Corner Соопштенија

Повик за ангажман на лица за следење на говор на омраза на локално ниво 08 Јануари 2019

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија отпочна со спроведување на проектот “Следење на говор на омраза на локално ниво” финансиран од страна на Фондацијата отворено општество - Македонија.

Главната цел на овој проект е обезбедување на систем за следење на говорот на омраза на локално ниво. Преку спроведување на активностите ќе се обезбедат примарни податоци од терен кои ќе бидат предмет на обработка и нивно објавување во форма на квартални мониторинг извештаи. Новитет во овој концепт е тоа што опфатот ќе се прошири на детектирање и регистрирање на говор на омраза и надвор од социјалните медиуми. Целта е преку системот на следење да се детектираат и другите медиуми преку кои се шири говорот на омраза, но истовремено, да се утврди и изворот. Исто така, фокус ќе се даде и врз следењето на дискурсот помеѓу спортските навивачки групи, настаните од јавен карактер во тие општини, потоа испишувањето на графити (со таква содржина), културно-уметничките настани, итн. Целта е да се обезбеди што поголем опфат на потенцијални извори на говор на омраза и со тоа да се даде појасна слика за овој феномен.

Предмет на ангажманот

Во рамки на проектот ќе се спроведе активност за регистрација на предмети поврзани со говор на омраза на веб платформата www.govornaomraza.mk за периодот јануари, 2019 година до октомври, 2019 година. Оваа веб платформа претставува интерактивна алатка за пријавување на случаи поврзани со говор на омраза од страна на граѓаните (жртва или сведок) и генерирање на статистички податоци на регистрирани пријави.

Со цел зајакнување на следењето на говорот на омраза, Хелсиншкиот комитет за човекови права има потреба од ангажман на три (3) медиумски монитори и три (3) асистенти во три општини во Република Македонија и тоа – Тетово, Штип и Битола. Мониторите и нивните асистенти ќе бидат задолжени да вршат следење и регистрирање на говорот на омраза во медиумскиот простор, вклучително електронски медиуми, интернет изданија на весници и портали, социјални медиуми и ќе имаат за цел да вршат упис на утврден говор на омраза на неделно ниво и да го доставуваат до проектниот тим за понатамошна анализа. Времетраењето на ангажманот е 9 месеци.

Хелсиншкиот комитет ќе спроведе обука на избраните монитори со јасни насоки за нивниот ангажман и обврски. Овој ангажман нуди флексибилност со тоа што избраните лица не се обврзани на работно време и престој во Хелсиншкиот комитет.


 Потребни квалификации и начин на пријавување

Со оглед на материјата која е цел на анализа во рамки на овој проект, условите за пријавување се следниве:

* Тековни додипломски студии во областа на правото, социологија/антропологија/психологија, политичките науки и/или новинарството. Упишани постдипломски студии ќе се смета за предност,

* Одговорност и навремено доставување на месечни извештаи согласно насоките од проектниот тим,

* Посветеност за извршување на мониторинг активностите за времетраење на целиот проект.

Заинтересираните за овој повик потребно е да достават биографија (CV) на македонски јазик и мотивациско писмо во кое што ќе ги објаснат своите квалификации и мотив за учество во проектот. Апликациите се доставуваат на следната електронска адреса: helkom@mhc.org.mk и копија до sanja.barlakovska@mhc.org.mk со назнака „следење на говор на омраза“ најдоцна до 14 јануари (понеделник) 2019 година до 17:00 часот.

За сите дополнителни прашања можете да се обратите во канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија на (2) 311 9073. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo