Corner Соопштенија

Виновниците за смртта на Тамара Димовска да поднесат одговорност! 09 Февруари 2015

Хелсиншкиот комитет е потресен од веста за смртта на малолетната Тамара Димовска, која неполна година чекаше позитивен одговор од Фондот за здравствено осигурување за да се лекува во странство, поради тежок деформитет на рбетот. Според мислењето на Хелсиншкиот комитет малолетната Тамара е директна жртва на неефикасниот систем на здравствена заштита и немањето волја овој случај да добие позитивна разрешница од страна на Фондот за здравствено осигурување. Целокупната јавност месеци наназад беше известувана преку медиумите за случајот со цел да се предизвика ефективна реакција од страна на Фондот за здравствено осигурување, со оглед дека медицинските наоди покажуваа сериозно влошување на нејзината здравстевна состојба, која може да доведе и до смртни последици, доколку не се делува оперативно. 

Хелсиншкиот комитет постапувајќи во случајот достави барање за информации до Фондот за здравствено осигурување и инсистираше на образложение за причините поради кои се игнорира конзилијарното мислење на ЈЗУ - Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар во Скопје во кое беше констатирано дека не постои можност да се спроведе соодветно лекување во нашите здравствени установи, а заради тежината на деформитетот и специфичната тежина на предложениот оперативен зафат и притоа се донесе негативно решение за лекување на Тамара во странство. Од документацијата која беше доставена до Хелсиншкиот комитет можеше да се утврди дека Фондот за здравствено осигурување се обратил и до специјалните болници по хируршки болести во државава, но ниту една од нив не се нафатила да го изврши оперативниот зафат. Хелсиншкиот комитет не доби одговор на барањата за информации, ниту пак доби можност да оствари средба со одговорните лица во Фондот. 

Имајќи ги предвид последиците од ваквиот однос на Фондот и Министерството за здравство кон животот на едно дете, Хелсиншкиот комитет повторно прашува  зошто беше ветувано дека на Тамара ќе и биде овозможено лекување во странство, а тоа никогаш не се случи? Имајќи ја предвид влошената здравствена состојба на Тамара, зошто се оддолжуваше постапката и не се донесе конечно позитивно решение? За Хелсиншкиот комитет не постојат никакви дилеми за одговорноста во случајот од страна на Фондот за здравствено здравствено осигурување и Министерството за здравство. Од тие причини, доколку не биде преземена одговорност од страна на раководните лица во овие институции Хелсиншкиот комитет ќе поднесе кривични пријави протов директорката и членовите на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување за несовесно работење во службата, а доколку постои согласност од страна на родителите ќе биде поднесен предлог за кривично гонење против одговорните лица во Министерството за здравство.  


Повеќе информации за случајот на Тамара Димовска можете да дознаете од емисијата Процес на НОВА ТВ од 15 јануари 2015 година за време на која правната советничка на Хелсиншкиот комитет Христина Шулевска и мајката на Тамара зборуваат за бирократски лавиринти во кои беше втурнато семејството Димовски. 


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo