Corner Соопштенија

Јавен повик до ЈП Македонски железници и Влада на РМ 30 Октомври 2015

ЈП Македонски железници АД Транспорт во краток временски период два пати направи корекција на цената на билетот за бегалци кои транзитираат низ Македонија. Цената на секој поединечен билет за овие корисници е 25 евра и таа е за 3,5 пати повисока од  редовната цена на билетот кој изнесува околу 7 евра. Редовните попусти за деца, семејства и групи не се применуваат.[1] Јавното претпријатие со оваа одлука ги повредува уставно гарантираните права на луѓето кои транзитираат низ Македонија, меѓународната Конвенција за статусот на бегалците на ООН од 1951 и нејзиниот придружен протокол од 1967 за статусот на бегалците, ратификувани по пат на сукцесија во 1994 г. од страна на Собранието на РМ.

Со покачувањето на цената на билети за бегалците, ЈП Македонски железници воведе практика на нееднаков третман кон бегалците и ги повреди правата содржани во член 29 став 1 од Уставот на РМ кој гласи: „Странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори“.  Железничкиот превоз е јавен превоз, а согласно член 3 став 1 точка 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, јавниот превоз е достапен под еднакви услови за сите корисницивклучувајќи ги и странците кои престојуваат или транзитираат низ државата. Исто така во согласност со член 16 став 2 од Закон за азил и привремена заштита, странецот при искажување намера за азил има право во рок од 72 часа да побара право на азил или да ја напушти државата, што значи дека има еднакво право да користи јавен превоз како и граѓанинот на РМ. Членот 29 од  Конвенцијата за статусот на бегалци ги обврзува договорните страни/државите дека нема да им наметнуваат на бегалците обврски, давачки или даноци, од секаков вид, вклучувајќи, други или повисоки од оние кои се или можат да бидат наметнати на нивните државјани во слични ситуации.

Против одлуката на ЈП Македонски железници застанаа волонтери, активисти, граѓанските организации и медиуми. Народниот правобранител упати препорака за отстранување на нееднаквиот третман и намалување на цената на билетот согласно редовните цени. ЈП Македонски железници образложија дека причина за зголемувањето на цената на билетите за бегалците се зголемените трошоците предизвикани од напливот на патници. За жал, јавноста не доби образложение зошто со зголемувањето на цената на билетите пропорционално не ги унапреди и услугите кои ги нуди. Дополнително, јавно претпријатието не ја објасни оправданоста да профитира од дополнителниот финансиски товар на бегалците.

ЈП Македонски железници и Владата на РМ се должни пред јавноста да одговорат на следните прашања:

1.  Зошто ЈП Македонски железници го прекршува на членот 29 став 1 од Уставот на Република Македонија и правата на бегалците воведувајќи нееднаков третман при давање добра и услуги?

2.  Зошто Одлуката за корекција на цената, за која раководството на ЈП Македонски железници изјави дека е законски направена, се´уште не е достапна за јавноста?[2]

3.  Кои законски можности ги користи ЈП Македонски железници за да може секојдневно да врши неконтролирана готовинска наплата на ефективни странски пари на странски државјани?[3]

4.  Дали надлежните институции и тела извршиле или ќе извршат надзор врз финансиското работење на ЈП Македонски железници за наплата на добра и услуги без издавање на фискална сметка и одобрен фискален апарат што е прекршок согласно член 21-б став од Законот за регистрирање на готовински плаќања; [4]

5.  Дали, каде и на каков начин  ќе биде регистриран прометот и приходите од овие готовински девизни плаќања кои јавното претпријатие ги остварува и дали истите се остварени согласно законските прописи и условите за готовински девизни плаќања за јавни претпријатија  пропишани од Народната банка на РМ?

Согласно горенаведеното, бараме:

·  Бегалците кои транзитираат низ Македонија да не бидат дискриминирани и дополнително финансиски оптоварени со екстремно високи цени за користење на услугите од јавниот превоз.

·  Доколку не е можно целосно ослободување од обврската за плаќање превоз во транзит, бараме итно намалување на цените на билетите и нивно изедначување со цените предвидени за граѓаните на Република Македонија.

·  Надлежните институции да извршат надзор над финансиското работење на едно од најголемите државни претпријатија кое со неоправданото зголемување на цените за јавен превоз за бегалцитево јавноста ги зголемува сомнежите дека профитира на маката и страдањето на луѓето кои транзитираат низ државата.



[1] Повластици за превоз на патници во внатрешен патнички сообраќај http://www.mztransportad.com.mk/dokumenti/DZEPNO%2014-15.pdf стр. 15.

[2] Интервју со заменичката на Народниот правобранител Васка Бајрамова Мустафова во кој изразува сомнеж за постоење на Одлуката која е побарана и не е доставена до канцеларијата на НП.  http://plusinfo.mk/vest/40893/poskapite-bileti-za-migrantite-se-diskriminacija

[3]Законот за девизно работење, член 56-а, став 20 за плаќање и наплата на ефективни странски пари во трансакции со нерезиденти спротивно на начинот и условите пропишани од Народната банка на Република Македонија (член 27) имајќи предвид дека наплатата  на билетите се врши во евра.

[4] Законот за регистрирање на готовински плаќања без исклучок ги обврзура сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и услуги за кој плаќањето не се врши по банкарски пат, се должни да користат одобрен фискален апарат и издаваат фискална сметка. Согласно член 21-б став два и триЈП Македонски Железници за секоја неиздадена фискална сметка треба да плати глоба од 5,000 евра и  глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговецот поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговецот поединец за прекршокот од ставот (1) на овој член. Глоба во износ 500 до 750 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник - физичко лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo