Corner Соопштенија

Утврдено вознемирување по основ на сексуална ориентација 07 Мај 2014

Комисијата за заштита од дискриминација во своето мислење по поднесената претставка против учебниците Медицинска Психологија и Психијатрија том 1 и том 2, утврди дека постои вознемирување по основ на сексуална ориентација. Претставката е пратена од организациите на Мрежата за заштита од дискриминација, која работи на тестирање на имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација. 

Се работи за три учебници кои се користат во високото образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” како психолошко-психијатриска стручна литература за студентите по медицина, психологија и други сродни студии. Учебниците содржат хомофобична содржина која хомосексуалноста ја претставува како ментално растројство, инверзија на сексуалниот нагон, се дефинира „нормална сексуална активност“ како сексуална активност на лица од различни полови итн. 

Во Медицинската Психологија дури е напишано: “Во Кривичниот закон на Македонија се уште егзистира и е казнив противправниот блуд меѓу машките лица“, иако учебникот е издаден 2004 година, а хомосексуалноста е декриминализирана со Кривичниот закон од 1996 година. 

Во современата научна мисла под сексуална ориентација се признати хомосексуалноста, хетеросексуалноста и бисексуалноста (додека во повеќе научни трудови се зборува и за асексуалноста). Меѓународна статистичка класификација на болести и здравствени проблеми на Светската здравствена организација (МКБ-10 ревизија), како и Дијагностички и статистички прирачник на ментални растројства (ДСМ IV- ТР), како најрелевантни извори ја имаат исфрлено сексуалната ориентација како ментално растројство уште во 1987 година, со што во МКБ-10 ревизија пишува дека “Сексуалната ориентација, сама по себе, не треба да се смета за растројство.” Комисијата дава препорака да се отстранат и исфрлат од употреба посочените делови од учебниците, додека во образложението наведува дека во своите изјаснувања повеќето од авторите на учебниците се извинуваат за настанатите грешки во посочениот текст.

Ја поздравуваме одлуката на Комисијата, како и извинувањата на авторите. Се надеваме дека Комисијата ќе утврди дискриминација по основ на сексуална ориентација и родов идентитет и во останатите учебници со слична содржина.Сакаме да посочиме дека не е доволно да се отстрани хомофобичната содржина, туку е потребно истата да се замени со содржина согласно современата научна мисла. Игнорирањето на хомосексуалноста во стручна литература во која се зборува за сексуалноста е исто така проекција на хомофобичен став, бидејќи со тоа не се признава постоењето на ЛГБТИ заедницата.

ЛИЦЕ ЗА КОНТАКТ • Драгана Дрндаревска, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ • ++ 389 23 214 269 • ++389 78 200 675


Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна а следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС - Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); Ромска Oрганизација за Mултикултурна Aфирмација РОМА С.О.С. - Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - ПОРАКА.Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo