Corner Судство

26-та Седница на Уставниот суд на РМ 04 Ноември 2015

На 04.11.2015 година, со почеток од 9:15 часот, се одржа дваесет и шестата седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во полн состав. За време на седница присутни беа новинари медиумите Телма, 24Вести и порталот Академик.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 6 (Советот за утврдување на факти е составен од 9 члена и тоа: - три члена од редот на пензионирани судии со непрекинат судиски стаж од над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кои за време на својот судиски стаж не биле дисциплински санкционирани, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, - три члена од редот на пензионирани јавни обвинители со непрекинат јавно обвинителски стаж над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кои за време на својот јавно обвинителски стаж не биле дисциплински санкционирани, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, - два члена од редот на пензионираните универзитетски професори на Правен факултет на универзитетите во Република Македонија, со непрекинат универзитетски стаж на редовен професор над 15 години, со истакнати резултати и објавени научни трудови во своето работење, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, - еден член од редот на пензионираните адвокати со непрекинат адвокатски стаж над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кој за време на својот адвокатски стаж не бил дисциплински санкциониран.) од Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија („Службен весник на Република Македонија’’ бр.20/2015) 

Реферат У.бр.23/2015

2.Член 5 (Административниот службеник ги почитува законските прописи и никогаш не работи на начин за кој знае или се сомнева дека е незаконски, непрописен или неморален. Тој не подлегнува на притисоците за извршување на противуставни и незаконски работни задачи од претпоставените.)од Кодексот за административни службеници (’’Службен весник на Република Македонија’’ бр.183/2014) и (На граѓаните и на другите субјекти им обезбедуваме квалитетни, навремени и ефикасни услуги. Кон нив се однесуваме чесно, љубезно, пристојно, со должна почит и разбирање, обезбедувајќи фер однос. Правиме сè за да им помогнеме на нашите клиенти во остварувањето на нивните права и интереси, истовремено водејќи грижа за јавниот интерес) од Изјавата за прифаќање на декларацијата за зедничка мисија на вработените во јавниот сектор објавена во прилог на Кодексот за административни службеници (Службен весник на Република Македонија’’ бр.183/2014)

Реферат У.бр.49/2015

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА: 

1.Барање за заштита на слободи и права по предметот У.бр.89/2015 

Точка I.1 (Совет за утврдување на факти)

Судија известител: Владимир Стојановски

Судијата Стојановски извести дека Член 6 од Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија е оспорен преку две посебни иницијативи. Еден од иницијаторите навел дека наведениот член не е во согласност со Уставот како и со Член 104 од Законот за работни односи. Според судијата Стојановски, Советот е формиран по препорака на ГРЕКО и е во рамки на ИПА компонентата за правосудство. 

Судијата Стојановски посочи дека во врска со наводната несогласност на оспорениот член со друг член од Законот, Уставниот суд нема надлежност да цени согласност на одредби од закон со други одредби од друг закон. Во врска со една од иницијативите преку која бил оспорен бројот на членови во Советот, судијата исто така посочи дека Уставниот суд нема надлежност да се произјаснува за такви прашања, односно негодувања.

За збор се јави судијката Наташа Габер-Дамјановска која реагираше на одговорите во врска со иницијативата, побарани од Уставниот суд, а испратени од страна на Собранието на РМ и Владата на РМ. Судијката посочи дека одговорот на Собранието е во суштина истиот одговор кој го испратила и Владата, односно се работи за „copy-paste“ одговор. Според судијката Габер-Дамјановска, преку ова се огледа односот на другите власти, а особено Собранието на РМ кон Уставниот суд.

Во врска со предметот, судијката Габер-Дамјановска истакна дека се работи за интересна материја и потсети дека уставните судии претходно имале вежба за дискриминација. Според судијката, прашањето е дали возраста е услов или квалификација за работното место. Судијката понатаму истакна дека немање на статус на пензионер за кандидатите значи административна пречка за пријавување на работното место. Според неа, статусот на пензионер не е гаранција за успешно извршување на функцијата. Судијката своето излагање го заврши со прашањето: Зошто е потребно огромно искуство кога членовите на Советот ќе бидат само истражители?

За збор се јави судијката Гзиме Старова која се надоврза на дискусијата за одговорот на Владата на РМ и Собранието на РМ и истакна дека односот на овие две институции се провлекува неколку седници наназад. Таа посочи дека на писмениот одговор на Собранието воопшто нема печат. Таа изрази сомневање дека Уставниот суд воопшто ќе реагира поради ваквото постапување. 

Судијката Старова кажа дека има дилема за распределувањето на предметите кои според праксата требало да одат по азбучен ред. Според ова, индиректно беше изразено сомневање дека овој предмет требало да биде распределен кај друг судија, а не кај судијата Стојановски. 

Судијката Старова истакна дека во иницијативите имало стручност, знаење и дека тие се добро срочени. Според неа, добро срочен бил и рефератот на судијата Стојановски. Сепак, истакна дека составен дел на рефератот требало да биде и компаративно искуство од некоја земја членка на ЕУ. 

Според судијката Старова, со оспорениот закон кандидатите се поставени во нерамноправна положба затоа што тие немаат еднаква можност да конкурираат за работните места. Таа не спори дека кандидатите треба да бидат од областите на судството, академијата, обвинителството, адвокатурата, но постои дискриминација затоа што се бараат два услови и тоа тие да бидат пензионирани како и да имаат претходен работен стаж од најмалку 15 години. Според судијката, најголемиот проблем се јавува со професорите припадници на заедниците. Имено, прашање е дали ќе се најде некој професор со 15 години претходно стаж и да е пензионер. 

За збор се јави судијата Никола Ивановски кој истакна дека целосно и потполно го поддржува рефератот на судијата Стојановски. Според судијата Ивановски, не постои дискриминација затоа што работното место е подеднакво достапно за сите што ги исполнуваат условите. Тој истакна дека и нему не му се допаѓаат некои одредби од некои законски решенија, но тие како судии треба да ја ценат единствено уставноста на таквите решенија. Според него, можеби има и подобро законско решение од постојното, но тоа не е неуставно. 

За збор се јави судијата Сали Мурати кој наведе дека дискусијата ќе била поплодна доколку судиите имале пристап до компаративна анализа. Според судијата Мурати, прашањето кај Советот е дали преку него не се врши упад во Судскиот совет на РМ. Тој запраша што ако некој кандидат работел на пр. 12 години како јавен обвинител, а 3 години како професор. Дали тој би го исполнил условот? Судијата запраша од каде е недовербата кон Судскиот совет на РМ? 

За збор се јави судијката Гзиме Старова која се обрати кон претходните говорници и запраша како може да кажат дека е добар закон кога знаат дека нема професор од немнозинските заедници што може да ги исполни условите. Судијката истакна дека ниту таа не ги исполнува условите и покрај тоа што има претходно работно искуство како професорка и судијка. 

За збор се јави претседателката 

која и се обрати на судијката Старова со порака да не го руши угледот на Уставниот суд, навраќајќи се на нејзиното излагање во кое таа изрази сомневање за тоа како овој предмет бил распределен кај судијата Стојановски. Според претседателката Гошева, пракса на Уставниот суд е предметите да бидат распределувани од страна на генералниот секретар на Судот. 

Точка I.2 (Кодекс за административни службеници)

Судија известител: Наташа Габер-Дамјановска

Судијката Габер-Дамјановска истакна дека нема што да додаде во врска со нејзиниот реферат по овој предмет.

Точка II.1

Судија известител: Владимир Стојановски

Судијата Стојановски истакна дека нема што да додаде во врска со неговиот реферат по овој предмет.

По исцрпувањето на точките од дневниот ред, претседателката Гошева ја затвори седница во 10:00 часот по што судиите пристапија кон тајно гласање. 

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет, во месец февруари 2015 година, веќе се произнесе за неуставните елементи на оспорениот Закон за Советот за утврдување на факти.  Во врска со постапката пред Уставниот суд, загрижува фактот што извршната и законодавната власт испраќаат потполно ист одговор, а при испраќањето на „својот“ одговор, без да го завери со печат, Собранието на РМ воопшто не ги следело законските и внатрешните прописи за изготвување на акт. Загрижувачки е и фактот што Собранието на РМ го препраќа одговорот на Владата на РМ како свој, со што само се засилуваат сомнежите дека извршната власт се замешува во области што се под надлежност на другите власти. 

Од аспект на работата на Уставниот суд, најзагрижувачки е фактот што и покрај тоа што ваквото постапување на законодавната и извршната власт, тоа не е проследено со реакција на Уставниот суд кој како независна институција треба да ја штити уставноста и законитоста. И покрај тоа што малцинството судии редовно реагираат на оваа пракса и предлагаат официјална реакција, се чини дека за мнозинството судии ваквиот однос на властите кон Уставниот суд не е проблематично. 

Излагањето на судијката Старова, која се посомнева во распределувањето на предметите меѓу судиите и истакна дека тоа треба да се одвива по азбучен ред од една страна и излагањето на претседателката Гошева која истакна дека предметите ги распределува генералниот секретар на судот, отвораат дилема за начинот на распределба на предметите. Ваквите изјави предизвикуваат сомнение за независноста и непристрасноста на Уставниот суд. 

Што се однесува до точките I.2 и II.1 од дневниот ред, како и многупати претходно, изостанаа известувањето за тоа што било наведено во инцијативата односно барањето за заштита на човековите права, како и дискусија по тие точки. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да ја образложат иницијативата и рефератот подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. Без наведување на подносителот на уставната иницијатива или барањето за заштита на слободи и права на граѓаните и резиме на наводите, јавноста не би била во можност да разбере за што точно станува збор при дискусиите и одлучувањето на судиите.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo