Corner Соопштенија

Универзален периодичен преглед на ОН за човековите права во Македонија 30 Јануари 2014

Денес, од 14:30 до 18:00 часот, Советот за човекови права при ООН ќе одржи седница во Женева на која ќе расправа за состојбата со човековите права во Република Македонија. Седницата ќе се емитува во живо на: http://webtv.un.org.  Расправата ќе се одвива во рамките на новиот механизам наречен „Универзален периодичен преглед“ преку кој се испитува почитувањето на човековите права во сите 193 членки на ООН. Во 2009 година, за време на првиот преглед, Република Македонија прифати и се обврза да спроведе 42 препораки упатени од страна на 30 членки на ООН. За време на денешната седница, државата ќе биде претставувана од страна на Игор Џундев од Министерството за надворешни работи. Господинот Џундев ќе извести за преземените активности за спроведување на прифатените препораки и ќе одговара на прашања поставени од страна на делегати од земјите членки на ООН. Извештајот од седницата, во кој ќе бидат вклучени и нови препораки за државата, ќе биде поднесен на усвојување во вторник, 4 февруари, од 16:30 до 18:00 часот.

По добиените препораки од 2009 година, Хелсиншкиот комитет одблиску ги следеше активностите за исполнување на преземените обврски. Покрај активно учество на консултативните седници организирани од страна на државата, Комитетот (во рамките на 3 коалиции составени од над 20 здруженија на граѓани)*  работеше на независни извештаи за реалните состојби со човековите права во Македонија. Во 2013 година, извештаите беа доставени до Канцеларијата на Високиот претставник на ООН за човекови права, а претставник на Хелсиншкиот комитет презентираше дел од наодите за време на подготвителната седница за Универзалниот периодичен преглед во Женева. Извештаите се дистрибуирани и до голем број на држави членки на ООН и се очекува да бидат користени од страна на нивните делегати за време на денешната седница. 

Иако според извештајот на државата се добива впечаток дека најголемиот дел од препораките се спроведени, здруженијата на граѓани во споменатите коалиции се согласни дека генерално постои застој во унапредувањето на состојбата со човековите права во Македонија. Особено загрижувачки е фактот што споредено со 2009 година, дополнително е загрозено уживањето на  основните права и слободи од страна на граѓаните во областите: слобода на медиуми, независно судство, сиромаштија, образование, права на деца и жени, семејно насилство, ЛГБТ заедница, избори, услови во затвори и притвори, и вербалните и физички напади врз граѓански активисти и бранители на човекови права. Сите овие теми се очекува да се најдат на дневен ред на денешната седницата на Советот за човекови права при ООН во Женева.


Хелсиншки комитет, ЛГБТИ Центар за поддршка, Фондација отворено општество, ЗНМ, КХАМ, Асоцијација за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Цивил, Коалиција „Сите за правично судење“, Меѓаши, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“,  ХЕРА, ХОПС, Институт за човекови права, Избор, Млади правници, Национален ромски центар, НВО Инфоцентар, Ла Страда, Реактор, Порака, Рома СОС, Ромски ресурсен центар и МОФ.  

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo