Corner Судство

30-та Седница на Уставниот суд на РМ 16 Декември 2015

На 16.12.2015 година, со почеток од 09:10 часот, се одржа 30-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше вополн состав од 9 судии.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Член 77 ставови 5 и 8 и член 109 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013)

Реферат У.бр.50/2015

2.Член 228 ставови 2, 4 и 5 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 51/2011 и 100/2012)

Реферат У.бр.66/2015

3.Правилник за формата и содржината на патниот налог, донесен од Министерот за транспорт и врски („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2015 и 94/2015) Реферат У.бр.62/2015

4.Одлука за утврдување на цената за одведување и прочистување на отпадни води во с. Sвегор, бр.09-1633/1, донесена од Советот на општина Делчево на 26 август 2015 година.

Реферат У.бр.88/2015

Точка I.1

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Судијата Исмаил Дарлишта накратко го изложи својот реферат. За оспорениот став 5 Судот веќе одлучувал, а за ставот 8 Судијата образложи дека смета дека наодите се неосновани и дека предлага да не се поведе постапка.

Судијката Габер-Дамјановска се јави за збор и изјави дека се согласува со предлогот, нозабележа дека пропуст во Законот е тоа што тој не го регулира непостапувањето на извршителите а, дека тоа сме сведоци дека може да е штетно.

Судијата Сали Мурати се јави за збор и како реплика на она што го кажа судијката Габер-Дамјановска дека во таков случај секоја странка може да поведе спор за непостапување пред редовните судови.

Претседателката Елена Гошева ја затвори расправата за првата точка.

Точка I.2

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Судијата Исмаил Дарлиштанакраткого изложи својот реферат. Тој предложи да не се поведе постапка повикувајќи се на претходна судска пракса.

Никој не побара збор.

Претседателката Елена Гошева јa  затвори расправата за втората точка.

Точка I.3

Судија известител: Сали Мурати

Судијата Мурати накратко го изложи својот реферат. Иницијативата го оспорува овластувањето на Министерот за транспорт и врски да потпишува налози за превоз на патници и стоки и дека тоа е надвор од неговата надлежност. Исто така кажа дека патниот налог содржи основни елементи и не се проширува, но само се разработува.Смета дека се исполнети условите.

Никој не побара збор.

ПретседателкатаЕлена Гошева ја затвори расправатазa третататочка.

Точка I.4

Судија известител: Гзиме Старова

Судијката Старова накратко го изложи својот реферат во врска со одлуката за утврдување на цената за одведување и прочистување на отпадни води во с. Sвегор донесена од Советот на Општина Делчево на 26 август 2015 година и изјави дека останува на изнесените наводи во рефератот. Ја прикажа суштината и рече дека бидејќи не постои реална можност да се измери кој колку вода троши поради непостоење на мерни инструменти во некои домакинства, плаќање на истите за услугата во форма на паушал не е спротивно на законите бидејќи за секоја услуга мора да се плати определена вредност. Таа образложи дека при изготвување на рефератот детално се анализирани одредби од Законот за комунални дејности и Законот за снабдување со води. Исто така наведе дека и во други општини има иста пракса. Судијката исто така напомена дека самата општина се изјаснила дека нема да ја спроведува одлуката додека Уставниот суд соодветно не се изјасни по неа.

Судијата Сали Мурати се јави за збор и истакна дека се согласува со наводите кои ги истакна судијката Старова и изјави дека смета дека нема повреда на одредбите од членот 9 на Уставот.

Судијата Јован Јосифовски се јави за збор и изјави дека услугата треба да се плати соодветно на тоа колку се троши. Истакна дека во ниту еден закон кој регулира прашање поврзано со вода и водоснабдување не е децидно предвидено паушално плаќање. Изрази зачуденост што самата Општина Делчево, како што произлегува од  нејзиниот одговор и одлука за непостапување, не е уверена дали постапила согласно законот.

Судијката Гзиме Старова се јави на збор и истакна дека за сите тие дилеми и прашања Уставниот суд не може да одговори и дека целта е да се наплати за услугата, односно да не остане ненаплатена. Според неа ситуацијата е апсолутно чиста.

Повторно за збор се јави судијата Јован Јосифовски и изјави дека сепак останува на ставот дека одлуката не е во согласност со законот.

Повторно за збор се јави судијката Гзиме Старова и изјави дека Судот на крај ќе одлучи при гласањето по овие прашања.

Судијата Владимир Стојаноски се јави за збор и истакна дека смета дека оваа ситуација ќе биде проблематична затоа што според него така може да настане ситуација кога сите ќе ги извадат водомерите во руралните места со цел да плаќаат паушално. Побара овој реферат да се одложи бидејќи не е јасен реферат.

Судијката Гзиме Старова повторно се јави за збор и изјави дека не се сложува со судијата Владимир Стојаноскии наведе дека овој случај не треба да се проблематизира.

Потоа се јави на збор судијата Јован Јосифовски кој го прочита членот 6 од Законот за снабдување со води и повторно потенцираше дека никаде не се споменува паушално плаќање.

Судијката Гзиме Старова се јави за збор и повторно потенцираше дека иницијативата е јасна.

Судијата Сали Мурати се јави за збор и изјави дека според Законот за локална самоуправа член 22 точка 4, општината има таква надлежност и дека паушалното плаќање не е нешто ново.

Потоа се јави за збор судијата Јован Јосифовски и изјави дека децидно треба да се реши колку да се плати според потрошувачката, а не со паушал.

Претседателката Елена Гошева се јави за збор и даде свое мислење дека со одлуката не е направен пропуст бидејќи во с. Ѕвегор нема водомери. ЈП ги инсталира водомерите. Додека не се инсталираат водомери правилно би било да се плаќа паушално и дека смета дека најверојатно тоа е и целта на оваа одлука. Таа изјави дека се согласува со заклучоците од рефератот и истакнa дека треба да се гледа пошироко.

Судијката Габер-Дамјановска се јави за збор и истакна дека го поддржува предлогот и изјави дека законодавецот бил свесен за вакви ситуации.

Се јави за збор судијата Јован Јосифовски и изјави дека не станува збор за други ситуации, туку за конкретната.

Бидејќи никој дополнително не се јави за збор претседателката Елена Гошева ја затвори расправата.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. Претставниците на Хелсиншкиот комитет имаат забелешка што се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. Единствената забелешка се однесува дека при едно излагање на судијката Старова претседателката Гошева ѝ упадна во излагањето со цел да ја прекине во излагањето.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo