април 5, 2013

Дискриминираните не добиваат навремена заштита

Мрежата за заштита од дискриминација* во овој момент има 14 активни предмети кои се поведени пред Комисијата за заштита од дискриминација (Комисијата), од кои на дури 8 предмети им е истечен рокот од 3 месеци во кои Комисијата треба да одлучи дали постои дискриминација. Рокот за постапување истекува за една неделa и во останатите 6 активни предмети кои ги води оваа мрежа. Ваквата состојба на неефикасно работење на Комисијата отвора дилеми во врска со ефикасноста на механизимите кои би требало да ги штитат граѓаните кога тие се дискриминирани.

Еден од најстарите предмети што оваа мрежа го поведе пред Комисијата е случајот за сегрегација на учениците Роми во Битола. Иако претставката за овој случај беше поднесена во месец април 2011 година, Комисијата и по изминувањето на 2 години се нема изјаснето дали препраќањето на децата Роми во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, со образложение дека нема место за нив во основните училишта во кои тие првенствено аплицирале, преставува форма на дискриминација.

Понатаму, индикативно е тоа што Комисијата се нема изјаснето за два активни случаи против дневниот весник „Вечер“, за кој мрежата преку своите претставки укажува на водење хомофобична уредничка политика од страна на овој весник, што, пак, според мрежата, резултира со вознемирување како форма на дискриминација. Исто така, Комисијата и по приближно една година нема постапено по претставка против ТВ Сител за објавување на прилог кој ги дискриминира лицата со хомосексуална ориентација.

Наспроти ваквата игнорантска политика кон поплаките за присутност на хомофобични содржини во македонскиот медиумски етер, Комисијата во 2011 година речиси експресно ја отфрли претставката против „Вечер“, бидејќи рокот за поднесување на претставка бил наводно истечен. Оваа одлука е спротивна на случајот со хомофобичната содржина во учебникот по педагогија, за кој Комисијата постапуваше и даде мислење дека постои дискриминација со образложение дека иако рокот е истечен, спорниот текст е се уште активен и предизвикува дискриминација. Комисијата, значи, не води воедначена и континутирана политика во смисла на почитување на роковите и примена на законот.

Роковите за утврдување дискриминација се истечени и во случаите кои мрежата ги поведе против четири здравствени институции. На четири лица им бил отежнат и оневозможен патот до остварување на здравствените права, при што лицата претрпеле повреда на личниот интегритет, поради својата етничка припадност, зависност од опијати и поради здравствената состојба – носител на вирусот ХИВ.

Дискриминацијата врз маргинализираните заедници, и врз граѓаните воопшто, може да има големи последици врз начинот на кој тие ги остваруваат своите права, како и последици врз квалитетот на животот воопшто. Затоа, Комисијата за заштита од дискриминација треба навремено и ефикасно да постапува по претставките и со тоа да ја намали штетата од сторената дискриминација.

Соопштението може да се преземе на следниов линк


*Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна на следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); РОМА С.О.С. Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.