Corner Соопштенија

Колумна: На трудот црн народ 22 Септември 2017

Пишува текстилна работничка од Штип

Рано утро, 06:00. Натиснати како риби во конзерва, без осет како компири во вреќа не возат дотраените автобуси во погоните, на работа, на труд. Ах, пуст да е, пуст да би останал животот кучешки!

Од април па до ноември вообичаено-прекувремена работа, втора смена и до 23:30. Два милиони oбувки годишно, нека ѕвецкаат паричките во газдинскиот џеб, а ние - буај на машините!

Погонот како логор, како робовладетелска латифундија на која работат модерните робови со наведната глава над која виси жолто, штедливо неонско светло дење-ноќе, оти ниту ден ниту ноќ не можеш да видиш дали е, нема прозорци, нема стакло во старите социјалистички производствени погони.

Пристигнуваме на работните места. Нема гардероба. Чуму ни е? Немаме ниту мантили, работна униформа. Од дома си носиме стара облека и во WC-њата или крај машините се пресоблекуваме, ако не се минусни температурите. Оти зиме, кога температурите паѓаат и под нулата, ткн. клима дува да нѐ згрее, ама само промаја прави, па за да се згрееме користиме паралелно две можности. Имено, можеме да не се пресоблекуваме туку да работиме облечени во бунди, зимски палтиња, со шалови, капи и ракавици на рацете за да не ни замрзнат прстите на машините. Повремено и на кратко се грееме крај греалиците што ни е дозволено од дома да си ги донесеме. Тоа е зиме, ама далеку е зимата, сеуште. Лето е, кога истата таа таканаречена клима не лади воопшто туку само го врти воздухот, така што температурите во погон се искачуват и до четириесетиот степен. Ако зиме си носиме греалки, лете сами си купивме вентилатор. И кога на тие горештини ќе се додаде неподносливата смрдеа на лепакот, станува неиздржливо. Ама ние не сме нормални луѓе, ние сме робови, на трудот црн народ. Чинам нормален човек не би прифатил да работи во фабрика во која нема ниту питка вода, туку техничка, која не е за пиење, кога ја има. Оти се случува почесто и да ја нема, па со шишињата вода за пиење што и онака од дома си ги носиме мора да импровизираме казанче, за да извршиме физиолошки потреби во смрдливите WC-a.

Нема ниту кујна. Јадеме на работните места, крај машините и лентите, она што од дома си го носиме, секако. Би било чудо на столетието работодавецот да ни обезбеди оброк, како што не ни обезбедува ниту заштитни маски, ракавици, работна облека. Па рацете ни се офарбани од кожата и колку сакаш трлај ги, бојата останува како белег на нашиот статус и припадност на работничката класа.

Така, кога странска инспекција ги оценуваше условите за работа, кажувајќи ни кој одговор да го заокружиме на анкетата, ни соопшти дека во нашата фабрика сме имале идеални услови за работа. Среќа наша, а какви се лошите услови за работа можеме и да замислиме, па младите луѓе доаѓаат и по месец-два заминуваат. Ним 14.000 плата, нам искусните со над 20 години работен стаж по 11-12.000 и оваа година само 4 дена годишен одмор. К-15, како и лани, не ни се исплати оти фирмата била во загуба.

Не се чуствуваме безбедни на работните места. Од платата ни кратат и за осигурување од несреќен случај, но тоа осигурување важи само за случај на смрт или тежок инвалидитет на работното место. Не ми е познато дали на некој од колегите кои се имаат повредено на работа им е исплатено денар од осигурувањето.

Не се почитува работничкото достоинство, не се цени трудот, ниту личноста на работникот. За работа на празник се плаќа 150 денари. За еден ден боледување или отсуство од работа се крати од плата и по 1500 денари. За месец боледување се исплатува плата под минималната, па може да добиеме и по 6000-7000 денари.

Солидарност? Нема солидарност ниту колегијалност меѓу нас работниците. Секој си гледа самиот за себе. Како ден да мине и еднаш да се дочека пензија. Ако се издржи...

Ете, многу работи недостигаат во нашата фабрика, но затоа пак синдикат има! За фамозниот синдикат секој месец ни се крати од плата за да ги застапува нашите интереси пред работодавецот и да се бори за подобри плати и услови за работа. Со години во синдикатот фигурираат истите луѓе кои работат во интерес на работодавачот. Кога пред неколку години штрајкувавме за плата, синдикалците не убедуваа да се вратиме на работните места. Од преголем револт колега почина додека штрајкувавме.

Ќе поработиме молчешкум уште некој ден неплатена прекувремена работа да ја оправиме фирмата, да не биде во загуба. Кој знае, може до 31 декември ќе ни исплатат и К-15... 


Овој текст е објавен во рамките на проектот „Правно зајакнување на текстилните работнички за самозастапување“ поддржан од Фондацијата Отворено општество - Македонија. Ставовите изразени во тесктот му припаѓаат исклучиво на авторот.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo