Corner Судство

Н.Г. против З.З. 03 Јули 2014

Известување за судење Груевски – Заев П4 742/14 од 19.06.2014 година, Основен суд Скопје 2 – Скопје

По барање на полномошниците на тужениот за тонско снимање на судењето, судијата одобрува тонско снимање. Од страна на тужителот присутен е полномошник адвокат Никола Додевски, тужителот Никола Груевски не е присутен лично. Од страна на тужениот присутни се тужениот лично и неговите шест полномошници адвокати. Нотирано е присуството на претставник од Траспарентност Македонија, Ана Јаневска Делева и претставник од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Софија Велковска. Присутен е и претставник на ОБСЕ, но не е нотиран во записникот. Присутни се и новинари, но за нив не е обезбедено место за седење. 

Полномошникот на тужениот пред почетокот на подготвителното рочиште доставува до судот поднесок со докази, најавени во одговорот на тужбата, меѓу кои е и извештајот од вештачење. Еден примерок се врачува на спротивната страна. Овој поднесок е обемен и од страна на тужениот полномошник адвокатот Филип Медарски предложува прекин на оваа постапка до завршување на кривичната постапка за случајот „Македонски банки“ поведена од СДСМ на 22.04.2014 (доказен материјал приклучен кон денешниот поднесок во кој се наведени сите аргументи и законски основ за овој предлог). Исто така бара од судот да се донесе формално решение за таа цел. 

Полномошникот на тужителот бара пет минути време за да се произнесе по поднесокот. Судот го одобрува барањето на тужителот со рок од десет минути за произнесување.  Според полномошникот на тужителот предлог за одложување на постапката се поднесува по донесено решение за почеток на постапката и пред почеток на подготвително рочиште. Во приложениот поднесок се повторуваат аргументите и доказите наведени во одговорот на тужбата, освен еден, па според тоа нема потреба од одложување со оглед дека се работи за подготвително рочиште. Тој бара од судот да донесе решение за почеток на подготвително рочиште на кое ќе бидат изведени предложените докази. 

На прашање од судот до полномошниците на тужениот дали е ставен приговор за месна ненадлежност на судот, тие одговараат дека го повлекуваат приговорот. Поднесок од 02.06.2014 година содржи приговор за месна ненадлежност на судот. Согласно тоа судот заклучува дека е месно надлежен. 

Поради обемноста на доказниот материјал приклучен на поднесокот приложен пред почетокот на подготвителното рочиште од страна на тужениот, заради детално разгледување на истиот од страна на судот и во врска со истакнатиот предлог за прекин на граѓанската постапка кој е заеднички предлог на сите полномошници на тужениот, до правосилноста на кривичната постапка, по поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено дело корупција и организиран криминал, од 22.04.2014 година, судот носи решение подготвителното рочиште да се одложи. 

Полномошник адвокатот на тужителот бара да се донесе решение за одржување на подготвителното рочиште. Се обраќа до судот пред судот да донесе решение за одлагање и бара да му се дозволи пред почетокот на подготвителното рочиште да се произнесе по предлогот за прекин на постапката. Без оглед на тоа што го разгледал предлогот и доказите бара да даде свој предлог. 

Полномошник адвокатот на тужениот истакнува дека не се согласува со неможноста да се поднесуваат барања и предлози пред почеток на подготвително рочиште и со предлогот за донесување на решение за почнување на подготвително рочиште од причина што судот веќе донесе решение за закажување на ново подготвително рочиште, за и судот да се запознае со поднесокот и приклучените докази.  

Полномошник адвокатот на тужителот наведе дека не се согласува со адвокатите на тужениот бидејќи судот одлучи да прими предлог за одложување надвор од подготвително рочиште. Врз основа на член 274 став 1 од Законот за парнична постапка на подготвително рочиште се расправа по однос на прашањата кои се однесуваат на пречките за натамошниот тек на постапката. Со оглед на тоа дека судот не донел решение за почеток на подготвителното рочиште, според полномошник адвокатот на тужителот должен е да ги слушне и наводите на другата страна. Поради тоа што законот дозволува контрадикторност на постапката, полномошник адвокатот на тужителот смета дека треба да му се дозволи да одговори на доставениот поднесок. 

До судот поднесува писмен доказ Л.бр. 63/07 од 17.06.2014 година, 2 примерока на ЦД на кои се снимани сите изјави кои се предмет на тужбата, дадени и во писмена форма, па со оглед дека се одложува денешното судење, се бара истите да бидат евидентирани во тонскиот запис. 

Со оглед дека записникот се води во електронска форма, полномошник адвокатот на тужителот го наведува член 204 став 2 од Законот за парнична постапка во однос на предлогот за прекин на постапката. Тој истакнува дека водењето кривична и граѓанска постапка се различни, кај двете постапки одделно се изведуваат факти и докази, па неговиот предлог се заснова на овој член. Во однос на предлогот за прекин на постапката, тој бара судот да одлучи веднаш да продолжи постапката и да се донесе решение на кое не е дозволена жалба. Исто така предлага судот на следното закажано рочиште да се произнесе по овој предлог.

Судијата наведе дека и покрај тоа што судот претходно на присутните им соопштил дека ќе донесе решение за одложување на подготвителното рочиште од претходнонаведената причина и покрај тоа што полномошникот на тужителот изјавил дека е спремен да даде одговор , повторно им ја соопштува на присутните причината поради која се одложува судењето – со цел странките и полномошниците да се спремат поквалитетно, аргументирано да ги поткрепат своите наводи и тврдења, причина која е приоритетна. Судот му врачува примерок од доказите на тужителот кои се претходно детално цитирани  на полномошникот на тужениот. Судот соопштува дека нема услови за одржување на денешното подготвително рочиште. 

Полномошникот на тужителот истакнува барање до судот, полномошниците на тужениот да назначат еден од нив за примање на писмена, за истото подоцна да не биде процесна пречка. 

Полномношниците на тужениот се противат на ваквото барање, од причина што испраќањето на писмена до било кој од полномошниците, според закон се смета за уредна достава. 

Полномошникот на тужителот го повлекува своето барање.

Судот наведува дека останува кон донесеното решение за закажување на ново подготвително рочиште, па носи решение подготвителното рочиште да се одложи за 03.07.2014 година во 12:00 часот.

Тужителот и тужениот не се присутни лично. 

За тужителот присутен е полномошник-адвокат Никола Додевски. 

За тужениот присутни се шест полномошници адвокати меѓу кои: Оливер Ристовски, Филип Медарски, Горан Заев, Мирослав Вуич, Игор Милев.  

Во записникот од судењето констатирано е присуство на претставникот од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, Софија Велковска, во својство на набљудувач. 

Констатирано е и дека претставници од Транспарентност Македонија не се присутни на денешната расправа.

 Пред донесување на решение за почеток на подготвителоно рочиште полномошник адвокатот на тужениот- Оливер Ристовски го извести судот дека на ден 02.07.2014 добил поднесок 5Лбр.63/07 од страна на полномошникот на тужителот со доказ решение од Основно јавно обвинителство Скопје- одделение за гонење на организиран криминал и корупција во фотокопија, а денес пред влегување во судницата е доставен поднесок  од Основен суд Скопје 2 Скопје одделение за ликвидација со известување, во врска со барањето од 20.06.2014 година каде се обратил до Одделението за ликвидација со цел да добие одговор во врска со случајот Македонска банка. Од полномошникот на тужителот како доказ беше доставено известувањето по тој предмет, по тоа барање од 16.06.2014 на кое истиот добил одговор на 17.06.2014. 

Се забележува дека постои нерамноправност на страните бидејќи тужителот одговорот на ова барање го добил во рок од 24 часа додека пак тужениот истиот одговор го добил по 14 дена. Врз основа на член 5 став 1 од ЗПП од страната на тужениот бараат да им се даде можност да се произнесат по добиениот одговор, а по член 272 став 1 од ЗПП бараат од судот да определи рок од 8 дена да го разгледаат известувањето и да се произнесат по истото. Барањето од 20.06.2014 било доставено со поднесок со други докази до судот на 03.07.2014 за да се поврзе зошто не е доставен одговорот односно е доставен по 14 дена до тужениот, полномоѓниците на тужениот. Од страна на тужениот полномошниците го известуваат судот дека има доставено претставка до Судски совет за неправилно постапување на судијата кој постапувал по доказите во ликвидационата постапка. Поднесокот од 03.07 се доставува до судот со прилози: претставка до Судски совет, барање за препис-фотокопија, увид во списи на предметот од 17.06.2014, интпринт од дневниот весник “Вест”, потврда за лични примања на Зоран Заев. Од страна на тужениот бараат подготвителното рочиште да се одложи, со цел да се запознаат и произнесат по поднесокот со доказите од 02.07.2014 (решение од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција од 27.06.2014) и да се запознаат со содржината на доставеното барање од овој суд и прилогот кон истото.

 Судот констатира дека во записите го нема поднесокот, а истиот е поднесен од полномошниците на тужениот е поднесен и составен. На прашање на судот до полномошниците на тужителот дали оваа страна го има поднесокот од 03.07.2014 со прилозите при што судијата му го доставува поднесокот на полномошникот на тужителот на увид, полномошникот на тужителот одговара дека не го примил поднесокот ниту пак можел да го прими со оглед на тоа дека биле повредени процесните права бидејќи поднесокот е поднесен на денот на подготвителното рочиште.  

Полномошникот на  тужителот бара пауза од судот за судот да го прибави поднесокот од писарница и да го достави до него на увид. Притоа наведува дека другата страна постојано бара да не се одржи подготвителното рочиште бидејќи не е спремна да се соочи со тежината на предметот. Според него важно е да се почитува ЗПП и да се одржи подготвително рочиште на кое страните имаат право да предлагаат докази. Смета дека во овој случај постои злоупотреба на процесните права затоа што сето овоа се прави вон судско рочиште. Предлага да се одржи подготвителното рочиште бидејќи нема законска основа овие работи да се бараат надвор од рочиште. 

Полномошникот на тужениот, Мирослав Вуич наведува дека ова е фазата од постапката во која се истакнуваат правните злоупотреби. Барањето не е поради злоупотреба на процесните права, кои ги обврзува судот а не странките на кои им се дава можност за злоупотреба бидејќи полномошникот на тужителот барање поднесува на 16.06 а одговорот за истото го добива на 17.06. Додека пак полномошникот на тужениот го добива одговорот на истото барање по 14 дена, непосредно пред закажаното денешно рочиште во просториите на судот поточно пред вратата на судницата од оваа причина неможе да стане збор за повреда на процесни права.

 Судијата дава налог до стручниот соработник да провери во судскиот оддел дали го има поднесокот од 03.07 и истиот да го достави. 

Пауза од 5 минути. За време на паузата помеѓу полномошниците на тужениот  и тужителот  се развива дебата која води кон кавга. 

Стручниот соработник го доставува поднесокот од 03.07 по што примерок од истиот судот врачува на спротивната страна и го враќа примерокот од поднесокот со докази на полномошниците на тужениот, заедно со доказот доставен до полномошникот на тужениот Оливер Ристовски, а од кои судот го задолжува адвокатот Оливер Ристовски да достави примерок до судот и спротивната страна во рок од 3 дена. 

Почитувајќи ги одредбите од член 5 став 1 и член 272 став 1 од ЗПП на кој се повикаа полномошниците на тужениот, полномошникот на тужителот бара збор и судот му дозволува.

 Според полномошникот на тужителот овој доказ е објаснување на поднесокот на тужителот и може да биде релевантен за подготвителното рочиште па имајќи го предвид тоа нема потреба од одложување. Предлага подготвителното рочиште да се одржи и да се разгледаат сите наводи и поднесоци кои се доставени. Нема повреда на одредбите од член 5 став 1 и член 272 став 1 од ЗПП бидејќи предлогот за прекин е даден од полноможниците на тужениот на рочиште од 19.06. Околноста која е предложена како причина беше поднесена од нивна страна заради злоупотреба на процесните права од нивна страна. 

Полномошникот на тужениот Мирослав Вуич наведува дека решението кое го добил тужителот преку својот полномошник е незаконито и прибавено во нелегална процедура. Согласно член 11 став 3 од ЗПП решението треба да биде правосилно и во оригинал, а не фотокопија нешто што спротивната страна смета дека не може да го прибави. Решението е доставено до архивата на СДСМ и покрај тоа што не е во предметот и не е наведена адресата но истото во архивата на СДСМ е заведено. 

Судијата наведува дека постапката е во фаза пред почеток на подготвително рочиште па страните во своите излагања треба да бидат пократки. Судот треба да се произнесе по барањето на полномошниците на тужениот за одложување на подготвителното рочиште. Судот носи решенија за одбивање на предлогот за одлагање на подготвителното рочиште. Поради почитување на член 5 став 1 од ЗПП судот и го дава правото на тужената страна да се произнесе по барањето од 02.07 и други поднесоци дополнително. Судот констатира дека се исполнети законските основи за одржување на подготвително рочиште по што носи решение за почеток на подготвително рочиште. 

Полномошникот на  тужителот бара збор и судот му дозволува. Полномошникот на  тужителот предлага судот да донесе решение со кое барањето за прекин на постапката ќе го одбие и да продолжи со постапката во согласност со член 2014 став 2 од ЗПП по кое решение не е дозволена жалба. 

Полномошникот на  тужениот бара пред судот да одлучи за прекин на постапката да го види решението кое нема печат за правосилност, нешто што беше внесено во барањето за прекин на постапката па затоа постапката според него треба да се прекине. Полномошникот на  тужителот наведе дека наводите на другата страна се со цел да се доведе судот во заблуда при што се повика на член 288 од ЗКП врз основа на кој подносител на пријава само се известува, а жалба има право да поднесе само оштетениот во кривичната постапка според член 21 од ЗКП став 1 точка 4 и 5. Така донесеното решение е правосилно на денот на донесување на решението. 

Од страната на тужениот наведоа дека согласно член 288 од ЗКП правото на жалба за отфрлање на кривичната пријава е изрично предвидена. Тоа право е предвидено не за подносителот на пријавата туку за оштетениот. Во конкретниот случај не е точно дека оштетен за овие кривични дела не постои. Ова дело спаѓа во групата кривични дела против јавните финансии, а како оштетен се појавува РМ. Надлежно за имотните интересни на РМ е Државното правобранителство кое во име на РМ предјавува оштетно побарување во вакви постапки. Донесеното решение треба да се достави до државното правобранителство кое би поднело жалба против ова решение и би ја прекинало оваа постапка. Не постојат информации за поднесување на решението до државното правобранителство и дали по истото е поднесена жалба. Според тоа ова решение нема печат и не е правосилно. 

Полномошникот на  тужителот наведува дека полномошникот на  тужениот  истакнува правна логика без да го чита законот, па според член 21 оштетено е и другото лице кое учествува во кривичната постапка во кривичното гонење. Во моментов нема кривична постапка, има отфрлена кривична пријава и нема оштета и поради тоа полномошникот на тужителот бара да се цитираат до крај законските одредби и истите да се почитуваат. 

Од страната на тужениот наведоа дека согласно член 288 од ЗКП нижно е решението да биде доставено до оштетениот-РМ според член 21 од ЗКП. 

Судот им укажува на странките дека непотребно се впуштија во коментирање на доказ за кои судот пред донесување на решениоето за подготвително рочиште им соопшти дека имаат право да се произнесат дополнително, но не им го скрати и правото тоа да го направат сега. Во врска со барањето за прекин на постапката, имајќи го предвид туженото барање за клевета и штета, судот одлучува само во рамки на тужбеното барање. Ги наведува сите поднесоци. Судот носи решение за одбивање на предлогот за прекин на предметната постапка пред граѓанскиот суд поднесен од страна на полномошниците на тужениот. Против ова решение не е дозволена жалба. 

Судот носи решение подготвителното рочиште да продолжи со изнесување на тужбеното барање и одговорот на истото со поднесените докази.  

Полномошникот на тужителот останува во целост на тужбеното барање и приложените докази наведува дека се работи за изнесување на невистини, со цел уништување на честа и угледот на тужителот како резултат на конструкција од страна на тужениот, при што точно е одбрано времето и начинот за ефикасно постигнување на целта. Тужбеното барање детално е наведено во тужбата но накратко полномошникот на тужителот наведува дека тужениот изјавил дека: (татко на криминалот во РМ е Никола Груевски) што е невистина. Тој не е повеќе кратен сторител на кривични дека против кои има кривична пресуда. Во продолжение потенцира и цитира одредени изјави. Наведува дека доколку се видат во целост сите овие изјави ќе се види дека се работи за очигледни невистини. Во однос на одговорот на тужбата  неосновано се тврди дека не се работи за клевета затоа што изјавите тужениот ги дал во прашална форма. Читајќи ги изјавите и коментарите кои се дадени, очигледно е дека се дадени со намера да се наруши честа и угледот на тужителот бидејќи се дадени со афирмативен став кон истите. Не е точно дека Заев само прашувал, а не тврдел. Не е точно тврдењето дека тужителот не излегол јавно и не ги негирал невистините. Вистина е дека веднаш преку полномошник тужителот преку сите медиуми испрати деманти на изјавите дадени на наведените пресконференции. Но и потоа тужениот продолжи упорно и секојдневно со истите наводи, пред целокупната меѓународна и домашна јавност. Тужителот истакна барање за извинување и повлекување на изјавите. Овие писмени докази се приложени кон тужбата, а на сите колеги на спротивната страна им е јасно дека полномоѓникот врз основа на полномошно ги дава изјавите на властодавецот. Поднесокот од 17.06.2014 е повторување на изјавите од одговорот на тужбата. Поднесена е кривична пријава по истекон на рокот на застареност. На таа пријава има печат и факсимил, а го нема името на тужениот. Цитираните одлуки од ЕСЧП се погрешно ставени и немаат врска со овие наводи во одговорот на тужбата. Овие одлуки се во врска со утврдување дали во одреден случај се работи за вредносен суд или за став. Во однос на доказите: аудио снимка на ЦД и транскрипти на снимката. Ваква снимка може да се употребува за ако некој одлучи да си формира приватен суд и обвинителство и да формира една личност која ќе ја објави во јавност со што ја нарушува честа и угледот на едно лице. За сето ова да не се овозможи уставот и законот предвиделе процедури и законска регулатива, утврдиле кога и како можат да се прибават вакви докази кои ќе имаат доказна сила. Овие докази не смеат да бидат предмет на разгледување во ниедна постапка бидејќи би се дозволило да поединци бидат приватни судови и обвинители кои ќе спроведуваат специјални истражни мерки. Затоа полномошникот на тужителот даде предлог до судот да ги одбие овие докази (аудио снимка на ЦД и транскрипт на снимка) имајќи предвид дека ова е нерелевантен и незаконски прибавен доказ, па кон предлогот за одбивање на овие докази го вклучува и предлогот за одбивање на вештачењето на тоа ЦД.  Смета дека ни судот ниту пак адвокатите не треба да се впуштаат во анализа и коментирање на тие докази кои се незаконски и наведува дека поинаква одлука би била правен преседан која би имала негативни правни последици. Исто така смета дека нема цел за повикување на било какви сведоци за ваква постапка, но сепак остава на судот да одлучи по ова прашање. Ова се однесува на Јовица Стефанович- Нини бизнисменот од кого тужителот примил пари. Вториот сведок е спомнат за прв пат во одговорот на тужбата а тој е сведокот Ден Дончев. На денешното рочиште се предлага судот да изврши увид во ликвидацискиот предмет ЛБР.63/07, но адвокатот на тужителот смета дека ова е непотребен доказ бидејќи во предметот е издадена и потпишана потврда од ликвидациски судија. Интервјуата на одредени лица според полномошникот на тужителот немаат никаква врска со овој предмет бидејќи се дадени во минатите години. Во однос на представката до друг судија смета дека треба да се одбие од страна на овој суд. Од сите аргументирани постапки и наводи се гледа дека се работи за очигледна конструкција на овој настан. Смета дека се работи за тешка и од висок степен одговорност на штета на личноста на тужениот. 

Полномошникот на  тужениот наведе дека согласно член 8 став 1 од ЗКН нужен елемент за постоење на клевета е сознанието дека наводите кои ги изнесува се невистинити бидејќи тоа не е таков случај тука, односно се работи за сознанија за кој бил убеден дека се вистинити, втемелени на доказите на одговорот на тужбата и другите поднесоци. На јавното обвинителство му требаат 3 месеци за проучување на доказите и кривичната пријава. Отфрлањето на кривичната пријава за три различни основи го задржува правото да се произнесам и да приложам нови докази, истата не е отфрлена исклучиво поради застареност наведе полномошникот на тужениот. Спротивно на тврдењата на спротивната страна страната на тужениот останува на тврдењето дека во еден дел се работи за фактичко тврдење, а во еден дел за вредносен суд (мислење). Според тоа задача на овој суд ќе биде да направи разлика меѓу фактичко твредње и вредносен суд. Прашањата на тужениот на пресконференциите се вредносен суд, не за доведување во заблуда на јавноста, туку со цел да се отвори дебата за прашање од јавен интерес. Тужителот е премиер и неговата работа е јавна. Токму ваквите прашања кои покренуваат јавна дебата треба да уживаат заштита од гонење за клевета и навреда. Премиерот треба да покаже поголем степен на толерација. Во поглед на доказите, токму од нив произлегува убедувањето на тужениот дека она што го изнел на пресконференциите вистинито и без тие докази судот нема да може да оцени дали кај тужениот имало сознание. Во поглед на ЦД-то полномошникот на тужителот се спротистави на неговото изведување како доказ поради 

1.Изведувањето како доказ е ирелевантно во предметната постапка

2.Затоа што е прибавен на незаконски начин.

Во однос на првото полномошникот на  тужениот смета дека овој доказ не е ирелевантен бидејќи сознанијата на тужениот произлегле од оваа снимка. Според тоа судот не би можел да оцени дали во овој случај постои клевета ако го гледа само тоа што го изнесува тужениот без снимката, бидејќи таа снимка е интегрален дел од пресконференцијата. Во однос на второто смета дека законот за следење комуникации и ЗКП регулираат ситуација кога орган на прогон снима одредени разговори за истите во кривична постапка да бидат користени како доказ. Оваа снимка е приватна снимка која на тужениот му е дадена од лице учесник во разговорите. Евентуалното неизведување на овој доказ би било поради заштита на правото на приватност. Оваа снимка е јавно презентирана, па затоа повреда на правото на приватност на тужителот со презентирање на оваа снимка неможе да постои. Јавно објавените интервјуа се директно поврзани со стекнувањето на сопственоста врз македоска банка на оф-шор компании кои се од директна контрола на тужителот. Поврзани се со аудио снимката и пресконференциите. вршењето на овој увид  во ликвидациониот предмет и запознавањето на судот со овој предмет е неопходно потребно особено во однос на предложениот доказ. Потрено е да се прибави целокумниот ликвидационен предмет од судот и страните. Во однос на сведоците потребно е нивно сослушување за да се утврди дали тужениот имал основа да поверува во она што го изнел, посебно што едно од овие лица е учесник во предложениот доказ-снимка од Ден Дончев тужениот добил сознанија кои ги изнел. Ако се изведат овие докази судот би можел да утврди дека тужениот имал основа да верува дека она што го изнел е така. За вториот зведок (Нини) нема адреса со цел истиот да биде повикан како сведок. 

Од страната на тужителот наведоа дека е потребно да се расчисти со тоа кои сведоци ги предлагаат од страна на тужениот бидејќи едниот е од Австралија а другиот нема адреса. Истиот бара да се договорат кои докази ќе бидат изведени од нивна страна. 

Полномошникот на  тужениот Игор Милев наведе дека пред судот се изнесени неспорни факти и околности. На Заев му била дадена снимка на која е снимена продажба на банка и корупција. Според тоа се работи за дело во кое како оштетен се јавува РМ и секој граѓанин е должен да пријави корупција доколку знае за истото. Оваа тужба имајќи ја предвид сумата наведена во снимката представува линчување на личност и фамилија. Оваа снимка треба да биде потик за истражување и откривање на корупција а не дали доказот е прибавен законски или не. Од страна на тужителот велат дека тужителот претрпел повреда на чест и угледот, а за тоа нема докази (вештачење и сл.). Јасни се резултатите од изборите на кој тужителот освои дури и повеќе од очекуваното пратенички места, па според тоа не постои политичка штета која тој ја претрпел. За сведокот Нини не е позната адресата можеби издржува казна затвор во Србија, но од списите во предметот за ликвидација може да се најде неговата адреса. За сведокот Ден Дончев иако е во Австралија постои адреса и е спремен да дојде на покана и да даде свој исказ. Во интерес на постапката согласни сме да биде сослушан и од Австралија, законот го дозволува тоа. 

Од страна на тужителот наведоа дека не држи наводот тоа што ОЈО било поткрепа на фактот дека тужениот треба да верува во она што го изнесува. Од страна на тужителот наведоа дека Нини е сопственик на Јака Радовиш(80), тие ја купиле Македонска банка. Адресата на Нини ја има во кривичната пријава, па при нејзина анализа може да се најде адресата на сведокот Нини. 

Судијата наведе дека најдоцна до рочиштето за главната расправа странките имаат право да се произнесат. 

Судот донесе решение со кое се прифаќа изведување на доказите приложени со тужбата, приложените материјални докази кон истата објавени написи по медиуми кои се неспорни за двете странки, хронолошки наведени, аудио-видео проекција од пресконференциите 2 (15.04 и 16.04) со повторување на изјавите, барање за извинување и јавно повлекување на изјави од тужителот до тужениот и други докази предложени од тужителот. Распит на тужителот и тужениот во својство на странки, распит на предложени сведоци од тужениот (Нини), податоци за имотната состојба на тужениот, преглед на побарувања и долгувања- аналитички картички, кривична пријава.

 Докази кои што судот не ги прифати се: ЦД со аудио снимка, вештачење на снимката (гласот) изработен од проф. Д-р Слободан од Белград, судски вештак од областа информатичка технологија од мај 2014 година и транскриптот на снимката, извод од дневен весник „Вест’’, распит на Ден Дончев. Во поглед на останатите докази приложени кон поднесокот од 03.07 од страна на тужениот страница од интернет страната на „Вест„ потврда од општина Струмица, кривична пријава (решение за отфрлање) од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и Лбр.63/07 предмет достава на барање до адвокатот Оливер Ристовски за 5Лбр.63/07 од 02.07.2014 со прилог. За барање на податоци судот ќе одлучи на расправата по изведување на предходните погоре цитирани прифатени доказ. 

Во поглед на приговорот дека тужителот нема оригинал од решението на увид на судот приложува оригинал од решението за отфрлање. 

Судот носи решение за закажување на главна расправа за 14.07 и 15.07 во 9 часот. 

Полномошниците на тужениот побараа судот да дозволи имајќи ги предвит дозволените докази да ја презакаже главната расправа заради лично присуство на тужениот, кој на 14 и 15.07 е на службено патување надвор од РМ, кои се предходно закажани и предвидени од 08.07 до 17.07 за што може да потврди  присутниот шеф на кабинет доколку судот смета дека е потребно. Исто така може да се достават и материјални докази за патувањата. 

Од страна на тужителот наведоа дека се противат на барањето за одложување на главното рочиште затоа што не е неопходно потребно законски присуството на тужениот кога истиот е застапуван од шест полномошници. Посебно затоа што на следното главно рочиште не е закажан распит на тужениот. Доколку се закаже распит, треба да се бара одложување на распит, а не на рочиште бидејќи има и други докази. Барањето за одложување на главно рочиште според ова е не аргументирано и судот треба да го отфрли. 

Судот донесе решение со кое се прифаќа барањето на тужената страна, се отповикува решението за одржување на расправата за 14.07 и 15.07 и расправата се закажува за 01.09 и 02.09.2014 година во 9 часот. 

Полномошникот на тужителот наведува дека нема сознанија дали тужителот ќе биде во РМ и остава на судот да одлучи. 

Се повикуваат тужителот и тужениот за распит на странки преку присутните полномошници, се повикуваа сведокот Нини, со што доказната постапка на 01.09 од 9 часот ќе започне со изведување на материјални докази и распит на сведокот, а распитот на тужителот и тужениот се закажува за рочиштето на 02.09.2014 година во 9 часот.  


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo