Corner Судство

27-ма Седница на Уставниот суд на РМ 18 Ноември 2015

На 18.11.2015 година, со почеток од 9:05 часот, се одржа дваесетиседмата седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во полн состав, а на седницата во својство на јавност присутни беа студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 51 (Осигурителните брокерски друштва се должни во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, според динамика што ќе ја утврди Агенцијата, да ја пренесат на друштвата за осигурување премијата што ја наплатиле, а не ја пренеле до денот на влегувањето во сила на овој закон. Агенцијата ја одзема дозволата за вршење на осигурително брокерски работи на осигурителните брокерски друштва кои нема да постапат согласно со ставот (1) на овој член.) од Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување (’’Службен весник на Република Македонија’’, бр. 112/2014).

Реферат У.бр.57/2015

2.(1. Намената на бесправно изградениот објект на улицаГрадски Парк б.б. на КП 5338, КО Центар 1, во Скопје не е во согласност со намената на земјиштето на кое е изграден објектот утврдена во важечката урбанистичко-планска документација.
2. Градот Скопје нема да донесе урбанистичко-планска документација со која ќе се изврши промена, односно усогласување на намените од точката 1 на оваа одлука.
3. Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на Град Скопје“.
)од Одлука за недонесување на урбанистичко-планска документација за бесправно изградениот објект на улица Градски Парк број б.б. на КП 5338, КО Центар1,број 07-2101/7, донесена од Советот на град Скопје на 19 февруари 2015 година.

Реферат У.бр.82/2015

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметотУ.бр.65/2015

Точка I.1

Судија известител: Наташа Дамјановска-Габер

Судијката Габер го изложи својот реферат при што наведе дека одредба одЗаконот за супервизија на осигурување е оспорена преку иницијатива на Стопанската комора на Македонија. Според судијката, оспорената одредба се однесува на дисциплина при финансиски обврски поради што предложи да не се поведе постапка.

За збор се јави судијата Сали Мурати кој запраша што е целта на иницијативата и дали преку неа се ограничуваат права.

Судијката Габер објасни дека членот го регулира односот помеѓу брокерските друштва и осигурителните компании. Првичната иницијатива била нејасна, од страна на Уставниот суд подносителите биле контактирани со цел да ја дополнат, по што тие испратиле дополна. Судијката комуницирала телефонски со 2-3 брокерски друштва и ги прашала за односот со осигурителните компании. Одговорот кој го добила е дека вообичаено наградите се исплаќаат редовно.

За збор се јави судијката Гзиме Старова која предложи иницијативата да се отфрли.

За збор се јави судијата Владимир Стојановски кој исто така предложи иницијативата да биде отфрлена. Тој појасни дека осигурителните компании склучуваат договор со брокерски друштва кои пак премиите ги исплаќаат во рок од 15 дена. Според него за премијата која треба да се исплаќа не постои рок. Брокерските друштва работат тековно без да знаат кога ќе ја добијат премијата која со осигурителните компании можат да ја вложат и заработат на камати.

За збор повторно се јави судијката Габер која кажа дека се согласува иницијативата да биде отфрлена.

За збор се јави судијата Јован Јосифовски кој исто така предложи иницијативата да се отфрли. Тој кажа дека во иницијативата постои прашање зошто нема одредена законска одредба, за тоа е надлежно Собранието, а не Уставниот суд.

Точка I.2

Судија известител: Наташа Габер-Дамјановска

Судијката Габер истакна дека оспорената одлука не е пропис туку индивидуален акт и не е подобен за судско одлучување. Истакна дека иницијаторот ја повлекол иницијативата. По ова судијката запраша како треба да се постапи во ваков случај.

За збор се јави судијата Јосифовски кој истакна дека посоодветно е да се констатира дека иницијативата е повлечена.

За збор се јави судијата Никола Ивановски кој кажа дека се согласува со судијата Јосифовски. Според судијата Ивановски секој подносител има право иницијативата да ја повлече до самиот момент на одлучување.

За збор се јави судијата Мурати кој кажа дека се согласува иницијативата да се отфрли, подносителот можел одлуката да ја оспори во управна постапка.

За збор се јави судијката Старова која истакна дека треба да се земе предвид повлекувањето, по што според неа оваа постапка треба да биде запрена.

За збор се јави судијата Јосифовски и кажа дека подносител е Стамен Филипов кој иницијативата ја повлекол и треба да се почитува неговата волја.

За збор се јави судијката Габер која истакна дека Деловникот на Уставниот суд е стар и дека тие одат по судска пракса и претходни ставови на судот. Во врска со тоа, таа постави ново прашање: Дали сегашниот став на судот (постапката да се запре) треба да се однесува и на идни иницијативи што би биле повлечени?

За збор се јави судијата Јосифовски кој повторно кажа дека ако иницијативата е повлечена постапката треба да се запре затоа што сега не постои предлог.

За збор се јави судијата Владимир Стојановски кој истакна дека во конкретниов случај се работи за предмет по кој Судот не може да одлучува. Да бил оспорен закон или подзаконски акт ќе било поинаку па ќе се одлучувало дали Судот да продолжи да го разгледува предметот по сопствена иницијатива.

Точка II.1

Судија известител: Наташа Габер-Дамјановска

Судијката Габер истакна дека барањето се однесува на слобода на изразување. Таа не смета дека авторот бил спречен во остварување на авторските права. Според судијката Габер, подносителот се осврнува на финансискиот аспект, односно кој колку добил што не е поврзано со правата и слободите на граѓаните.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. Во врска со Точка I.2, судиите постапија во согласност со Член 47 од Деловникот на Уставниот суд во кој, меѓу другото, е наведено дека Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката биде повлечена иницијативата за оценување на уставноста односно на уставноста и законитоста, а Уставниот суд не наоѓа основа да ја води постапката по сопствена иницијатива. Во врска со Точка II.1, Хелсиншкиот комитет смета дека судијата известител недоволно го образложи својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да ја образложат иницијативата и рефератот подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. Без наведување на подносителот на уставната иницијатива или барањето за заштита на слободи и права на граѓаните и резиме на наводите, јавноста не би била во можност да разбере за што точно станува збор при дискусиите и одлучувањето на судиите.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo