Corner Соопштенија

Јавна расправа во Собранието на тема: Прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминацијата на граничните премини кон граѓаните од ромската етничка заедница 29 Декември 2017

По иницијатива на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и КХАМ Делчево, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија ја одржа Втората седница со следниот дневен ред: Јавна расправа на тема: Прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминацијата на граничните премини кон граѓаните од ромската етничка заедница. Седницата се одржа на 15.12.2017.

Покрај членовите и замениците членови на Комисијата, на седницата беа поканети сите пратеници на Собранието на Република Македонија, претставници на Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, Министерството за правда на Република Македонија, Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација, Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на судската власт, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, Македонското здружение на млади правници, КХАМ Делчево, УНДП, ОБСЕ, НДИ, Европската комисија, како и претставници на НВО секторот од оваа област.

Јавната расправа со воведно обраќање ја отворија: Фадил Зендели, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-народен правобранител.

На темата свои излагања имаа: Зекир Абдулов од КХАМ Делчево, Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници и Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На расправата дискутираа пратениците: Ферид Мухиќ и Мирсада Емини - Асани, како и претставниците на институциите и невладините организации: Сенада Сали од Европскиот центар за права на Ромите, Џелал Хоџиќ од Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Аксел Ахмедовски од КХАМ Делчево, Џенифер Џеладин од Инститот за човекови права и Неда Чаловска Димовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. Прекинување и осудување на праксата на системска дискриминација врз основ на етничката припадност и расното профилирање на Ромите на граничните премини, независно од личните предрасуди и стереотипи на овластените службени лица. Притоа расното профилирање се разбира согласно Општата препорака бр.11 на Европската комисија против расизам и нетолеранција на Советот на Европа и значи „користење од страна на полицијата на основи како што се раса, боја на кожа, религија, националност или национално или етничко потекло при контрола, набљудување или истражни активности, без објективно и разумно оправдување”;

2. Усогласување на националните политики кои се однесуваат на граничните контроли и миграциите со меѓународните стандарди, а посебно судската пракса на Европскиот суд за човекови права;

3. Надградба на нормативата со цел уредување и дефинирање на основи кога може да се спречи излез од државата и соодветна постапка за донесување на образложена одлука во писмена форма во случај кога нема да биде дозволен излез од државата, во согласност со членот 27 став 3 од Уставот на РМ. Со ваква мерка ќе се обезбеди правна сигурност за граѓаните, предвидливост во примената на законите и гарантирање на правото на жалба против ваквата одлука;

4. Обезбедување усогласеност на писмените правилници, протоколи и упатства кои го уредуваат работењето на припадниците на МВР и проценката на ризик со меѓународните стандарди кои забрануваат расно профилирање при вршењето на полициските должности;

5. Обезбедување на ефикасна истрага во случаи на наводна расна дискриминација и расно-мотивирано противправно постапување на полицијата од страна на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи како и јавното обвинителство;

6. Создавање на законски предуслови за остварување на ефикасен пристап до правдата за жртвите на дискриминацијата преку добивање на бесплатна правна помош и системи за поддршка, од страна на државата;

7. Собранието преку надлежните комисии и стручната служба активно да се вклучи во разгледување на прашањето на дискриминација на Ромите на граничните премини со организирање на надзорна расправа, формирање на Анкетна комисија и разгледување на прашањето пред Комитетот за односи меѓу заедниците;

8. Да се измени Законот за полицијата во насока на обезбедување на задолжително носење на идентификација со име и презиме на секое овластено службено лице;

9. Обезбедување на законски услови со кои правото на азил нема да се ограничува арбитрерно од страна на државата и да се прејудицира од 3 страна на овластените службени лица дали некој би има статус на барател на азил или не;

10. Од страна на Министерството за внатрешни работи преку Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди да се преземат активности за јакнење на капацитетите и компетентноста на службените лица за гранична контрола за принципот на недискриминација и расното профилирање преку едукативни содржини и работилници систематизирани во Акциски план;

11. Министерството за внатрешни работи да спроведе истражувања за расното профилирање и да се мониторираат полициските активности со цел идентификување на практиките на расното профилирање, вклучително преку собирање на податоци разделени по дискриминаторски основи за релевантните полициски активности;

12. Промена во јавниот дискурс креиран од повеќе национални медиуми кој создава искривена слика за Ромите како потенцијална опасност за укинување на безвизниот режим во државата. Во таа насока, Министерството за внатрешни работи да пристапи кон изработка и дистрибуција на информативни материјали за правата и обврските на лицата кои ги преминуваат граничните премини, документите потребни за излез, како и механизмите за заштита при повреда на правата од страна на овластените службени лица на граничните премини;

13. Конечно, се препорачува сите надлежни органи и институции и сите други субјекти кои можат да придонесат во надминување на состојбата со расното профилирање на Ромите на граничните премини во државата да покажат иницијатива, посветеност и соработка во насока на реализација на овие препораки;

14. Да се зголеми познавањето на судиите во РМ за правниот систем на ЕУ, различните видови прописи на ЕУ, правното дејство на овие прописи во РМ и нивната применливост во процесот на пристапување на РМ кон ЕУ.


линк до соопштението на Собранието на РМ: https://www.sobranie.mk/2016-2020-srm-ns_article-javna-rasprava-na-tema-prashanjeto-na-ogranicuvanje-na-pravoto-na-slobodno-dvizenje-i-diskriminacija.nspx

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo