јануари 20, 2020

360° Европската комисија ќе почне мониторинг на судските процеси за висока корупција и организиран криминал

ЕУ се надева дека со мониторингот, кој ќе има широк опфат, ќе помогне во дебатата за ветинг во судството, ќе придонесе за подобро делење на правдата и за враќање на довербата на граѓаните.

Анализата на „360 степени“ за предметите на СЈО од минатата недела покажа:

„И додека сите институции велат дека совесно си ја вршат својата работа, фактите велат дека по две и пол години судење на над 100 обвинети лица од страна на СЈО, меѓу кои и поранешен премиер и министри, зад решетки се само две лица.“

Поранешни функционери, со правосилни пресуди, наместо да бидат во затвор, шетаат на слобода.

Партијата, чија поранешна елита е директно засегната, има своја анализа за предметите на СЈО.

„Оние коишто се во коалиција и договор со Зоран Заев, таму судијата заборава по три месеци да закаже рочиште, па почнува од почеток. Оние коишто не се во договор со Зоран Заев, се тераат маратонски рочишта како ова што го споменавте од ТНТ од 12 часа, па утредента пак се закажува рочиште. Немаат време луѓето да спијат, не да се спремаат“,

вели Николоски.

Во екот на зачестени одлагања на судски рочишта и застарување на кривични дела, пред околу еден и пол месец, тогашниот премиер порача:

„Владата ја повикува и ЕК веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил“,

рече Заев на 1 декември 2019.

Две недели подоцна амбасадорот на ЕУ потврди дека Брисел се подготвува да започне со мониторинг.

„Еден од проектите кој ќе стартува идната година е мониторинг на судските предмети за висока корупција“,

рече Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во С. Македонија на 16 декември 2019.

Проверивме – дали навистина е блиску стартот на европскиот мониторинг на експонираните судски случаи и дали тој може да ги подобри состојбите во судството и да го помогне исполнувањето на условите на патот на земјава кон ЕУ.

Европската комисија секоја година објавува извештаи за реформскиот напредок на земјите што имаат аспирации еден ден да станат членки на Европската Унија. Заедно со извештаите, Комисијата презентира и други документи со кои ги посочува заедничките проблеми и приоритети за овие држави.

„Секоја година регионот треба да испорача повеќе искрени и одржливи резултати за клучни прашања како владеењето на правото, борбата против корупција, организираниот криминал, основните права, функционирањето на демократските институции…“

рече тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан на 29.5.2019.

За да помогне да се подобрат состојбите во овие области, првпат во февруари 2018 година, а потоа и во мај минатата година, Европската комисија препорача:

„Треба да се воведе мониторинг на судските процеси во областа на сериозната корупција и организираниот криминал.“

Идејата на Европската комисија за мониторинг на експонираните судски процеси е логична последица на пристапот во кој поглавјата 23 и 24, кои ги опфаќаат владеењето на правото, независноста на судството и основните човекови права, се темели на преговорите за членство за секоја земја кандидат. Овие поглавја, според актуелната методологија, први се отвораат и последни се затвораат што ја покажува важноста на овие прашања за ЕУ. Оттука, ако мониторингот треба да помогне за подобрување на ситуацијата во судството, дилемата е како ќе изгледа тој процес, кој ќе го спроведува, колку ќе трае?

Прашањата ги упативме до шефот на европското претставништво во земјава.

„ ЕУ односно ЕК реши да го финансира проектот кој ќе почне годинава и ќе трае околу 3 години. Проектот за целиот регион ќе чини 6 милиони евра. ОБСЕ ќе го имплементира, разговараме со ОБСЕ зашто тие имаат искуство во набљудувањето судски случаи, што значи дека ОБСЕ ќе биде партнерот што ќе го врши мониторингот“,

вели Жбогар.

Знаете ли кога ќе почне проектот и колку предмети ќе бидат опфатени?

„Тоа се детали кои во моментот се договараат меѓу ЕК и ОБСЕ исто како и целиот процес и индикаторите кои ќе бидат важни во мониторингот на предметите и затоа не можам да ја споделам бројката на предмети што ќе бидат опфатени, но мислам дека ќе биде значителна. Проектот ќе почне годинава, но се уште не го знаеме датумот“,

вели Жбогар.

И во Министерството за правда се уште не го знаат датумот за почеток на мониторингот. Велат дека со оглед на тоа што станува збор за регионална иницијатива ќе треба да се почекаат и останатите држaви од соседството. Од правда потврдуваат дека Северна Македонија веќе дала согласност за овој процес.

Проценките на граѓанскиот сектор кој ги следи случувањата во судството се дека има потреба од дополнителен ангажман на меѓународната заедница.

ТОНСКИ: АЛЕКСАНДАР ЈОВАНОВСКИ (ХЕСЛИНШКИ КОМИТЕТ) 04.35

„Мониторингот го споменавте и сметам дека тоа е еден од поелегантните начини зашто се обезбедува дека процесот се спроведува во тие некои законски норми, дека се почитува процедурата, дека правата на бранителите се заштитени“,

вели Александар Јовановски од Хелсиншкиот комитет.

Брисел очекува од овој проект да ги идентификува недостатоците и проблематичните системски прашања и да даде препораки за во иднина.

„Се надеваме дека овој проект прво ќе му помогне на судството самото да се подобри и да го подобри испорачувањето на правдата, се надеваме дека ќе ја зголеми довербата на граѓаните во судството и нам ќе ни помогне во подобро проценување како да му помогнеме на судството подобор од тоа што го правеле надлежните или ние самите. Треба да напоменам дека во целиот процес има одередени принципи кои стриктно ќе се применуваат: немешање во судството, целосна независност на судството при постапувањето за овие случаи, ние нема да се мешаме и правото на одбрана и пресумпција на невиност итн… Се ова се принципи до кои ќе се придржуваме“,

вели Жбогар.

И во новата методологија за пристапување која Европската комисија ќе ја објави на крајот на месецот, а читајќи го францускиот нон-пејпер врз основа на кој се кројат измените, владеењето на правото, судството и основите права остануваат суштински критериум од стартот се до крајот на преговорите за членство.

„Мислам дека причината зошто оваа дебата се отвора токму сега и инсистирањето на реформа на самиот процес на проширување е дека иако овие поглавја се отвораат на самиот почеток, конкретната земја не обезбедува до крај почитување на преземените обврски. Тука и Македонија е пример зашто имавме уназадување. Кога имате неефикасно судство и ненезависно судство, тие процеси може да ги вратите назад“

вели Јовановски.

Затоа се такви пораките од европските дипломати, конкретно од амбасадорот Жбогар, дека и „покрај напредокот во судството, особено во делот на законската основа“, потребно е спроведување на тие закони – нешто што треба да биде поттикнато од најавениот мониторинг.

„Не бегаме од тоа дека гледаме проблеми во судството, гледаме дека предметите почнуваат од почеток, дека судии се заменуваат, дека законските рокови се пробиваат… Луѓе, обвинети ни приоѓаат со своите грижи и оттука ни сме свесни за проблемите, но веруваме дека со реформите на постојниот правен систем и со зајакнување на судските институции тие одвнатре може да се справат“,

вели Жбогар.

Зошто ЕУ и ЕК не се толку за ветинг во судството и обвинителството? 

„Во јавната дебата во изминатите месеци гледам дека има различни разбирања за тоа што значи ветингот. Како што реков ние не се држиме настрана и ги гледаме проблемите во судството, но веруваме дека општ ветинг, кој за нас се подразбира под терминот ветинг, не е неопходен. Не гледаме универзално лошо однесување во судството, туку гледаме дека мнозинство од судиите и обвинителите можеби се под политичко влијание и веруваме дека тие би можеле да бидат предмет на професионални и етички правила, или на можна кривична одговорност, но дека со нив би се справило самото судство. Веруваме дека институциите во судството, како Судскиот совет, треба да бидат поддржани и засилени и дека тие имаат важна улога во воспоставувањето подборо однесување во судството. Прво, мислам дека треба да почнеме од политичарите кои треба да прекинат во мешањето и коментирањето за судството“,

вели Жбогар.

Европската унија нема „аки“ – заедничко право во областа на судството. Системите се различни во секоја држава членка во зависност од локалните традиции и специфики. Но, ЕУ има заедничка цел кон која се стреми во оваа област – судството во сите членки да биде независно и ефикасно, да испорачува правда, законите да важат за сите подеднакво, а граѓаните да веруваат дека навистина е така. Најавениот европски мониторинг треба да му помогне на македонското да стане европско судство.