Corner Судство

Јавна расправа на Уставниот суд 26 Ноември 2015

На 26.11.2015 година, со почеток од 11:20 часот, се одржа јавна седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во полн состав, а на седницата во својство на јавност присутни беа новинари, подносителите на барањето за заштита на права и слободи, нивниот застапник-адвокат, претставник на Народниот правобранител, како и телевизиски екипи од Алфа ТВ, МРТВ, Алсат М и Телма.

Пред почетокот на расправата, претседателката им наложи на телевизиските екипи, односно на камерманите да ја напуштат седницата.

Јавната расправа беше закажана за време на Деветтата седница на Уставниот суд одржана на 25 март 2015 година. Повеќе информации за седницата може да се најдат на следниов линк: http://www.mhc.org.mk/judiciary/301

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

ЈАВНА РАСПРАВА – Вработени во ЈП „Комуналец“ – Гостивар

Судија известител: Вангелина Маркудова

Судијката Маркудова истакна дека јавната расправа се организира по поднесеното барање од страна на неколку вработени во ЈП „Комуналец“ – Гостивар за заштита на права и слободи. Таа изложи дека подносителите на барањето се членови на политичката партија - Национална демократска преродба (НДП). По промената на власта по Локалните избори во 2013 година, новоименуваниот директор на ЈП „Комуналец“ – Гостивар дел од вработените во ова претпријатие ги отпуштил, а дел ги распоредил на пониски работни места.

Директорот е член на политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ). Тој дел од вработените ги распредувал на несоодветни работни места, без систематизација. Еден од вработените бил отстранет од работа по дисциплинска постапка. Неговото решение и решенијата за распоредување биле оспорени и поништени од страна на суд, но некои од пресудите во овој момент не се правосилни. ЈП „Комуналец“ не постапил по правосилните пресуди по што еден од вработените се обратил до извршител. Тој вработен потоа бил распореден на пониско работно место, по што повторно тужел.

Покрај обжалување на споменатите решенија, вработените повеле и постапка за политичка дискриминација пред Основниот суд Гостивар. Нивната тужба била прогласена за неоснована, а тоа било потврдено и од Апелациониот суд во Гостивар. Подносителите од Уставниот суд бараат да утврди дискриминација во нивниот случај.

Збор му беше даден на адвокатот Седат Зулбеари, застапник на подносителите на барањето за заштита на права и слободи. Тој накратко ги прецизираше решенијата за кои има барање за поништување од страна на Уставниот суд. Според него, Уставниот суд треба да ги поништи сите решенија што се однесуваат на прераспоредување на места што не одговараат на стручната спрема на подносителите на барањето. Исто така побара и поништување на пресудите на Основниот и Апелациониот суд во Гостивар.

Понатаму, адвокатот Зулбеари истакна дека за еден работник од 2005 до 2011 година биле донесени 2 (две) решенија, а само во 2013 4 (четири) решенија. Еден од работниците поднел кривична пријава за повреда на правата од работен однос. Според адвокатот, целта на новото раководство на ЈП „Комуналец“ – Гостивар била работниците да бидат континуирано дискриминирани.

Збор му беше даден на Вулнет Черкези, еден од подносителите на барањето. Тој истакна дека во јавното претпријатие е вработен од 1999 година. Кога на власт, по Локалните избори во 2013 година, дошла ДУИ тој и уште десетина вработени имале многу тежок период и биле подложени на континуирана дискриминација. Подносителите на барањето за заштита на права и слободи биле извикани по ходниците на претпријатието и им биле упатени прашања и навреди од типот на „Вие од кај Руфи уште ли сте тука? Што чекате, одете си дома!“ Тој појасни дека и покрај тоа што имал Висока стручна спрема (ВСС) бил поставен како инкасант, а потоа бил отпуштен по 7 (седум) месеци. Потоа истакна дека тогаш започнала судската голгота. Првото решение било поништено од страна на суд, но и покрај тоа до ден денес не бил вратен на работа. Според г. Черкези, новите вработени во претпријатието и без ВСС заработувале 20.000 денари, а тој под 9.500 денари.

Збор му беше даден на Нехад Фаризи, еден од подносителите на барањето. Тој потврди дека новото раководство на претпријатието ги прашувало што бараат тие од кај Руфи кога него повеќе го нема. Според г. Фаризи, врз вработените се вршел притисок да ја променат членската карта од партијата. Тој истакна дека новото раководство најпрвин се ослободило од оние што имале договор на дело, по што времето им дошло ним, како вработени на неопределено. Во претпријатието имале електронски систем за пријавување на работа, но тој бил укинат од страна на новото раководство. Потоа, според новиот систем им биле забележани неоправдани изостаноци од работното место подолго од 5 (пет) денови. Според г. Фаризи, тој бил отпуштен, но откако решението било поништено од страна на суд бил вратен на пониско работно место каде немал ниту компјутер.

Збор му беше даден на Алмир Даути, еден од подносителите на барањето. Тој истакна дека в.д. директорот му кажал дека треба да ја напушти канцеларијата. И покрај тоа што тој бил во секторот за финансии, најпрвин го префрлиле во секторот Паркови и зеленило. Таму имало само 2 (две) столчиња, а тројца вработени. Тој едвај чекал некој да отиде на терен за да седне. Потоа бил прераспореден на работно место кое било оддалечено на околу 20 км од градот. Таму немало греење, а тој во такви услови поминал 2 (две) седмици. И г. Даути потврди дека била укината електронската евиденција, а нему не му било дозволено да се потпише дека дошол на работа. Дел од подносителите на барањето случаите ги пријавиле во полиција.

За збор се јави адвокатот Седат Зулбеари кој истакна дека тие од претпријатието побарале компаратор, со цел да докажат дека нововработените заработуваат над 20.000 денари, но на тоа не им било одговорено од ЈП „Комуналец“ – Гостивар. Адвокатот побара Уставниот суд да го задолжи претпријатието да ги испрати таквите податоци.

Збор му беше даден на адвокатот Исеини Хазби, застапник на ЈП „Комуналец“ – Гостивар. Тој истакна дека Уставниот суд нема надлежност во овој предмет. Според г. Хазби, нема ниту еден доказ за дискриминација. Тој истакна дека подносителите на барањето за заштита на правата и слободите преку претходни судски постапки нешто добиле, а нешто изгубиле. Кажа дека претпријатието се обратило до Врховниот суд со цел да изврши ревизија на тужбите што биле оценети како основани од страна на Основниот и Апелациониот суд. До денот на јавната расправа, Врховниот суд се нема произјаснето. Адвокатот Хазби истакна и дека подносителите на барањето не поднеле претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. Во врска за наводите за ниските плати на подносителите на барањето, истакна дека претпријатието не исплаќа минимална плата.

Збор му беше даден на Буран Османи, од правната служба на ЈП „Комуналец“ – Гостивар кој истакна дека нема што да додаде. Според него сите оспорени решенија за прераспоредување на работно место биле донесени врз основа на Актот за систематизација на претпријатието.

Збор му беше даден на Мемедали Џафери, сегашен директор на ЈП „Комуналец“ – Гостивар. Тој истакна дека сака да зборува на мајчин јазик.

Претседателката Елена Гошева одговори дека Уставниот суд нема преведувач и дека доколку тој сакал да зборува на мајчин јазик требало да најави пред почетокот на јавната расправа.

Господинот Мемедали Џафери истакна дека на овој начин му се крши правото да се обрати на мајчин јазик.

За збор се јави судијата Никола Ивановски кој предложи јавната расправа да се одложи.

За збор се јави претседателката Гошева која предложи да биде сослушан претставникот на Народниот правобранител.

За збор се јави судијата Сали Мурати кој исто така предложи јавната расправа да биде одложена.

Бидејќи никој не беше против, претседателката Гошева ја одложи расправата и истакна дека Уставниот суд дополнително ќе закаже термин за продолжението.

Јавната расправа заврши во 12:25 часот.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет би сакал да истакне дека оваа јавна расправа беше прва и единствена од ваков вид во 2015 година. Одлуката расправата да биде одржана е за поздравување, но Комитетот смета дека Уставниот суд одржува многу малку јавни расправи, особено кога се работи за барање за заштита на слободи и права. Неодржувањето на јавни расправи е особено проблематично од аспект на Член 55 од Деловникот на Уставниот суд според кој за заштита на слободите и правата Уставниот суд одлучува, по правило, врз основа на одржана јавна расправа.

Особено загрижува што во конкретниот предмет на Уставниот суд му требаа цели 9 (девет) месеци за одржување на јавната расправа. Имено, според Член 53 од Деловникот на Уставниот суд, барањето за заштита на слободите и правата се доставува на одговор до донесувачот на поединечниот акт, односно органот што презел дејство со кое тие се повредуваат, во рок од 3 дена од денот на поднесувањето. Рокот за одговор изнесува 15 дена. Според Член 54 пак, најдоцна во рок од 30 дена од денот кога предметот е даден во работа, се поднесува реферат за седница или Судот се известува за текот на постапката. Од овие одредби произлегува дека одржувањето на јавна расправа треба да се спроведе по итна постапка која не треба да биде подолга од 2 (два) месеци.

Исто така загрижува и фактот што Уставниот суд не користи услуги на преведувач од албански јазик. Иако ваквите јавни расправи во пракса се многу ретки, Уставниот суд, во духот на Охридскиот рамковен договор преточен во Уставот на РМ преку Амандманите од 2001 година, треба да има предвид дека кога странките што учествуваат во постапката се припадници на заедница која зборува на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, неопходно е овозможување на користење на тој јазик во Судот.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo