Corner Соопштенија

Повик за подготвување на анализа 12 Септември 2016

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество во креирање политики за социјална кохезија и различности" објавува повик за изработка на анализа заснована на истражувачки прикази и документи за јавни политики, со препораки што ќе ја унапредат грижата за лицата со физичка попреченост.

Во продолжение може да ги прочитате условите за пријавување на повикот

Право да учествуваат на овој повик имаат тимови на организации и/или индивидуалци кои мора да бидат составени од 4 членови – 1 главен експерт и 3 истражувачи.

ПОВИК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

за подготовка на анализа  за лицата со физичка попреченост во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество во креирање политики за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје

Општи информации

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество во креирање политики за социјална кохезија и различности” објавува повик за изработка на анализа заснована на истражувачки прикази и документи за јавни политики, со препораки што ќе ја унапредат грижата за лицата со физичка попреченост. 

Цел на проектот е да се поддржи развој на политики и пракса  за социјална кохезија на ранливите групи и да се подобри пристапот до правда на ранливите групи. Проектот ќе обезбеди факти и докази за состојбата со одредени ранливи групи и ќе придонесе кон покренување на јавната свест за пристапот до услуги за овие групи, придонесувајќи на тој начин кон подобрување на нивната социјална и правна заштита. Исто така, проектот ќе обезбеди правна помош за жртвите на дискриминација со цел да се подобри пристапот до правдата за ранливите групи.

Области кои треба да бидат опфатени со анализата на јавните политики

Анализата  треба да претставува холистички, сеопфатен и систематичен осврт на регулативата и праксата,   што ќе обезбеди податоци и докази од кои ќе произлезат конкретни препораки за подобрување на јавните политики за лицата со физичка попреченост во следниве области:

Област: Образование на лица со физичка попреченост

•Анализа на националната и избрана меѓународната правна регулатива и нивната комплементарност

•Пристап на лицата со физичка попреченост до образовните институции и системот на образование

Област: Социјална заштита на лица со физичка попреченост

•Анализа на националната и меѓународната правна регулатива во областа на социјалната заштита, пристапот до вработување на лицата со физичка попреченост и нiвната комплементарност

•Мапирање и анализа на работата на социјални установи за згрижување и рехабилитација на лица со физичка попреченост

•Пристап на лицата со физичка попреченост до институциите во системот на социјална заштита 

Област: Здравствена заштита на лица со физичка попреченост

•Анализа на националната и меѓународната правна регулатива во областа на здравствената заштита на лицата со физичка попреченост и нивната комплементарност

•Пристап на лицата со физичка попреченост до здравствените институции

Анализата треба да даде податоци и докази од кои ќе произлезат конкретни препораки за подобрување на јавните политики за лицата со физичка попреченост и во однос на нивниот квалитет на живот – пристап кон услугите, јавен транспорт, културен живот,семејство. 

Една од алатките кои ќе се користат за собирање на податоци се и интервјуа и фокус групи со лица со физичка попреченост, граѓански организации кои работат со лица со физичка попреченост и државни институции.

Јавни дебати/конференции 

Истражувачите ќе имаат обврска наодите од истражувањето и документите за јавните политики поддржани со докази да ги презентираат на јавни дебати/конференции организирани од страна Хелсиншкиот комитет за човекови права. 

Насоки за формирање на тимовите

Право да учествуваат на овој повик имаат тимови на организации и/или индивидуалци, кои мора да бидат составени од 4 членови – 1 главен експерт и 3 истражувачи.

Кандидатите за позицијата главен експерт треба да ги исполнуваат следниве критериуми: 

-Завршено високо образование 

-Работно искуство во областа на недискриминација, маргинализирани групи, лица со физичка попреченост, социјална инклузија и кохезија.

-Познавање на меѓународните стандарди за недискриминација, маргинализирани групи, лица со физичка попреченост, социјална инклузија и кохезија.

-Работно искуство од најмалку 5  години во подготовка на методологии за истражувања/анализи.

-Работно искуство од најмалку 5  години во спроведување на истражувања/анализи.

Работни задачи:

-Изработка на методологија за истражувањето/анализата.

-Изработка на прашалници за фокус групите.

-Спроведување на фокус групите.

-Одржување на состаноци со државни институции.

-Обработка на податоци.

-Истражување на домашната и меѓународната правна регулатива.

-Подготовка на анализата.

-Презентација на анализата на јавни дебати.

-Комуникација со истражувачите и државните институции.

-Комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Кандидатите за позицијата истражувач/аналитичар треба да ги исполнуваат следниве критериуми: 

-Завршено високо образование.

-Учество во изработка на анализи.

-Искуство во спорведување на фокус групи.

-Искуство во изготвување на студии на случаи за ранливи и маргинализирани групи.

Како предност ќе се смета работно искуство во областа на недискриминација, маргинализирани групи, лица со физичка попреченост, социјална инклузија и кохезија и директен контакт со лица со физичка попреченост.

Работни задачи: 

-Подготовка на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

-Спроведување интервјуира на лица од ранливи групи (лица со физичка попреченост).

-Спроведување интервјуа на граѓански организации кои директно работат со лица со физичка попреченост.

-Организирање и спроведување фокус групи.

-Собирање на податоците од фокус групите и интервјуата.

-Комуникација со главниот експертот кој ќе го подготвува истражувањето/анализата.

-Подготовка на студии на случаи

-Комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.  

Поттикнуваме формирање на тимови од различни организации. При предложување на тимовите се очекува јасно дефинирање на нивните улоги при подготовка на истражувањето и документите за јавна политика, како и нивно презентирање во јавноста.  

Етички напомени

Истражувачите се обврзуваат коректно да ги наведуваат изворите на податоци во истражувањето. Во случаи на плагијаризам, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ги раскине склучените договори и ќе бара поврат на средствата уплатени за истражувањето.

Спроведување на активностите

За спроведување на активностите од овој повик се предвидени надоместоци во вкупен износ од 678.156,00 денари. Исплаќањето ќе се врши во квартални периоди, од кои последниот е по завршувањето на финалната анализа. Останатите активности поврзани со спроведувањето на анализата (патни трошоци за интервјуа, фокус групи итн.) ќе бидат надоместени од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права. 

Финалната анализа треба да биде изготвена до 15.04.2017 година. 

Предлог временска рамка на активностите во проектот:

27 септември 2016 годинаИзбор на кандидатите и потпишување на договорите

октомври 2016 -  декември 2016 годинаСпроведување интервјуа со лица со физичка попреченост, граѓански организации кои работат со лица со физичка попреченост и државни институции

ноември 2016 – декември 2016 Спроведување 4 фокус групи 

јануари 2017 – 15 април 2017  Изработка на анализата и доставување на финалниот производ до МХК

мај 2016 годинаУчество на конференција/јавни дебати за презентирање на истражувањето

вештини)

Хелсиншкиот комитет со истражувачите/организациите ќе потпише договор во кој ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски. Исплатата на надоместоците ќе се врши директно на ангажираните лица. 

Начин на пријавување и избор

За пријавување за учество тимовите треба да достават:

-професионална биографија со вклучени референци за претходни истражувања на сите членови на тимот со јасно дефинирани улоги согласно точка 4 од овој повик

-предлог на методологија за спроведување на истражувањето и подготовка на документите за јавни политики 

-предлог на акционен план

-предлог за изменета временска рамка за спроведување на истражувањето која нема да го надминува крајниот рок за поднесување на конечниот извештај

Документите за пријавување ве молиме да ги доставите на е-маил адресата helkom@mhc.org.mk  најдоцна до 25 септември 2016 година. За дополнителни прашања Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведената меил адреса, како и телефонскиот број 02/3119-073. Изборот на авторите ќе се врши врз основа на искуството, понудената методологија и акционен план од страна на кандидатите.

За заинтересираните кандидати МХК организира отворен ден за прашања и одговори поврзани со овој повик на 22 септември (четврток) од 11-13 часот во просториите на МХК/ЛГБТИ Центар за поддршка на ул.Наум Наумовски Борче 83, 1000 Скопје, Република Македонија. Пријавување е задолжително и ве молиме да го најавите на телефонскиот број +389 77 699 411 и на мејл адресата neda.calovska@mhc.org.mk .

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo