ноември 9, 2023

Осврт на Хелсиншкиот комитет за човекови права за Извештајот на Европската комисија за 2023 година

Во Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2023 година се наведува дека како земја која преговара со ЕУ, Македонија треба да ги спроведе реформите поврзани со членство во Унијата, вклучително и во областите на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во јавната администрација и управувањето со јавните финансии и јавната набавка.

Наодите и препораките на извештајот на Европската комисија  во голем дел се совпаѓаат со оние на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во документот се наведува дека властите во земјава постојано изјавуваат дека пристапот во ЕУ останува нивна стратешка цел, но некои чекори како измените во Кривичниот законик, кои се однесуваат на голем број случаи на корупција на високо ниво, предизвикаа сериозна загриженост.  „Зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмаленото справување со корупцијата, вклучително и преку истрага, гонење и конечни пресуди за случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење“, се нотира во Извештајот.

Корупцијата останува присутна во многу сфери и предизвикува загриженост. Беше изменет Кривичниот законик низ забрзана собраниска процедура. Максималните казни за специфични кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше последици врз брзината на застарување, како и стопирање или дури и прекин на голем број случаи на висока корупција, вклучително и случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство. Овие измени, исто така ги попречуваат надлежните да истражуваат и да процесираат вакви кривични дела. Ова е прашање кое претставува сериозна загриженост“, пишува во извештајот.

Извештајот нотира прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на брзите процедури и на процедурата „знамето на ЕУ“, во некои случаи поради недостаток на консултации и лошо планирање на законодавниот календар. „Знамето на ЕУ“ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојувањето на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања“, се вели во Извештајот.

Како еден од негативните примери е издвоено разрешувањето на претседателката на Судскиот совет и понатаму се наведува дека е потребно подобрување на резултатите на судските институции, а се додава и дека се доцни со нова стратегија за судски реформи.

Северна Македонија продолжува да ги исполнува своите општи обврски за основните права, но законодавството треба да се спроведува на посистематски начин, се посочува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во делот на почитувањето на основните права, при што се додава дека правната рамка на земјата за нивна заштита е делумно усогласена со правото и стандардите на ЕУ за основните права.

ЕК оценува дека со измените на Кривичниот законик во февруари 2023 година е постигнат напредок во делот на регулирање на кривичните дела за родово засновано насилство, но посочува и дека Парламентот треба да врши именувања на членови на регулаторни тела за оваа сфера врз основа на заслуги.

„Функционалната независност на телата за човекови права мора да се гарантира во секое време. Тоа, меѓу другото, значи и доделување доволно средства“, се нотира во Извештајот.

Владата треба да ги зголеми своите напори за вклучување на граѓанските организации во донесувањето одлуки и активности за приоритетни области, „Граѓанското општество треба да има важна улога во реформскиот процес и да биде вклучено во процесите на донесување одлуки. „Постоечките законски и финансиските рамки треба да бидат изменети и имплементирани во пракса, особено да се обезбедат конзистентни механизми за јавно финансирање на граѓнските организации. Има потреба од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество да ја продолжи својата активност“.

Службите за жртви на родово насилство се уште имаат потреба од засилување и соодветно финансирање за да ги исполнат стандардите утврдени со Истанбулската конвенција, се наведува во Извештајот.

Во документот се посочува дека лицата со попреченост и натаму се соочуваат со директна и индиректна дискриминација, социјална исклученост и ограничувања. „Состојбата во затворите се уште е страшна“ се наведува во Извештајот и се додава дека условите за притвор треба да се подобрат со најголема итност.

Препораките дадени од Европскиот комитет за спречување на тортура за третман на притворени и осудени лица не беа адресирани, што предизвикува сериозна загриженост.

Според ЕК, посебно внимание треба да се посвети на промовирање на недискриминацијата, зголемување на ефективноста во справувањето со насилството и говорот од омраза и зајакнување на капацитетот и независноста на институциите задолжени за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинските заедници.

Треба да се зајакне капацитетот на службениците за спроведување на законот и кривичната правда за ефикасно спречување и кривично гонење на сите случаи на насилство, злосторства од омраза и говор на омраза, се додава во Извештајот.

Во Извештајот се констатира дека во општеството преовладуваат негативни стереотипи и говор на омраза против лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, интерсексуалци и квир (ЛГБТИК) луѓето. „Немаше напредок во отстранувањето негативни стереотипи и говор на омраза кон ЛГБТИК лицата од учебниците, ниту во усвојување на национален акционен план за ЛГБТИК како дел од систематското промовирање на еднаквоста и спречување на дискриминација. Немаше напредок во спроведувањето на пресудата на ЕСЧП (јануари 2019) во врска со законското признавање на полот со изменување и дополнување на Законот за матична евиденција. Правната рамка не дозволува официјално признавање на истополови двојки. Не беше постигнат напредок во истрагата за нападите врз центарот за поддршка на ЛГБТИК кои се случија во 2012, 2013 и 2014 година. Институциите за спроведување на законот не ја продолжија истрагата за вандалските дејствија врз канцеларијата на ЛГБТИК организација во Тетово или за смртните закани кон активисти. Судот во Струмица изрече шестмесечна затворска казна за напад врз ЛГБТИ активист. Во јуни 2023 година, властите ја олеснија успешната организација на ЛГБТИК парада на гордоста. Сепак, граѓанските организации и ЛГБТИК активистите ги критикуваат властите за намалување на просторот за ГО, особено кога се работи  за сексуалните и репродуктивните права. Растечката анти-ЛГБТИК реторика, во која се влучени политички и религиозни личности, доведе до зголемена нетолеранција и говор на омраза во општеството. Потребни се сериозни напори за да им се овозможи на ЛГБТИК луѓето да ги уживаат своите права.

ЕК посочува дека надворешниот надзорен механизам над полицијата, вклучително и затворската полиција, се уште не е целосно функционален, а тројцата претставници на граѓанскиот сектор допрва треба да бидат избрани од Собранието.

„Донесените измени на Законот за матичните книги го отвораат патот кон решавање на случаите на бездржавјанство и исполнување на меѓународните обврски на државата“, стои во Извештајот.

Во областа на  слободата на изразување се вели дека во земјата генерално е постигнат ограничен напредок. Општиот контекст е поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко медиумско известување. Изменетиот Кривичен законик и Законот за граѓанска одговорност за клевета го подигнаа севкупното ниво на правна заштита на новинарите. Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашувачко однесување кон новинарите.

Прашањата покренати во претходните години остануваат нерешени, особено недостатокот на соодветни услови за работа на полициските службеници и недостатокот на установи за соодветна здравствена заштита во затворите, стои во извештајот.

Назначувањето на новите директори на Управата за извршување санкции и на затворот Идризово ЕК ги наведува како позитивен чекор, земајќи ги предвид нивните релевантни професионални позадини, а недостатокот на соодветна здравствена заштита или мерки за лекување на зависноста од дрога во затворите велат дека останува прашање на сериозна загриженост.

Корупцијата во затворите и понатаму е проблем кој се повторува. Во 2022 година беше усвоен план за спречување на корупцијата во националниот затворски систем 2022-26, заедно со годишниот план за 2023 година. И покрај позитивните напори да се поттикне медицинскиот персонал кој работи во затворите, недостатокот на соодветна здравствена заштита или мерки за лекување на зависноста од дрога во затворите останува прашање на сериозна загриженост. За да биде целосно имплементирана, стратегијата 2021-2025 за развој на затворскиот систем бара средства, дополнителен персонал и политичка посветеност, се наведува во извештајот.

Во однос на пробацискиот систем, ЕК вели дека тој продолжува да се развива, а бројот на случаи се зголемува.

„Во 2022 година, вкупниот број на предмети по кои постапуваа 11-те канцеларии за пробација се зголеми на 475 (451 во 2021 година). Соработката треба да продолжи меѓу јавниот и приватниот сектор како и граѓанското општество и меѓу агенциите. Координацијата е подобрена помеѓу службениците за условна казна, судиите, јавните обвинители, затворскиот персонал и другите институции пред да биде ослободен осуденикот и тоа треба да продолжи. Концентрацијата на најголем дел од условните предмети во Основниот кривичен суд Скопје ја истакнува потребата од обука и подигање на свеста за придобивките од условната осуда во другите судови во државата, образложуваат во извештајот.

Се дополнува дека не беше постигнат напредок во усвојувањето на измените на законската рамка во однос на алтернативните казни и алтернативните процедури за зголемување на нивната употреба.

Не беше постигнат значаен напредок во справувањето со севкупниот недостаток на наменски едукативни, рекреативни и стручни активности за осудените и притворените затвореници. Во сите казнено-поправни установи и воспитно-поправни установи треба да се спроведуваат образовни и ресоцијализациски активности и програми за лекување“, се посочува во Извештајот на Европската комисија.