Corner Соопштенија

Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура 26 Јуни 2016

Денес, 26 јуни, сe одбележува меѓународниот ден за поддршка на жртвите од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување. Во своето обраќање до нациите, генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун порача „Правото е кристално јасно: мачењето е недозволено во било кое време и под било кои услови, вклучително и за време на конфликт или кога постои опасност за националната безбедност. На овој Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура, ја изразуваме нашата солидарност и поддршка кон стотиците илјади жртви на тортура и нивните семејства низ светот“.

Во текот на 2015 година, Европскиот суд за човекови права донесе рекордни 5 пресуди против Р. Македонија што се однесуваат на член 3 од Европската конвенција за човекови права – Забрана на мачење.[1] Во сите пресуди се работи за тортура извршена од страна на државни службеници, но и покрај тоа што овие случаи биле пријавени во обвинителствата, за нив или воопшто немало никаква истрага или истрагата била целосно неефективна. Хелсиншкиот комитет во последните три години има регистрирано дузина слични случаи за кои обвинителствата не спроведуваат ефективна истрага или државата не ја надоместува штетата. Дел од овие примери се брутално нападнатиот граѓанин на улица во Охрид од страна на полицијата,[2] осуденото лице кое по напад на затворски полицаец изгуби еден бубрег и слезината,[3] нападот на голем број полициски сили против граѓани од ромската заедница во населбата Топаана,[4] претепувањето на невино момче во Полициската станица во Демир Хисар,[5] тепањето на малолетни деца Роми од страна на Полициската единица „Алфа“,[6] врзувањето со јаже на малолетниот Леон погрешно сместен во установа за лица со телесна попреченост[7] и употребата на загадена вода во Затворот „Куманово“.[8]

Во текот на март 2016 година, Хелсиншкиот комитет испрати 49 барања за информација во врска со заведени предмети по кои основните јавни обвинителства и судовите постапувале по кривичните дела Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување (предвидена затворска казна од 3 до 20 години) и Малтретирање во вршење на службата (предвидена затворска казна од 1 до 5 години) за периодот од 2009 до 2015 година. Беа добиени повратни информации од 21 (од вкупно 26) суд и 20 (од вкупно 23) основни јавни обвинителства. Според добиените одговори од судовите, за период од шест години, тие постапувале по 22 предмета поврзани со тортура и по 56 предмети поврзани со малтретирање. За кривичното дело тортура немало ниту една осудителна пресуда со која некој бил осуден на затворска казна. Биле донесени само осум пресуди со условна осуда, како алтернативна мерка. Што се однесува до кривичното дело малтретирање во вршење на службата, била донесена само една пресуда со утврдена затворска казна (шест месеци) и 16 пресуди со условна осуда. Основните јавни обвинителства постапувале по 32 предмети за тортура. Само во седум од нив имало истрага и било поднесено обвинение. За малтретирање во вршење на службата обвинителствата постапувале во 138 предмети, истрага имало за 30, а обвинение било поднесено во 22 предмета.

Хелсиншкиот комитет се приклучува кон одбележувањето на овој меѓународен ден и упатува апел до властите конечно да го препознаат постоењето на тортурата и да развијат политики за заштита од овој варварски чин. Властите мораат да спроведат политика на нулта толеранција за акти на тортура од страна на службени лица. Крајно време е да се соочиме со феноменот на неказнивост и солидаризирање на јавните обвинителства и судовите со полицијата. Главниот фокус мора да се насочи кон жртвите на тортура за кои државата сè уште не обезбедува соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка.


[1] Аслани против Македонија (Жалба бр. 24058/13), Хајрулаху против Македонија (Жалба бр. 37537/07), Андоновски против Македонија (Жалба бр. 24312/10), Китановски против Македонија (Жалба бр. 15191/12) и Илиевска против Македонија (Жалба бр. 20136/11).

[2] Хелсиншки комитет, Квартален извештај (април-јуни 2013): http://www.mhc.org.mk/reports/145.

[3]Ibid.

[4]Ibid.

[5] Хелсиншки комитет, Двомесечен извештај (јули-август 2013): http://www.mhc.org.mk/reports/149.

[6] Хелсиншки комитет, Двомесечен извештај (април-мај 2014): http://www.mhc.org.mk/reports/219.

[7] Хелсиншки комитет, Месечен извештај – јуни 2014 година: http://www.mhc.org.mk/reports/237.

[8] Хелсиншки комитет, 20 октомври 2014 година: http://www.mhc.org.mk/announcements/254.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo