Corner Соопштенија

Поднесени кривични пријави за нападните над ЛГБТИ Центарот за поддршка 16 Октомври 2013

Мрежата за заштита од дискриминација* го осудува молкот на институциите кон злосторствата сторени од омраза и заканите врз ЛГБТИ луѓето и активстите кои се случуваат во континуитет подолго време. Имено, почнувајќи од повеќекратните напади на Центарот за поддршка, нападот врз присутните во ЛГБТИ Центарот за време на “Неделата на гордоста”, нападите во Битола  врз активисти кои се борат за правата на ЛГБТИ луѓето, хомофобичните закани по социјалните мрежи, претепувањето на две момчиња во центарот на Скопје, вклучувајќи го и нападот на домот на актерот кој јавно проговори за својата сексуална ориентација.

Како резултат на молкот на институциитево однос на нападите на ЛГБТИ центарот за поддршка, Мрежата за заштита од дискриминација на ден 08.10.2013 поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство - Скопје. Кривичните пријави се поднесени против непознати лица поради постоење на основано сомнение дека покрај останатите, ги сториле и кривичните дела „Насилство“, „Расна и друга дискриминација“, „Повреда на рамноправноста на граѓаните“ како и „Предизвикување општа опасност“. 

Од првиот напад на ЛГБТИ Центарот за поддршка веќе е измината цела година, додека во јавноста сè уште нема одговор дали надлежните институции презеле мерки за откривање на сторителите и дали е покрената постапка со која сторителите би се повикале на одговорност.

Единствениот случај каде ЛГБТИ Центарот за поддршка беше нападнат и за кој институциите брзо реагираа е нападот од 2-ри Март. Мрежата ја поздравува Пресудата на Основниот Суд Скопје 1 со која напаѓачите на Центарот се прогласени за виновни за делото „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело‘‘. При носењето на одлуката за висината и времетраењето на казната за сторителите на делото, судот ги зеде предвид отежнувачките околности за кривични дела сторени од омраза по основ на национално и социјално потекло, политичко и верско убедување, полот, расата или бојата на кожата избегнувајќи да ги вклучи или да ги препознае основите сексуална ориентација и родов идентитет како мотив за стореното дело.

Нападите од страна на сторителите предизвикаа значителна опасност по животот и телото на присутните во Центарот, повреда на рамноправноста на граѓаните и диксриминација (врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет). Како резултат на ова, беа повредени личниот и моралниот интегритет, достоинството и угледот на ЛГБТИ лицата.

Мрежата ги повикува надлежните институции, вклучително и Јавното обвинителство да ги истражи и останатите случаи на насилство и злосторства сторени од омраза, земајќи ја во предвид горе споменатата пресуда на Основниот суд Скопје 1, во однос на отежнувачките околности при одмерување на казната. 

Мрежата исто така повикува конечно да почнат да се применуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права, во кои е јасно наведено дека „сексуалната ориентација како фундаметална карактеристика на една личност, треба да се третира на ист начин како и категориите раса, етницитет и религија, кои најчесто се покриени со закони за санкционирање на говор на омраза и насилство од омраза“. 

Сметаме дека институциите мораат да ги препознаваат сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за насилство и дискриминација, со што конечно ЛГБТИ заедницата ќе добие заштита и поддршка од институциите кои треба да ги штитат правата на сите граѓани и превентивно ќе делува во иднина вакво насилство да не се повтори. 


*Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна на следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС - Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); РОМА С.О.С. Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - ПОРАКА.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo