Corner Судство

31-ва Седница на Уставниот суд на РМ 23 Декември 2015

На 23.12.2015 година, со почеток од 09.00 часот, се одржа 31-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во полн состав.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I.РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:


1
.Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија”, број 51/2011)
Реферат.У.бр.4/2015

2.Член 10 став 2 во делот: „под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон”, член 58 став 1, член 91 и член 104 став 2 алинеја 2, од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија”, број 124/2015).
Реферат У.бр.71/2015

3. Правилник за надоместоците за користење на фонограми и изведби, во целина и посебно и член 1 ставови 1, 2 и 3, член 2, член 6 став 4 

- Тарифа за надоместоци за користењето фонограми и изведби, во целина и посебно тарифни броеви 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 22, 23, 25, 28, 29, 30, 31 ставови 2 и 3, 32 ставови 2 и 3, 33 ставови 2 и 3, 34 ставови 2 и 3, 35 став 7, 36 и 37 под г)
донесени од Собранието на Организацијата за колективно управување на правата на проиозведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „Македонска музичка индустрија- ММИ“ и објавени воСлужбен весник на Република Македонија“ бр.142/2012.

Реферат.У.бр.201/20124. Член 51 став 1 и став 2, во делот: „подуслови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност“ од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, донесен од Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија на 

28.05.2006, 25.05.2007, 30.05.2009, 28.05.2011, 12.05.2012 и 18.05.2013 година (објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2013),

- Кодексот за професионална етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија, во целина и посебно точка 32, во делот: „но, ниту, по облик, ниту по содржина, не смее да служи за рекламни цели“, од истиот Кодекс, и 

-Правилникот за дисциплинска одговорност, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, на ден 14.10.2006 година, во целина и посебно: член 13 став 1 алинеите 1, 4 и 10 и став 2, во делот: „Забрането е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата ВЕБ страна“, член 14 став 2, во делот: „и 13“ и во деловите: „1“ и „4“ и член 50 одПравилникот.

Реферат У.бр.21/2015

5.Член 51 став 1 во делот: „која е утврденаво органограмот Аналитичка проценка од Правилникот за внатрешна организација, систематизација и исплата на плати на ЈП „Македонски шуми“од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ ПО-Скопје, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија и Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“, од 2006 година;

- Член 20 од Правилникот за внатрешна организација, систематизација на работните места и исплата на плати при ЈП „Македонски шуми“ ПО-Скопје, донесен од Управниот одбор на наведеното претпријатие под бр.02-2142/1 од 17.11.1998 година и 
-Одлуката за измена и дополнување на Правилникот за внатрешна организација, систематизација на работните места и исплата на плати, бр.02-2588/2 од 25.11.2005 година.
Реферат У.бр.33/2015

II.БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот 

У.бр.84/2015

Точка I.1

Судија известител: Јован Јосифовски 

Судијата Јован Јосифовски накратко го изложи својот реферат и наведе дека овој реферат бил ставен на дневен ред во март 2015 и Уставниот суд веќе одлучувал по истиот, но не било донесено решение. Тој истакна дека повторно одлучил да го стави овој реферат на дневен ред, затоа што Собранието на РМ донело нов Закон за општата управна постапка, па со оглед на тоа што има нов момент во законот, повторно треба да се одлучува. 

Судијата Мурати се јави за збор и изјави дека се согласува со рефератот, но смета дека во претходниот реферат недостасувала судската пракса и ова веќе го аргументирал во 

2014 година. Дополнително тој истакна дека Уставот на РМ претставува извор на законодавството во Република Македонија. Тој смета дека имаат основ да постапуваат.

Судијата Ивановски се јави за збор и истакна дека на претходниот реферат работел тој и дека ова претставувало res judicata, односно веќе била пресудена работа и како таква согласно член 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд, треба да се отфрли.

Судијката Старова се јави за збор и изјави дека рефератот бил коректно изготвен, меѓутоа таа била зачудена зашто во рефератот не била наведена судската пракса. Со оваа судска пракса што во моментов ја воспоставивме, ние направивме различни судски пракси за една иста работа. Дополнително таа истакна дека пред неполна година гласала на еден начин, а сега треба да гласа поинаку, а тоа едноставно немало да се случи. Судијката во својата реплика кажа и дека Уставниот суд имал селективен однос спрема уставно-судската пракса и кажа дека ќе го поддржи овој реферат единствено од почит кон нејзиниот глас по рефератот У.бр.139/2014 од 2014 година.

Судијата Јосифовски се јави за реплика и изјави дека судијката Старова била целосно во право, и дека тој имал доблест да каже дека погрешил кога гласал за рефератот од 2014 година. Затоа сега 100% стоел позади изготвениот реферат, а со цел да ја исправи минатата грешка.

Судијата Мурати се јави за збор и изјави дека во целост не се согласува со судијата Ивановски, затоа што судиите не биле компјутери, односно не можеле на памет да ја знаат дата базата на уставно-судската пракса, и таа мора да биде наведена кога се изготвуваат рефератите. Дополнително истакна дека судиите мора да бидат објективни кога ја наведуваат уставно-судската пракса.

Судијата Ивановски се јави за реплика и наведе дека судиите во Уставниот суд, вклучувајќи се и себеси незнаеле што е уставно-судска пракса и дека секој судија поединечно различно ја тумачел истата. Кога овој состав на Уставниот суд не се повикувал на својата судска пракса и одлуки од минатата година што останувало понатаму.

Судијата Јосифовски се јави за збор и истакна дека тој во овој свој реферат не навел судска пракса затоа што сметал дека ако судската пракса не одела во прилог на рефератот немало потреба да ја наведува.

На ова се јави да реплицира судијата Мурати и во својата реплика кажа дека не се согласува со ставот на судијата Јосифовски дека во изготвувањето на рефератите треба да се применува само уставно-судската пракса што одела во прилог на рефератите. Дополнително истакна дека затоа аргументирал дека уставно-судската пракса треба да се применува објективно, односно да се наведува и судската пракса што оди во прилог на аргументацијата во рефератот и таа што не ги подржува аргументите, затоа што на овој начин судиите објективно ќе можеле да донесат одлука.

Судијата Стојаноски се јави за збор и истакна дека за оваа работа, Уставниот суд веќе одлучувал и одлучил да не се поведува постапка. Дополнително тој истакна дека, Законот за општа управна постапка ја регулирал постапката што ја водат државните органи, па 

продолжи да ги цитира одредбите кои уредуваат што се управни акти, што се управни работи, па се надвоврза на член 205 со кој член се пропишува што сè содржи решението донесено во управна постапка. Судијата понатаму истакна дека начелото на законитост е најбитното начело во ЗОУП, и дека тој лично стои на својот став во 2014 година и смета дека ова веќе е пресудена работа. Понатаму судијата Стојаноскичиташе закони од Република Хрватска и Република Србија и со тоа направи компарација со македонската законска регулатива и извлече заклучок дека законите се слични и на сличен начин ја регулираат управната постапка.

Претседателката на судот Гошева се вклучи во расправата и изјави дека не треба да се игнорира предметот од 2008 година, за кој гласале 5 судии, а дополнително во 2014 повторно се одлучувало за истиот предмет, а тоа значи дека Уставниот суд веќе два пати одлучувал за истиот предмет.

Судијката Старова се јави за збор и истакна дека никако неможела да сфати како правници, судии на Уставен суд можеле да делат начело на законитост и начело на уставност. Овие две начела секогаш биле во симбиоза и не можеле да бидат разграничени. Дополнително таа истакна дека е зачудена од тоа што се читале закони од други држави, во исто време се критикувала нашата уставно-судска пракса и ги замоли судиите да имаат во предвид дека се судии на Уставниот суд на Република Македонија.

Претседателката Елена Гошева ја затвори расправата за првата точка.

Точка I.2

Судија известител: Гзиме Старова

Судијката Гзиме Старова накратко го изложи својот реферат и истакна дека во самиот реферат е образложено кои се оспорените одредби. Конкретно за членот 10 ставот 2 од ЗОУП, подносителот на иницијативата ги темели своите наоди на претпоставки. Во членот 58 став 1, подносителот на иницијативата смета дека законската одредба е недоволно уредена, па иницијативата давала насоки како треба да биде уредена. Судијката истакна дека Уставниот суд одлучува за усогласеноста на одредбата со Уставот, а не е орган што ги уредува одредбите. Поради овие наведени причини таа смета дека оваа иницијатива треба да се отфрли, а согласно член 28 од Деловникот на Уставен суд.

Судијата Мурати се јави за збор и изјави дека смета дека ЗОУП е антидемократски закон. Со законот не се разграничувале вонредните и редовните правни лекови и дека не биле пропишани роковите до кога може да бидат искористени истите. Во однос на изготвениот реферат потенцираше дека на страница 4 била наведена судска пракса, меѓутоа не била наведена која е таа судска пракса. Дополнително судијата истакна дека ЗОУП не им дава правна сигурност на граѓаните. Управниот орган бил должен со обезбедување на доказите на странката да ѝ се даде можност да се произнесе по истите. Ако се класифицираат доказите како тајна привилигирана информација, граѓаните немаат правна сигурност. Понатаму во оспорените одредби се пропишува дека управните решенија може да се донесуваат во усмена форма, а само по барање на странката органот може да изготви и писмено решение. Судијата Мурати го постави прашањето дали воопшто ваква одредба може да стои во законот, затоа што не сите странки се правници и го разбираат ова. Тој потенцираше дека оваа одредба не дава правна сигурност на граѓаните, и дополни дека управните органи треба да бидат во служба на граѓаните. Судијата исто така праша дали повторувањето на постапката што е редовен правен лек, може да биде побарано додека предметот е во жалбена постапка. Го дополни своето излагање со тоа дека во сите други закони (ЗКП, ЗПП) условите за тоа кога може да се бара овој правен лек биле таксативно наброени, а во ЗОУП тоа не било случај. Судијата Мурати истакна дека со овој закон се соочуваат сите граѓани на РМ, а овој закон не ги штител граѓаните и имал уставни ограничувања.

За збор се јави судијата Ивановски кој изјави дека во целост се согласува со рефератот и дека постојат процесни грешки во иницијативата, па согласно член 28 став 3 од Деловникот на Уставниот суд иницијативата треба да се отфрли.

Судијата Мурати се јави за реплика и истакна дека не разбира зошто Уставниот суд не бил надлежен да постапува по оваа иницијатива, затоа што според него ова немало врска со член 28 став 3 од Деловникот на Уставниот суд. Овие оспорени одредби директно ги кршеле уставно загарантираните човекови права, за него било многу спорно усното донесување на решенија, и повторно агрмунтираше дека постојат многу правно неуки странки што незнаат кога и како се користат правните лекови пропишани со закон.

Судијката Старова се јави за збор и изјави дека секој си има право на свој став, а бидејќи подносителот на иницијативата не бара ништо друго освен редакциски интервенции решивме да аргументираме за отрфлање на иницијативата.

Никој не побара збор по што расправата се затвори.

Точка I.3

Судија известител: Никола Ивановски

Судијата Ивановски накратко го изложи својот реферати истакна дека останува на наведеното во рефератот. Никој не побара збор по што расправата се затвори.

Точка I.4

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Судијата Дарлишта накратко го изложи својот реферат и истакна дека наводите во иницијативата се неосновани. Подносителот на иницијативата немал доволно аргументација во прилог на иницијативата. Тој смета дека иницијативата треба се отфрли.

Судијката Габер-Дамјановска се јави за збор и се согласува со рефератот. Јасно се гледало дека подзаконските акти треба да се почитуваат и дека треба да се има во предвид дека „адвокат“ е јавна функција и како таква има јавни овластувања да делува јавно. Оспорените одредби се во целосна контрадикторност со членови од КОДЕКСОТ на адвокатите, со кои членови се пропишува адвокатската награда и како се постапува со граѓани кои се социјално загрозени. Имено во некои странски земји за големите адвокатски фирми било облигаторно да работат на некои случаи pro-bono.  

Судијата Стојановски се јави за збор и истакна дека незнае дали КОДЕКСОТ на адвокатите е усогласен со Тарифникот и незнае колку е спорно плаќањето и давањето на правна помош на социјално загрозените граѓани.

Судијата Јосифовски се јави за збор и изјави дека се согласува со поголемиот дел од изготвениот реферат. Дополнително истакна дека  во делот на оспорените членови кои вршат рестрикција во погледот на рекламирањето, тоа претставувало директно кршење на членот 8 од Уставот на Република Македонија, со кој член се уредува слободата на пазарот и претпиемништвото, па следствено го постави прашањето дали подзаконски пропис може да забранува нешто што е дозволено со Уставот.

Точка I.5

Судија известител: Наташа Габер-Дамјановска

Судијата Габер-Дамјановска накратко го изложи својот реферат и истакна дека останува во наводите во истиот. Бидејќи никој не побара збор претседателката Гошева ја затвори расправата по рефератот.

Точка II.1

Судија известител: Никола Ивановски

Судијата Ивановски накратко го изложи рефератот и истакна дека останува на наводите во истиот.

Судијата Јосифовски се јави за збор и истакна дека во предлогот во точка 2, судот треба да го отфрли барањето за правично судење, затоа што подносителот погрешно го поставил барањето и кога се изготвувал рефератот требало да се наведат барањата и наводите што ги изјавил подносителот на иницијативата. Дополнително судијата Јосифовски истакна дека оваа иницијатива треба да се отфрли затоа што Уставниот суд не е надлежен да одлучува по истата.

Никој не побара збор, по што претседателката Гошева ја затвори расправата.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. Претставниците на Хелсиншкиот комитет имаат забелешка што се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. Единствената забелешка на денешната седница се однесува на тоа дека при едно излагање на Судијката Старова Претседателката Гошева и упадна во излагањето со цел да ја прекине во излагањето, при што судијката Старова не го почитуваше зборот на Претседателката Гошева и продолжи да зборува. Поради ваквото непочитување, Претседателката Гошева ја прекина седницата и даде пауза од половина час. После паузата седницата продолжи да се одвива по претходно утврдениот дневен ред.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo