберат да воведат учење за религијата и тоа само на општ начин и само како средство за зајакнување на човековите права, пред се слобода на вера и убедување. Подолу во текстот ќе следат главните чекори, предвидени во овој документ, при овој процес.
Факт кој не наведе на наведеното, е самото тоа што Министерството за образование и наука на ден 08.07.2008 година (за време на училишниот/годишен одмор) испратило писмен допис до сите основни училишта, чиј предмет бил Задолжување, со кој надлежните во училиштата се задолжуваат заедно со одделенските наставници на учениците кои завршиле четврто одделение во учебната 2007/2008 година, да одржат родителски средби со родителите/старателите на овие ученици најдоцна до 11.07.2008 година на која ќе се пополнат анкетни листови (изготвени од нивна страна и пратени во прилог на дописот), со кои треба да извршат избор на еден од двата изборни предмети – еден од предвидените за веронаука или запознавање на религиите. Понатаму, се задолжуваат сумираните резултати за избран предмет во петто одделение за учебната 2008/2009 година да ги достават до Министерството за образование и наука, Сектор за основно и средно образование најдоцна до 15.07.2008 година.
Немаше експлицитно образложение од Владата на РМ и Министерството за образование и наука, кои беа причините за вака поставените рокови, кои беа причините за забрзување на севкупниот процес на реформите и дали токму таков вид реформи беа потребни во образовниот систем на нашата држава и тоа токму во основното образование и токму во тој момент, особено без продлабочена анализа на потребите и интересите?
Се уште го поздравувавме чекорот понапред сторен со воведувањето на предметот “Граѓанска култура“ во 7 и 8 одделение, кој води кон усвојување знаења, развивање на способности и вештини кои водат кон компетентно, одговорно и активно учество на децата во граѓанскиот живот, кога за жал чекорот отиде во насока на образование на децата по избор на нивните родители според нивната национална и верска припадност. Сметаме дека потребно е младите да се запознаваат со плурализмот на гледиштата, со мноштвото погледи на свет, а потоа самите да го прават сопствениот избор. Неопходно е, со перманентна анализа, да се обрне посебно внимание на граѓанското образование, на кое упатуваат голем број Препораки на Советот на Европа чија членка е и нашата држава, особено сегментот кој се однесува на човековите права, и поконкретно на правата на детето, со оглед на тоа што сите анализи покажуваат дека кај училишната популација постои огромна празнина и недостаток на знаења од оваа сфера. Меѓу другото, граѓанското образование, според Препораките на Советот е сеопфатен предмет кој може да го вклучи општото изучување на историјата и филозофијата на религијата, како што ќе видиме подолу.
3. Насоки и реформи кон кои треба да се движи нашиот образовен систем
Светот во кој што денес Европејците живеат, е општествено и политички сложен. Повеќето луѓе сакаат да го планираат сопствениот живот и очекуваат активно да придонесуваат во општеството, па затоа мораат да научат да живеат со културните, етничките и јазичните разлики.
Овој период за младите генерации се карактеризира со зголемување на желбата за подобар квалитет на живеењето и создавањето нови добра, на желбата за запознавање на светот и нагласениот авантуризам, поголемата еколошка свест, желбата за забава и слободен живот, поголема индивидуалност и самостојност. Но исто така, овој период за младите пројавува и некои негативни појави, какви што се зависности од цигари, алкохол и дрога, некултурно и недолично однесување, криза на вредности и морал.... Во овој домен училиштата не се снаоѓаат баш најдобро, но и затворањето на учениците уште од десет годишна возраст само во рамките на сопствената вера, за кои Министерството за образование велеше дека ќе придонесе кон возобновување на моралниот и духовниот интегритет на младата популација и подигање на здрави личности, не беше добро, ниту пак единствено решение. Подобро би било Министерството за образование и наука да ја прифати Одлуката на уставниот суд и да ги разгледа и послуша меѓународните препораки од оваа област, наместо да спроведува волунтаризам на места каде не се засегнати нивните витални интереси, туку интересите на општото добро и да посега по независноста на судството.
Клучна цел во развојот на образовниот систем е отворањето и приближувањето на образованието кон достигнувањата и искуствата од европските земји, а посебно земјите од Европската унија. Бидејќи сме земја која се стреми кон европските интеграции и членство во НАТО и ЕУ, би требало по нивниот пример коренито да се напуштаат авторитарните односи во воспитно - образовниот систем и сето она што нив ги предизвикува. Спротивно од тоа, кај нас упорно се задржува и воведува се поголем традиционализам во наставата.
Имено, во нашите училишта треба да се едуцираат индивидуи способни да се справат со предизвиците на времето во кое што ќе работат и живеат, особено во мултинационална држава каква што е нашата. Нам ни е потребен ефективен образовен систем кој ќе располага со механизми за подготовка на младите за сите предизвици и промени со кои ќе се соочат во иднина, а не млади кои ќе негуваат верска нетолеранција.
Оттука ја повикуваме Владата на РМ и Министерството за образование и наука да ги разгледаат и со поголемо внимание и објективност да водат сметка за следниве аспекти предвидени, како што е споменато погоре, во Водечките принципи од Толедо и особено во Препораката бр. 1720 за религија и образование, донесена од Советот на Европа на 04.10.2005 година, а не да повикуваат на протести пред Уставниот суд:
1. Изучувањето на религијата мора да биде промовирано на начин кој ќе биде општ, фер, исправен. Учениците треба да учат за религијата во средина која ги почитува човековите права, фундаменталните слободи и граѓанските вредности. Оние кои предаваат за религијата треба да имаат обврска кон слободата на верата и убедувањето која придонесува за училишна средина што ја негува заштитата на правата на другите во духот на взаемната почит и разбирање меѓу членовите на училишната заедница. Оние кои предаваат за религијата и верата треба да бидат адекватно образовани за таа цел. Таквите наставници мораат да имаат знаење, став и вештини да предаваат за религијата и верата на фер и балансиран начин. На наставниците не им е потребно само соодветно верско образование за предавање, туку и педагошки вештини како би можеле да комуницираат со учениците и да им помогнат на учениците тие меѓусебно да комуницираат на внимателен и учтив начин. Изработката на програмата, учебниците и материјалите за овој предмет треба да ги има во предвид религиските, но и останати погледи на начин кој е фер и учтив. Развојот и имплементацијата на програмата треба исто така да вклучи отворена и фер постапка која им овозможува на сите страни соодветна можност да понудат коментари и совети. Програмата во врска со религијата и верата треба да опфаќа клучни историски и современи развои поврзани со религијата и верата, и да дава осврт на глобалните и локалните прашања.
2. Овој предмет, доколку се воведе, треба единствено да придонесе кон зајакнување на свеста на учениците за религијата и верата, но не треба да ги притиска за прифаќање на некоја од нив; да промовира учење за религијата и верата, не нивно практикување; може да ги насочи учениците кон различни религиски и не-религиски погледи, но не наметнува ниту еден посебен поглед; да ги образува за религијата и верата без да промовира ниту една од нив; ги информира учениците за различните видови религии и вери, но не бара од учениците да се покорат или насочат кон некоја посебна религија или вера.
3. Имајќи ги во предвид односите меѓу државата и црквата, државата има важна одговорност во полето на образованието, и во неговото остварување има должност да дејствува на неутрален и објективен начин, должност која е неспојлива со било каква моќ на страната на државата за да ја оцени легитимноста на верските убедувања, и оттука не треба да зазема страна околу вистинитоста или невистинитоста на било која форма на религија или вера; може да дозволи, во јавните училишта, предмет како што е општата историја за религијата и етиката доколку е прикажана на неутрален и објективен начин. Согласноста со обврските за човековите права може да биде постигната единствено преку внимателна анализа за интересите кои треба да бидат почитувани при образованието и начинот на кој тие се почитуваат. Државните авторитети од областа на образованието имаат широки овластувања во креирањето, изборот и имплементацијата на одлуките за програмите во нивните држави. Ова сепак не ги овластува за повреда на фундаменталните права на слобода на верата и убедувањето или други фундаментални права. Давајќи им специјален статус на правото на родителите и старателите во врска со религиското и филозофското воспитување на нивните деца, сепак правата на децата во областа на образованието се често остварувани од страна на родителите како нивно право, повеќе отколку во име на децата. Во конвенцијата за правата на децата член 3 став 1: „Во сите акции во врска со децата, без оглед дали се преземаат од страна на јавните или приватните социјални институции, судство, административните авторитети или законодавни тела, основна грижа треба да бидат најдобрите интереси на децата“. Поради тоа целиот процес може да биде последица само на една подолготрајна анализа во која ќе бидат вклучени децата, родителите, наставниците, високите образовни институции, државните институции, образовните авторитети и претставници на граѓанското општество, како и верските заедници, национални и локални, како би дале свое експертско мислење и совети и да ги изразат своите грижи, да се спроведат различни анкети и прашалници со цел да се утврди како училиштата ги адресираат и менаџираат различните прашања, структурирани интервјуа со наставниците, учениците и родителите, претходно да обезбедат создавање безбедна средина каде сите ученици ќе се чувствуваат почитувани, слободно да ги изразуваат сопствените мислења и верувања, најважно од се да внимаваат на соодветноста на содржината на програмата на годините на децата.
4. Исто така, потребно е воспоставување на советодавни тела на различни нивоа – национални, регионални и локални – кои ќе ги адресираат проблемите при развојот на програмата, кои ќе бидат избрани не објективен начин, ќе осигураат отвореност спрема прашањата/проблемите кои можат да произлезат.
5. Владата има важна улога во гарантирање дека наставниците ја добиле најдобрата обука за нивна подготовка за предавање за верата. Владите се охрабруваат да воспостават систем на надзор, доколку таков систем веќе не постои, со цел мониторирање и евалуација на начинот на кој наставниците се избрани и обучени да предаваат за верата и убедувањата.
6. Треба да се идентификуваат пристапи и политики кои можат да придонесат кон тоа верата во образование да биде фактор кој ќе промовира дијалог во контекст на Европскиот развој, а не да биде фактор за конфликти. Кај наставниците постои недостаток од обуки, разговори за различните вери и убедувања во фер и балансирана атмосфера и не секогаш имаат адекватно разбирање за тоа како прашањата за верата и убедувањето се поврзани со човековите права. Многу нови наставници велат дека никогаш немале обука која ги опфаќа таквите прашања и дека никогаш немале директно излагање за другите култури, верски системи или принципи на човекови права. Ваквите обуки се неопходни, ако имаме во предвид дека членовите на училиштето – учениците и наставниците, па и родителите, имаат различни потреби, интереси, вредности, верувања, очекувања, стилови на однесување, стилови на комуницирање.
Како што е и потенцирано во Националната програма за развој на образованието во Република Македонија 2005-2015 донесена од страна на Министерството за образование: “Улогата на менаџментот на училиштето е да изгради мостови меѓу тие различни концепциски излези“, а не, како што беше случај, да создава јаз меѓу истите и самоволно да избира дополнителни соработници од верските заедници или теолошкиот факултет кои ќе ја спроведуваат наставата.
Најмало внимание се посветува на тоа како наставната единица ќе влијае врз учениците, какви ефекти предизвикува кај нив на планот на усвојување на знаењата, развивање на вештините и изградување на ставовите, како и на прашањето како и дали би можеле учениците да ги применуваат стекнатите знаења, вештини и ставови во вистинските животни ситуации.
Она што можеби сите го занемаруваат, и секако не преземаат мерки за подобрување на тој план, особено во денешниот бурен свет, е семејството, како врска на детето со општествено – културниот живот и главен фактор во неговиот развој. Поради тоа, повеќе би требало да се работи на планот на неговата стабилност, особено во услови на мултикултурно општество, потребата за следење и интервенција на полето на социјалното однесување на децата и на полето на поддршка на семејствата во таа смисла, а не да им се наметнува на родителите да вршат избор за сопствените деца и таа задача да ја препуштат на дополнителните професори по веронаука. Улогата на родителите во развојот на децата е основна и треба да биде поголема, како резултат на што упатуваме апел за преземање соодветни мерки на државно ниво и на ниво на определени институции надлежни во оваа област. Доколку семејството го сфатиме како основа на човештвото, тогаш не може државата едноставно да се изолира по однос на поддршката и развојот на семејното воспитание, а потоа, од друга страна, при одредени негативни појави да се повикува на одговорноста на семејството за меѓучовечките односи.
Како што е потенцирано и во самата Национална програма за развој на образованието 2005-2015, Министерството за образование и наука на Република Македонија е тоа што во конкретниов случај ја сноси најголемата општествена одговорност за создавање услови за унапредување на образованието и можности за зголемување на добросостојбата на граѓаните. Последиците од активностите што ги презема Министерството се долгорочни и силни и имаат директно влијание врз животот на секој граѓанин, па можеби би требало да се запрашаме дали не е подобро да се пристапи кон некоја од наведените заложби и реформи, а надлежните да се запрашаат дали возраста на децата за кои беа направени реформите соодвествува на потребата за учење за магии, табуа, секуларизација, екуменизам, тотемизам, анимизам, Јуда, распнување, литургија, богослужба, просфора, нафора, аџилак, менора, синагога ... Ниеден домашен и меѓународен акт (како што може да се види подолу во делот на домашната и меѓународна регулатива) не зборува за изучување на посебните вери, со поделба на децата од исто одделение само поради изборот на нивните родители да ја изучуваат сопствената вера. Напротив сите акти упатуваат на компаративно и неутрално изучување на религијата и тоа на најопшт можен начин, соодветно на возраста на децата, и тоа по претходно внимателно и темелно анализирани, испитани мислења и создадени неопходни услови, и повторно како изборен предмет во наставните програми.
Не е тешко да се заклучи дека Министерството за образование и наука не спроведе ниту еден чекор од горе наведените, и уште поалармантно ниту објасни и образложи како ќе го спроведе целиот процес, како ќе ја врши поделбата на учениците по предмети и со кој наставен кадар. Последиците од сето тоа, сега по укинувањето на така воведената веронаука, ќе ги сносат најосетливиот дел од популацијата – децата ученици.
4. Домашна и меѓународна регулатива која Министерството треба да ја има во предвид пред да стори било каков чекор за реформи
Хелсиншкиот Комитет препорачува да се започне со увид пред се во најконкретниот домашен документ од оваа област, имено самата Национална програма за развој на образованието во Република Македонија 2005 – 2015 во која се вели: „Целиот процес би одел во насока на афирмација на наоѓање заеднички именител меѓу постоечките супкултури, како единствена база на вредносната матрица...Посебно внимание ќе биде посветено на формите и активностите од мултикултурен карактер кои промовираат социјална кохезија и здружување. Во таа смисла, мултикултурализмот и размената меѓу културите ќе бидат поддржани“. Понатаму во делот за целта на програмата стои дека: „Условите и можностите за превенција и компензација што Министерството ги создава на планот на образованието и обуката, истражувањето, развојот и афирмацијата на културните вредности се од суштинско значење за животните определби на младите и возрасните“. За какви ли животни определби зборуваат? Дали наметнување на определби за верски, религиски предмети од страна на државниот орган на управата надлежен за работите на образованието и од родителите претставува средство кое ќе овозможи слободна животна определба на децата?
Во делот пак кој зборува за вредностите и принципите врз кои се потпира националната програма јасно е укажано: „Развојот на компетентен, креативен, граѓански ориентиран и етички изграден човечки капитал, сфатен како клучен фактор кој влијае врз социјално – политичкиот и економскиот развој на државата и нејзината меѓународна компетентност, е приоритетна цел на оваа програма“.
Согласно член 19 од Уставот на РМ: „Се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон“.
Донесувањето на новиот Закон за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група претставува конкретна потврда на уставно гарантираните стипулирани права, кој следеше по сериозните проблеми што Република Македонија ги имаше со верските слободи, а чие усвојување беше еден од условите за нејзиното евро - атлантско интегрирање. Уште повеќе истиот тој закон прецизно го уредува начинот на основање и работа на верските училишта за оние родители или деца кои во раната возраст ја избрале таквата определба.
Понатаму самиот Закон за основно образование во член 13 пропишува: „Во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување. Во основното училиште се забранува истакнување на партиски и верски обележја“.
Во Законот за заштита на децата во член 2 јасно е стипулирано дека: „Заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата, како и на правата и обврските на родителите и државата за планирање на семејството, обезбедување услови и животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата и обврските на државата во создавањето услови за водење на хумана популациона политика...“ Член 9 став 2 одредува: „Се забранува политичко или верско организирање и дејствување и злоупотреба на децата поради политичко или верско органиирање и дејствување“. Посебно внимание треба да се обрне на член 43 од истиот закон кој ги уредува другите облици на заштита: „За развој на личноста на детето, талентот, менталните, физичките, креативните и другите способности, подготвување за самостоен и одговорен живот се обезбедуваат и други облици на заштита на децата како програмски активности од областа на културата, издавачката, згрижувачката и воспитната дејност, екологијата, уметноста и спортот“.
Конвенцијата за правата на детето, донесена од страна на ООН, а ратификувана од РМ, воЧлен 14 ги задолжува државите-членки: “(1) Државите членки го почитуваат правото на детето за слобода на мислење, совест и вероисповед. (2) Државите членки ги почитуваат правата и должностите на родителите, и, ако е таков случајот, на законските старатели, а го насочуваат детето во остварувањето на неговото право на начин кој е во согласност со развојот на неговите способности. (3) Слободата на манифестирањето на вероисповедта или на убедувањето може да потпаѓа само под оние ограничувања што се пропишани со закон и што се неопходни поради заштита на јавноста, сигурност, редот, здравјето или моралот или основните права и слободи на другите“.
Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права во својот член 13 пропишува: „Државите – страни на овој пакт го признаваат на секое лице правото на образование. Тие се согласуваат дека образованието треба да е насочено кон целосен развој на човечката личност и достоинство и да го зајакне почитувањето на човековите права и основни слободи. Освен тоа, тие се согласни дека образованието треба да му овозможи на секое лице да игра корисна улога во слободното општество, да го унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите народи и сите расни, етнички или верски групи .“.
Можеме да ја споменеме и Европската конвенција за остварување на правата на детето на Советот на Европа, според која, РМ како нејзина членка, а согласно член 12 треба: „(1) страните ќе го поттикнуваат унапредувањето и остварувањето на децата, преку органите, кои меѓу другото, ги вршат функциите предвидени во став 2. (2) Тие функции се следните: а) поднесување предлози за зајакнување на законодавтсвото кое се однесува на остварувањето на правата на децата, б) давање мислења кои се однесуваат на законите за остварување на правата на децата, в) давање општи информации за остварување на правата на децата на медиумите, јавноста и лицата и органите кои се занимаваат со прашања поврзани со децата, г) барање мислење од децата и давање на потребни информации на децата.
Најкорисно би било кога надлежните институции ќе ги земат во предвид бројните Препораки на Советот на Европа од областа на образованието. Меѓу нив, особено ќе издвоиме неколку.
Имено Препораката No. R (85) 7 на Комитетот на министри на Советот на Европа од 14.05.1985 за “Изучување на човековите права во училиштата“, “Убедени дека училиштата се заедници кои можат и треба да бидат пример за почит спрема достоинството на индивидуата, разликите, толеранцијата и за еднаквост на можностите;.... препорачуваат: 1.1. Разбирањето и искуството за човековите права е важен дел од подготовката на младите личности за живот во демократското и плурално општество. Тоа е дел од социјалната и политичката едукација и вклучува меѓукултурно и меѓународно разбирање; 1.2. Концептот за човековите права, може и треба, да се стекне уште во најраните фази, во предшколската подготовка и основното образование; 1.3. Можноста за запознавање на младите луѓе со повеќе теориски ставови за човековите права, како оние кои вклучуваат разбирање на филозофските, политичките и правните концепти, треба да се изучуваат во рамки на средното образование; 3.1. Учењето за човековите права во училиштата ќе се спроведува на различни начини зависно од возраста на учениците и околностите и би ги вклучило следниве теми: основните категории човекови права, должностите, обврските и одговорностите, различните форми на неправда, нееднаквост и дискриминација, основните меѓународни декларации и конвенции за човекови права ...“ .
За каква веронаука и запознавање со религиите зборуваме тогаш на 10 – годишна возраст, кога самиот Совет на Европа препорачува изучување на теориските ставови, и тоа за човековите права, во поодмината фаза на образование? Смета ли истиот дека таквото изучување, кое меѓу другото е мошне интересно и корисно, е несоодветно на возраста на децата во основното образование?
Од друга страна во Препораката Rec (2002) 12 за „Едукација за демократско општество/граѓанска култура“, „Водени од зголемениот степен на политичка и граѓанска апатија/незаинтересираност и недостатокот на доверба во демократските институции, и од се поголемиот број случаи на корупција, расизам, ксенофобија, агресивен национализам, нетолеранција спрема малцинствата, дискриминација, кои претставуваат најголеми закани по безбедноста, стабилноста и порастот на демократијата“, Комитетот на министри на Советот на Европа прокламира дека: „Едукацијата за демократска/граѓанска култура е фактор за социјална кохезија, заемно разбирање, меѓукултурен и верски дијалог, и солидарност, бидејќи го поттикнува воспоставувањето на хармонични и мирољубиви односи меѓу луѓето, како и одбрана и развој на демократското општество и култура“.
Би можеле да се осврнеме и на Препораката Rec (2006) 12 за „Вклучување на децата во новото информатичко и комуникациско општество“ одредува дека: „Земјите членки треба да обезбедат дека децата ќе ги стекнат потребните вештини/знаења за креирање, творење и дистрибуирање содржини и комуникации во новото информатичко и комуникациско општество на начин што ги почитува фундаменталните права и слободи на другите и погоден да придонесе кон остварување и уживање на сопствените права, особено слободата на изразување и правото на приватен живот.“
Најважната, Препорака бр. 1702 за Религија и образование на Советот на Европа, спомената погоре, јасно стипулира: “(3) Со учење на децата за историјата и филозофијата на главните религии со воздржаност и објективност и со почит спрема вредностите на Европската конвенција за човекови права, ефективно ќе го спречи фанатизмот. Разбирањето на историјата на политичките конфликти во името на религијата е суштествено. (5) Наставниците по вера и убедување мора да поминат низ специфична обука. Тие мора да бидат наставници по културни/просветни или книжевни дисциплини. (6) Државните власти треба да вршат надзор над обуката на наставниците и донесувањето на наставните програми кои треба да бидат приспособени на потребите на секоја држава, како и на возраста на учениците.
Сепак, не е мал бројот на одредбите кои укажуваат дека таквото изучување може да биде дел од поврзани предмети, како што се историја, филозофија, граѓанска култура....
5. Споредбена анализа
Во Босна и Херцеговина воведен е “Култура на религиите“, како предмет кој ги учи учениците за четирите вери практикувани во Босна. Наместо да ги учи за верите од доктринарен поглед, како што е во традиционалните верски одделенија за ученици од посебна вера, овој предмет ги поканува и учи сите ученици да истражуваат за четирите вери преку часови за историја, култура и општество. Овој пристап е непристрасен и служи како мерка за градење доверба кој бара на преден план да биде верската толеранција и разбирање. Негова цел е да ги редуцира недоразбирањата и конфликтите кои произлегуваат поради недостаток на знаења за верата на другите луѓе и култури, со тоа што ја снабдува идната генерација со основните знаења за културата и историјата на верата на другите.
Доколку настојуваме да се приклучиме кон Европската унија, можеби би било добро да се осврнеме на искуствата од земји членки на унијата. Како добар пример ќе ја издвоиме и Словенија, во која, наставниот план вклучува социјални науки во рамки на 4 и 5 одделение, и секако по препораките на меѓународните организации, граѓанско образование и етика во 7 и 8 одделение.
Треба ли да се оди подалеку во споредбената анализа, имајќи ги во предвид овие примери?!
6. Заклучок
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравува Одлуката на Уставниот суд со која повторно се укина веронауката во основното образование, бидејќи единствен заклучок кој би можел да се извлече од волунтаризмот на Владата на РМ и Министерството за образование и наука при ваквите промени е фактот дека воопшто не се почитувала претходната Одлука на Судот од 2003 година, како што е тоа и сега случај со организирањето протести од страна на владини организации и членови и против оваа Одлука. Воведувањето на Веронауката во образованието, имајќи го во предвид начинот на кој тоа беше сторено, во никој случај немаше да биде алатка која ќе придонесе кон подобар меѓу-културен дијалог, туку единствено причина повеќе за интензивирање на верските недоразбирања, нетолеранција и конфликти.
Наместо да воведува нови предмети без наставници и без учебници, Министерството за образование и наука би требало да се зафати со еден продлабочен, подолготраен и внимателен проект за анализа на потребите за реформи кои ја засегаат работата со компјутери, странски јазици, технолошка култура, претприемништво и социјални вештини. Само на тој начин може да им се овозможи на децата и младите образование кое ќе ги негува и унапредува нивните капацитети, ќе ги почитува нивните интереси и склоности и ќе им понуди можности да направат избор и да се реализираат себеси преку воспитно – образовните процеси. Во тој процес да ја вклучи севкупната стручна и поширока јавност; интересите на децата и нивната возраст да бидат на преден план, да придонесе најпрвин кон учење кое промовира знаење и разбирање, а не да промовира посебна религија или вера; соодветно на меѓународните препораки да се залага за претставување на суштинското, а не длабинско значење на различните вери; способност за поврзување на прашањето за верата со пошироките прашања за човековите права и промоција на мирот...можеме да одиме во недоглед, но само една работа треба да се има на ум, а тоа е фактот дека историското и филозофското запознавање со религиите се врши само како средство за зајакнување на човековите права и слободи, особено слободата на верата и убедувањето, како и дека недостатокот на почит за верските разлики водат до екстремни насилства во минатото, и во врска со ова, да се има предвид важноста на улогата на човекот во заземањето активна улога во заштитата на правата на другите, а не како причинител на конфликти.
24.04.2009
--------------------------------------------------------------------------------
[1] У.број 42/2003-0-0 од 05.11.2003 година: „Тргнувајќи од уставната гаранција за слободата на верското уверување, слободата на вероисповеста, како и од принципот за одвоеност на државата од верските заедници и религиозни групи, произлегува дека ниту државата, ниту нејзините органи со свои акти и дејствија не можат во рамките на институциите или надвор од нив на граѓаните на Република Македонија да им наметнуваат верско дејствување во било каков вид и форма. Државата и нејзините органи во своето делување без исклучок мораат да задржат неутралност, а со цел граѓанинот слободно да може да се определи дали ќе прифати или нема да прифати одредена вера, дали ќе ја исповеда или нема да ја исповеда, дали ќе учествува или нема да учествува во верски обреди. Тука би припаднала и слободата на определувањето дали граѓанинот ќе ги изучува светите книги на религиозната група на која и припаѓа, како и на други религиозни групи. Сите наведени делувања во правец на верско определување или само запознавање со религијата на било која религиозна група преку изучување на верските книги, според изнесениот уставен концепт, граѓанинот има можност да ги реализира во рамките на верските заедници и религиозни групи и надвор од нив, според амандманот VII точка 2 , но не и во рамките на државните органи или државните училишта како јавни институции“. |