Corner Судство

ГЕМ против Зоран Ставрески 31 Јануари 2014

Основен суд Скопје 2, судница 3

Број на предмет: П4-90/13а

Судии: Совет од 3 судии, претседател на советот Јованка Спировска Панова

Тужители: Граѓани за европска Македонија- Владимир Милчин и други 

Полномошник на тужителите: Филип Медарски

Тужен: Зоран Ставревски

Полномошник на тужениот: Никола Додевски

Набљудувани рочишта: 

13.11.2013

Денешното рочиште започна во 09.30 часот, на кое беа присутни тужителите Бранко Геровски, Никола Гелев, Жарко Трајановски, Владимир Милчин и нивниот полномошник адвокат Филип Медарски и полномошникот на тужениот, адвокат Никола Додевски. Не беше присутен тужениот Зоран Ставревски, кој оправдано бил отусутен поради тоа што бил на расправа во Собранието за Буџетот на РМ.

Пред почетокот на рочиштето за прекин на постапката по тужбата на сега починатиот Роберто Беличанец е правосилно.

Судот донесе решение, постапката на покојниот е прекината со решение на овој суд, и истата ќе продолжи по барање на неговиот законски наследник.

Пол.на тужителите изјави дека, останува во целост на тужбата и побара постапката да продолжи и денешното рочиште да се одложи.

Тужбеното барање било идентично како во петитумот на тужбата со кое се утврдило дека тужениот нанел клевета спрема покојниот и сумата да биде исплатена на сметка на неговиот законски наследник.

На прашање дали сопругата на Беличанец е единствен законски наследник, а оставинската постапка е во тек, сопругата не е единствен законски наследник и останувало паричната казна да биде исплатена на сопругата како законски наследник. 

Пол. на тужителите изјави дека остануваат кон приложените докази.

Пол.на тужениот наведе дека, се противречи на тоа што не се врши тонско снимање на расправата. Со оглед на тоа дека не била завршена оставинската постапка и дека има повеќе наследници и дека по распитот на странки ќе изврши прецизирање на кого да му бидат префрлени парите од тужбеното барање.

Исто така пол. изјави дека останува на приговорот за немање на активна легитимација. Со оглед на тоа дека во анализата на стратегијата ќе се застапуваат личните права на тужените, при што не се навлегува кон тоа дали се повредени правата на таа организација.

Во однос на доказите изјави дека останува на писмениот приговор, а во однос на психајтриското вештачење се противречи на истото од причина што, вештакот не се наоѓа на списокот на вештаци и според него тоа немало никаква доказна вредност.

Од друга страна требало да се има предвид дека тужителите во јавноста се прокламирале како борци за човекови права и со вештачењето се довдени во состојба на анксиозност.

По однос на тој доказ, предложи истиот да не се изведе.

Пол. на тужителите во реплика наведе, неоснован бил приговорот на пол. на тужениот за активната легитимација, бидејќи истата произлегувала од зборовите на тужениот, тој ги поврзувал истите со стратегијата која според неговите искажувања се однесувало на  поништувањто на слободната волја на граѓаните, кои искажувања произведувале повреда на чест и углед.

Пол. на тужен по однос на репликата наведе дека, неуропсихијатриското вештачење утврдува факти е неподобно како доказ и дека нема доказна вредност и дека целта на изготвувањето на тоа вештачење било утврдување на факти, на кои тужителите сега се повикуваат.

Рочиштето се одлага за 15.01.2014 година во 9.30 часот, судница 3 – Основен суд Скопје 2 - `Скопје.

15.01.2014

Судењето започна во 09:30 часот. Полномошникот на тужителите, Медарски, го извести судот дека тужителите не се дојдени поради тоа што се службено зафатени, а за кое нешто ќе достави доказ до судот по што побара судењето да се одложи. Тој истакна дека останува на предлогот за изведување на доказ со распит на странки, предлог за кој е донесено решение од страна на судот на претходните рочишта дека предлогот се прифаќа. Полномошникот на тужителите дополнително истакна дека само со распит на странките правилно ќе се утврди фактичката состојба.

Во продолжение, полномошникот на тужениот наведе дека ваквиот начин на изведување на доказ со распит на странки нема да придонесе за утврдување на фактичката состојба, затоа што се работи за писмена изјава врз основа на која се заснова целата тужба, писмена изјава која претставува материјален доказ при што од овој доказ може да се утврди дали можат да бидат повредени правата на тужителите. Тој побара од судот да го стави вон сила решението со кое е определено да се изведе доказ со распит на странки. 

По излагањето на полномошниците, судот донесе решение со кое го одложи судењето по предлог на полномошникот на тужителот а за кое нешто го задолжи да донесе доказ дека тужителите се оправдано отсутни поради фактот што се уредно викани. Со истото решение, судот го одби предлогот на полномошникот на тужениот да се стави вон сила решението со кое е определено да се изведе доказ со распит на странки. Дополнително, судот ги извести присутните дека се уредно викани и дека на следното рочиште ќе се изведе распит на странките.

Завршено во 10:00 часот.

Следното судење е закажано за 23.01.2014 година во 09:00 часот.

23.01.2014

Основен суд Скопје 2, судница 3

Број на предмет: П4-90/13а

Судии: Совет од 3 судии, претседател на советот Јованка Спировска Панова

Присутни:

Тужители: Граѓани за европска Македонија- Владимир Милчин и други

Полномошник на тужителите: Филип Медарски

Тужен: Зоран Ставревски

Полномошник на тужениот: Никола Додевски

Судењето започна во 09:00 часот. Присутни на ова рочиште беа Жарко Трајановски, Владимир Милчин, Бранислав Геровски и Никола Гелевски, во својство на тужители и нивниот полномошник Медарски. На страната на тужениот беше присутен само неговиот полномошникот Додевски.

Полномошникот на тужителите, Медарски, го извести судот дека ја повлекува тужбата во име на Роберто Беличанец, односно на неговата сопруга како законски застапник, додека за останатите останува како во тужбеното барање. Полномошникот на тужениот не се противеше на овој предлог на полномошникот на тужителите, па судот донесе решение со кое повлекува тужбата на Наташа Јариќ, законскиот застапник на Роберто Беличанец.

По ова, судот донесе решение постапката да се продолжи доказната постапка со  распит на странки, во отсуство на тужениот, а согласно член 250 од ЗПП.

Пред судот пристапи тужителот Жарко Трајановски. Тој изјави дека на 30.10.2010 година, слушнал во медиумите дека тужениот на прес- конференција го споменал неговото име во контекст на тоа дека тој е дел од коруптивна шема поврзана со некаква стратегија „Надеж“, иако таа стратегија ниту ја видел ниту ја прочитал, ниту имал намера да ја чита. Тој дополни дека бил револтиран кога го чул своето име и имињата на неговите колеги од иницијативата Граѓани за европска Македонија „ГЕМ“, која не претставува здружение на граѓани ниту регистрирана организација туку практично иницијатива на граѓани кои се занимаваат со политички прашања, човекови права, промовирање на слободата на изразување и промовирање на европските идеи како граѓани на Европска Македонија. Револтот бил поради тоа што „ГЕМ“ бил ставен во контекст на стратегијата „Надеж“ и дека претставува дел од заговор за уривање на уставниот поредок на Република Македонија, по што лично бил погоден од изјавата на тужениот дека оваа стратегија е опасна. Тој дополни дека изјавата на тужениот очигледно била дадена со намера да се наруши неговиот углед како колумнист и дека тоа не е точно. Во продолжение, Жарко Трајановски изјави дека, се тврди дека „ГЕМ“ е партиска инсталација на СДСМ, и дека тој не знае за каков документ се работи. Во моментот на давањето на изјавата тужениот бил Министер за финансии. Иако тужениот изјавата ја дал на партиска прес-конференција, во својство на член на Извршен одбор на партијата ВМРО- ДПМНЕ, сите граѓани го препознале како Министер, што дава посебна тежина на неговите зборови. Тој дополни дека ниту тој ниту „ГЕМ“ немаат никаква врска со таа стратегија.

На прашање на полномошникот на тужениот дали „ГЕМ“ има правна форма, тој изјави дека „ГЕМ“ не е регистрирана организација туку граѓанска иницијатива, односно граѓанско движење. На прашање на полномошникот на тужениот дали во движењето има партиски членови, тој одговори дека тие настапувале како граѓани и не прашуваат за политичка партија, ниту имало услов за политичка партија, јас не сум член, но не знам дали помеѓу другите иницијатори има некој кој е во партија. На прашање на полномошникот на тужениот како се финансираат активностите на „ГЕМ“, тој изјави дека во претходниот период биле повеќе активни и дека организирале трибини и средби со граѓаните. Логистиката како и финансиските средства за овие активности била добиена преку Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ), но тие никогаш не примиле средства како говорници. На прашање на полномошникот на тужениот дали „ГЕМ“ имал сметка како здружение, тој одговори дека не, ниту давале пари за организирање на активностите, туку дека имале логистичка поддршка од ФООМ. На последното прашање на полномошникот на тужениот, дали ако „ГЕМ“ не е правно лице може да презема активности со оглед на неговиот статус, Жарко Трајановски изјави дека не може да сфати зошто вакви прашања се поставуваат во една демократска земја, каде граѓаните имаат слобода да се организираат во вакви граѓански иницијативи.

Пред судот пристапи тужителот Владимир Милчин. Во врска со настанот, тој изјави дека прес- конференцијата ја доживеал како изнесување на невистини и обид за криминализирање на одредени граѓани. Иницијативата за формирање на „ГЕМ“ се појавила по самитот во Букурешт во 2008 година и така започнало делувањето јавно да се дискутира и да се одвива дебата за нашиот прием во НАТО и ЕУ. Тој истакна дека, по 1,5 месец се одржала јавна дебата во хотелот Холидеј Инн, каде имало 13, 14 говорници, каде што се родила инцијативата да се одржуваат дебати, односно да се иницира „ГЕМ“. Тој изјави дека и во тој момент бил извршен директор на ФООМ, а Управниот одбор на ФООМ донел одлука да се поддржи логистички оваа иницијатива. ФООМ постои од 1992 година и еден од главните донатори е Џорџ Сорос. Тој дополни дека проблемот во изјавата на прес- конференцијата е во тоа што се тврди дека се поништува волјата на граѓаните, насилно рушење на институциите итн. Споменуваната стратегија „Надеж“ според кажувањата на Зоран Ставревски ја нарачал Бранко Црвенковски од некој Словенечки институт. Моето име не е наведено во изјавата, но се препознав во зборот „слични“. Тој истакна дека не ја видел целата стратегија „Надеж“ туку само делови. Исто така, тој изјави дека бил член на СДСМ до 2005 година, но поради несогласувањето околу составот на Владата на тогашниот премиер Бучковски се откажал од партиското членство. На прашање на полномошникот на тужениот дали само Сорос го финансира „ГЕМ“ тој одговори дека Управниот одбор на ФООМ одлучил да се покријат трошоците за јавните дебати, и дека други поддржувачи немало. На прашање на полномошникот на тужениот кој ги потпишувал налозите за плаќање, тој одговори дека има 3 потписници на сметките. На прашање на полномошникот на тужениот колкав износ има потрошено ФООМ за активностите на „ГЕМ“ досега, тој одговори дека не може да каже, но дека има објавена информација во медиумите и дека може да се види и на нивната веб страна. На прашање на полномошникот на тужениот дали смета дека може да функционира „ГЕМ“ како нерегистрирано здружение, дали може да делува како субјект во било кои односи и како такво да биде финансирано, реагираше полномошникот на тужителите со што приговараше на вака поставеното прашање, но судот го дозволи. Владимир Милчин одговори дека јас не сум „ГЕМ“ туку Владимир Милчин. Тој додаде дека префрлање на пари на „ГЕМ“ немало, туку средства биле уплатени за активностите на „ГЕМ“ во рамки на програмата „Граѓанско општество“.На прашање на полномошникот на тужениот, по што тужителот се видел себеси во зборот „слично“, тој одговори дека зборот „слично“ е употребен и дека се работи за „ГЕМ“, а слични сме другите тројца ние, јас, Мерсељ Биљаљи и Роберто Беличанец.

Пред судот пристапи тужителот Бранислав Геровски. Во врска со настанот истакна дека лично се спомнува во изјавата на тужениот и дека тој е еден од иницијаторите за формирањето на „ГЕМ“ и учесник на сите трибини. Истакна дека во ниту еден од овие случаи не се залагале за насилно рушење и поништување на изборите. Дополни дека бил изненаден од Вице- премиерот Зоран Ставревски кога чул дека заедно со другите од „ГЕМ“ биле дел од стратегија за насилно рушење на институциите и поништување на изборите. Тој дополни дека стратегијата не ја добил, меѓутоа од оние делови кои биле презентирани во медиумите, не видел дека во таа стратегија е наведено дека треба да се формира таква организација како „ГЕМ“, која подоцна и е формирана, а чија идеја е насилно рушење на институциите. Во продолжение, тој истакна дека оваа изјава силно го погодила, затоа што не заговарал ништо од ова. Клеветата е уште поголема бидејќи доаѓа од Вице- премиер кој е информиран. Од сите трибини има видеозапис и тужениот треба да каже на која трибина сме збореле за насилно рушење на институциите. На прашање на полномошникот на тужениот дали во текстот е некаде речено дека Бранко Геровски заговарал насилно уривање на институциите, тој цитираше делови од изјавата на тужениот, каде е наведено дека во оваа стратегија се заговара поништување на волјата на граѓаните и насилно рушење на институциите, а потоа во текстот е наведено дека „ГЕМ“ е формирана врз основа на стратегијата „Надеж“ и дека тужениот е убеден дека оваа организација е терористичка. На прашање на полномошникот на тужениот дали името на Бранко Геровски е наведено некаде во текстот дека е дел од „Надеж“ тој изјави да. На прашање на полномошникот на тужениот во кое својство тужениот ја дал изјавата, тој одговори дека тужениот изјавата ја дал од партиска говорница, не знам во кое својство ја држел, а граѓаните го препознаваат како Вице- премиер, мислам дека е член на највисокото раководство на ВМРО- ДПМНЕ. На прашање на полномошникот на тужениот дали „ГЕМ“ е регистрирана и има правна форма тој изјави дека „ГЕМ“ е неформална иницијатива на луѓе кои го користат своето уставно право да се собираат, дискутираат и нема потреба да се регистрира. На прашање на полномошникот на тужениот дали се работи за тематска конференција на ВМРО- ДПМНЕ и дали на тој прес тема била учеството на Бранко Геровски, тој одговори дека бил спомнат како дел од „ГЕМ“  кое било наведено дека е дел од „Надеж“.

Пред судот пристапи тужителот Никола Гелевски. Во врска со настанот изјави дека во моментот кога ја чул изјавата на Зоран Ставревски дека сака да ги урива институциите бил стаписан и исплашен. Тој изјави дека пред да започне со својот исказ сака да каже дека сето ова го издржувал 3 години и доаѓам на вакви сомнителни судења, се уплашив да не ме затворат или убијат, бидејќи такво нешто има во соседството. Истакна дека изјавата ја доживува како закана исклучиво базирана на лаги и конструкции. Во однос на „ГЕМ“ додаде дека се согласува со изнесеното од претходните тужители. На прашање на полномошникот на тужениот кое било својството на тужениот на прес- конференцијата изјави дека не знае. На прашање на полномошникот на тужениот каде бил објавен текстот, тој изјави дека на некоја веб страна но не се сеќава која. На прашање на полномошникот на тужениот дали во изјавата на тужениот е наведено дека лично Никола Гелевски се залагал за рушење на институциите на системот, тој истакна дека така го доживеал, дека групата на која припаѓа заговарала насилно рушење на институциите. На прашање на полномошникот на тужениот дали пишува дека Никола Гелевски е дел од стратегијата „Надеж“ тој изјави дека се препознал во делот на изјавата каде се кажува дека „ГЕМ“ е дел од стратегијата „Надеж“ и дополни дека се чувствувал омаловажен затоа што тужениот не доаѓа на рочиштата.

Со изјавата на последниот тужител заврши доказната постапка по што судот одлучи завршните зборови да бидат поднесени во писмена форма во рок од 3 дена. 

Следното рочиште на која ќе се објави пресудата беше закажано за 31.01.2014 година во 15:00ч.

31.01.2014

Основен суд Скопје 2, судница 3

Број на предмет: П4-90/13а

Судии: Совет од 3 судии, претседател на советот Јованка Спировска Панова

Присутни:

Тужители: Граѓани за европска Македонија- Владимир Милчин и други

Полномошник на тужителите: Филип Медарски

Тужен: Зоран Ставревски

Полномошник на тужениот: Никола Додевски

Рочиштето за објава на пресуда започна во 15:00 часот. На објавата на пресуда присутен беше само полномошникот на тужениот, адвокат Додевски.

Откако судот утврди кој е присутен, ја објави пресудата со која тужбеното барање на тужителите се одби како неосновано.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo