Corner Kumtesa

Колумна: Од луѓе за луѓе 26 Dhjetor 2017

Пишува: Ана Голејшка од иницијативата Ретвитни оброк 

Да се биде дел од ретвитни оброк и воопшто да се готви за бездомници и социјално загрозени сограѓани, воопшто не е лесна работа, а истовремено е нешто што го правам без да мислам колку време ми одзема, дека сум исцрпена секој петок навечер, а пак изглегувам, дека јакната по секое готвење ми мириса на храна...

А сѐ започна од еден твит на Твитер што ми го привлече вниманието – фотографија од храна и коментар дека секоја фотка со неизеден оброк, некому можеме да му го „ретвитнеме“. Како мераклија и роден готвач, си реков – зошто да не? Можеме некого да израдуваме и нахраниме. По две и пол години, повторно и повторно истата приказна одново ме освојува. Запознав толку прекрасни луѓе со кои делиме слична идеологија, што мислам дека иницијативата стана и еден вид семејно или барем другарско стебло. Ние едни со други си помагаме, а со тоа им помагаме и на оние што навистина не се во можност да си обезбедат храна. Секогаш кога ќе видам некој питач или бездомник кој чека со отворена рака за ситна паричка, мене ме стегнува срце. Не толку од мака што не можам да му помогнам, туку поради фактот дека тој е исклучен од овој свет што ние го живееме – ние со домови, со топли радијатори, со полни фрижидери. А и тој е човек, и тој имал некогаш желби, соништа. А сега нема ништо. И останува на милоста на случајните минувачи.

Ваквите маргинализирани поединци, во купче се собираат и чекаат оброк секоја сабота на платото на Мајка Тереза. Таму ја делиме храната и навистина е непријатна реалноста во тие мигови. Има луѓе кои буквално само тој ден добиваат пристојно спакуван целосен оброк! И тоа ми е страшно, но си велам дека барем во еден момент тие луѓе се чувствуваат вредни, дека постојат, дека ги има. Системот ги заборавил одамна. Но ние не. И со еден оброк, гледаме да им ја намалиме таа болка. Сите тие луѓе се со секакви судбини. На пример, чичко Ванчо е бездомник, стечаец кој нема ни сини картони за да го лекува своето кревко здравје – продава ситници на канта пазар и доаѓа секој петок кај што готвиме, си муабетиме, му даваме храна и си оди. Во неговите очи и испукани дланки има иста човечност како кај многумина што ги знам. Тој знае што изгубил, знае дека со нас може да биде искрен и му се враќа вербата дека не е сѐ така црно. Храната нѐ поврзува, истовремено ни ја раскажува приказната за сите животи и судбини што останале без дом, без основни средства за живот. И оваа иницијатива немаше никогаш намера да стане популарна, едноставно ја апелираше вредноста на храната и идејата да се сподели со најранливите сограѓани.

Замислете да немате ништо во фрижидер? Го земаме здраво за готово секој недојдаден сендвич! Некои уште се срамат да побараат „да им се спакува за по дома“. Сето тоа е искористена енергија, средства, ресурси. Храната е потреба,но за жал во денешен контекст, за многумина е луксуз. Идејата на ретвитни оброк е да го промени тоа. Да го смени колективниот однос кон храната што е вишок, а може да се редистрибура онаму каде е најпотребен, да се почитува храната, но и поединецот. Наместо да фрламе, можеме да споделиме.

Периодов ни надоаѓаат куп празници, ќе има мнооогу храна, ќе има(те) вишок. Размислете што можете да направите за тие луѓе што секој ден се предизвикани како да го преживеат денот. Ако имате отповеќе дома, споделете со нив. Поддршката во вакви моменти е многу важен социјален фактор, оти некогаш ним им треба и подадена рака и насмевка, не само милостина и лажни ветувања! Вашите стари обувки, чорапи, јакни... Некому ќе му го спасат здравјето и животот оваа зима. И ова не се празни флоскули или барања – ова се основните постулати за грижа за човештвото и солидарноста. Да не се заборавиме. Да не заборавиме – од луѓе за луѓе. Тоа е нашата вредност.

Овој текст е објавен во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-sq Normal___________alb Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-sq Normal_screenshot_2017-10-24_13.29.57