Corner Судство

13-та Седница на Уставниот суд на РМ 13 Мај 2015

На 13.05.2015 година, со почеток од 09:00 часот, се одржа тринаесетта седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд не расправаше во полн состав од 9 судии. Отсутна беше судијката Наташа Габер-Дамјановска. Уставниот суд расправаше по следниов

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Одлука за донесување на Детален урбанистички план за УЕ-4, блок 14, опфат 5-Струга број 07-3414/18 од 13 ноември 2012 година, донесена од Советот на Општина Струга („Службен гласник на Општина Струга  бр.11/2012)

Реферат У.бр.16/2013 и Реферат У.бр.22/2013

2. Делот „наука“ од членот 3 став 1 алинеја 2 од Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014 и 199/2014) 

Реферат У.бр.70/2014

3. Член 16 алинеја 3 во делот: „и други прописи и подзаконски акти“ од Законот за судска служба (“Службен весник на Република Македонија“ број 43/2014)

Реферат У.бр.149/2014

4. Членовите 92 и 97 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014 и 160/2014)

Реферат У.бр.12/2015 

5. Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Трета МУБ“ дел од урбан блок 48-дел 5, Плански опфат меѓу ул. „Миле Кипра“, ул. „Перо Шварц“ и ул. „Перо Чичо“-општина Куманово, бр. 07-4152/14, донесена од Советот на општина Куманово на 26 јуни 2013 година. 

- Одлука за донесување на измена и дополнување на Генерален урбанистички план за град Куманово УЕ „Трета МУБ“, УБ 48-Општина Куманово.

Реферат У.бр.30/2015

III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:

1. Предлог за одлучување по предметот Реферат У.бр.48/2014 со нацрт-одлука

Точка I.1 

Судија известител: Владимир Стојаноски 

Судијата известител го повлече рефератот, бидејќи не бил добро подготвен и имал технички грешки.

Точка I.2 (Закон за административни службеници)

Судија известител: Сали Мурати

Судијата Сали Мурати, накратко го изложи својот реферат. По излагањето никој не побара збор, и расправата се затвори. 

Точка I.3 (Закон за судска служба)

Судија известител: Вангелина Маркудова

Излагајќи го накусо својот реферат, судијата Вангелина Маркудова истакна дека со оваа иницијатива се оспорува членот 16 од Законот за судска служба. За истиот овој член веќе постои дека уставно-судска пракса, бидејќи Уставниот суд одлучувал  во 2015 година. По излагањето на рефератот се отвори расправа. 

За збор се јави судијката Гзиме Старова, која истакна дека го подржува предлогот на судијката Вангелина Маркудова. Таа истакна дека не е спорно како се уредуваат, туку како се извршуваат правата и обврските, и иницијативата треба да биде во таа насока. Никој друг не побара збор.

По ова расправта се затвори.

Точка I.4 (Закон за шуми)

Судија известитетел: Јован Јосифовски 

Во своето кусо излагање на рефератот, судијата Јован Јосифовски истакна дека оваа иницијатива треба да се отфрли, бидејќи Уставниот суд веќе се има произнесено за уставноста на истата. Никој не побара збор.

Точка I.5 (Оспорена одлука за ДУП)

Судија известител: Сали Мурати 

Судијата Сали Мурати накратко го изнесе рефератот. Никој не бара збор.

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДЕМТИТЕ:

Точка II.1 (Предлог за одлучување)

Последната точка на дневниот ред се однесуваше на предметот реферат У.бр.48/2014 и за овој реферат не се расправаше.

Тринаесетта седница на Уставниот суд заврши во 10:30 часот. 

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. Првата забелешка се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. Без наведување на подносителот на уставната иницијатива или барањето за заштита на слободи и права на граѓаните и резиме на наводите, јавноста не би била во можност да разбере за што точно станува збор при дискусиите и одлучувањето на судиите. 

Втората забелешка се однесува на тоа дека јавноста беше исклучена, кога на почетокот на седницата, судиите решаваа за процедурално прашање, односно кога на гласање беше ставен дневниот ред. 

Во врска со Точка II.1 (Реферат У.бр.48/2014), не е јасно од кои причини, иако беше ставено на дневен ред, не се расправаше за него.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo