Corner Судство

3-та Седница на Уставниот суд на РМ 18 Февруари 2016

На 18.02.2016 година, со почеток од 09:10 часот, се одржа 3-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше вополн состав од 9 судии.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.  Член 17 алинеја 2, член 18 став 3, член 31 став 2 алинеја 3, член 36 став 2 алинеја 3, насловот: „Правилник за спроведување на постапката за вработување“, член 47, член 48 став 45 алинеја 4, член 65 став 1 во делот: „освен секретарот и кабинетските службеници“, член 70 став 2 во делот „освен секретарот“ од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015 и 154/2015).

Реферат У.бр.147/2014

2.  Член 38 став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015 и 25/2015).

Реферат У.бр.91/2015

3.  Член 46 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 1400/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015 и 145/2015).

Реферат У.бр.93/2015

4.  Член 111 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013, 41/2014, 151/2014, 33/2015, 192/2015 и 215/2015)

Реферат У.бр.104/2015

5.  Одлука за употреба на знамето на албанската етничка заедница во јавниот и службениот живот на територијата на Општина Кичево бр.07-1771/6, донесена од Советот на општина Кичево на 25 јуни 2013 година.

Реферат У.бр.115/2015

6.  Одлука за распуштање на Собранието на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2016)

Реферат У.бр.9/2016

Точка I.1

Судија известител: Никола Иваноски

Судијата Никола Ивановски накратко го изложи својот реферат. Се задржа на одредени делови од рефератот и истакна дека во однос на член 36, став 2, алинеа 3 кој што е оспорен од страна на подносителот, а се однесува на доказите кои кандидатот треба да ги достави кон пријавата за вработување, не треба да ги набави кандидадот туку органот кој го вработува. Смета дека има процесни пречки за  постапување и предложи отфрлање на иницијативата. За останатите членови оспорени од иницијативата смета дека се во согласност со Уставот и предложи отфрлање. 

За збор се јави судијката Гзиме Старова која кажа дека ѝ требаат дополнителни објаснувања за одредени делови од рефератот. Смета дека аргументите кои се дадени во рефератот во делот на изземaње од одговорност на секретарот и кабинетскиот службеник од дисциплинска одговорност има дискриминација, односно дискириминаторски е бранењето на ваквата одредба. Смета дека кабинетскиот службеник и секретарот не треба да бидат изземени од дисциплинска одговорност и да подлежат само на прекршочна одговорност, бидејќи тоа не е исто. Дисциплинската одговорност не е врзана за лице, туку за работна позиција, ама извршувањето на работите и обврските повлекува дисциплинска одговорност. Судијката поставува прашање дали со ваквото изземање од одговорност секретарот и кабинетскиот службеник уживаат специјален статус во споредба со другите адиминистративни службеници. Оправдувањето дека секретарот и кабинетскиот службеник имаат специфични работни задачи и дека заради тоа треба да бидат изземени од дисциплинска одговорност е погрешно и ситуацијата треба да биде спротивна, колку поспецифични работни задачи имаат овие службеници, толку поголема одговорност сносат. Судијката поставува прашање дали некоја категорија на службеници може да се изземат од одговорност предвидена со закон и дали тоа што секретарот и кабинетскиот службеник се именуваат од одреден функционер е доволна причина и основ да бидат изземени од дисциплинска одговорност.

Збор зема судијата Сали Мурати кој рече дека се согласува со дел од рефератот, но не е задоволен од заклучоците. Смета дека овој закон е еден од најдемократските закони во Република Македонија, но е преопшто формулиран и задира во внатрешноста на други закони и владението на правото, а нормите мора да бидат јасни и прецизни. Целиот закон не е дециден и со него се дава поинаква тежина. Со овој закон се суспендираат и внатрешните деловнички одредби на Уставниот Суд. Судијатазаврши со заклучок дека секретарот и кабинетските службеници не треба да бидат изземени од дисциплинска одговорност, бидејќи на тој начин би се концентрирала преголема моќ во министерот или функционерот кој ги именува.

Збор зема судијата известител Никола Ивановски кој рече дека е навреден од констатацијата на судијата Муратикој изјави дека не е задоволен од заклучоците во рефератот. Судијата Ивановски рече дека и тој не бил задоволен од заклучоците на други реферати, но тоа го задржал за себе, бидејќи секој реферат е индивидуален труд на секој судија. Во однос на изземањето на секретарот и кабинетскиот службеник од дисциплинска одговорност, смета дека тоа не е дискриминација во однос на останатите административни службеници, бидејќи станува збор за вработени со различно класифициран статус, а за да стане збор за дискриминација треба да станува збор за службеници со ист статус.

Повторно за збор се јави судијката Старова која констатираше дека станува збор за дискриминација врз основа на општествен статус, на што судијата Ивановскиреплицираше дека тоа е во надлежност на Министерот и е во согласност со Уставот.

За збор се јави судијата  Владимир Стојановски кој го спореди оценувањето на администрацијата со оценување на секретарот и кажа дека тоа е небулоза.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата по првата точка.

Точка I.2

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Судијата Исмаил Дарлиштанакраткого изложи својот реферат и истакна дека иницијативата е неоснована и предложи отфрлањена истата. Во рефератот е содржано и мислење на Владата на Република Македонија.

За збор се јави судијката Габер и истакна дека не се согласува со наводите во рефератот. Наводите претставувале колизија на веќе стекнато право со неисполнување на некоја обврска.

За збор се јави судијата Мурати и истакна дека се согласува со мислењето и ставот на судијката Габер.

За збор се јави судијката Старова која што истакна дека во конкретниов случај се укинува веќе постоечко и утврдено право. На веќе стекнато право се испречува обврска која го попречува остварувањето на ваквото право. Со невакцинирање се повлекува друга глоба, а не укинување на право кое е стекнато под друг основ, со раѓање на детето. Со задирање во ова право директно се задира во егизстенцијата на семејствата кои се одлучиле да одат на трето и четврто дете и се врши директно скратување на социјалните права. Судот треба да ја има предвид основата зошто е донесено ова право и после да одлучи за скратување на истото.

За збор се јави судијата Мурати и изјави дека според Устав, РМ е социјална држава и оваа одредба директно е спротивна на тоа. Со оваа одредба се ускратува веќе стекнатото право, право за надоместок на трето дете.

За збор се јави судијата Стојаноски и истакна дека според него се работело за нешто друго. Секое живо родено дете се евидентира и првата вакцинација доаѓа после неколку месеци и ако тогаш не се вакцинира ќе му се укине додатокот. Дополнително тој истакна дека секој одговорен родител ќе го однесе детето на вакцина. Оваа санкција била добра за сите граѓани. Членот бил добар и треба да остане вака.

За збор се јави судијата Јосифовски кој истакна дека во сетот на закони за вакцинација Судот се има произнесено, односно ги одбил иницијативите со образложение дека државата има обврска да се грижи за унапредување на здравјето, па може да ја наметне обврската за вакцинација. Ја поддржува судијката Старовадека е тешко да се ограничи веќе стекнато право.

Бидејќи никој не побара збор, претседателкатаЕлена Гошева јa затвори расправата за втората точка. 

Точка I.3

Судија известител: Јован Јосифовски

Судијата Јовановски накратко го изложи својот реферат и истакна дека Уставниот суд веќе одлучувал за оваа работа, нема основа да се повтори судењето и предложи да се отфрли иницијативата.

Судијката Старова се јави за збор и констатира дека Судот одлучил по оваа работа и дека треба да ја отфрли иницијативата.

Бидејќи никој не побара збор, претседателкатаЕлена Гошева ја затвори расправата.

Точка I.4

Судија известител: Гзиме Старова

Судијката Старова накратко го изложи својот реферат, истакна дека Уставниот Суд веќе одлучувал за оваа работа, нема основа да се повтори судењето и предложи да се отфрли иницијативата.

Збор зема судијата Јосифовски, го пофали рефератот, рече дека е краток, концизен и прецизен.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата.

Точка I.5

Судија известител: Никола Ивановски

Судијката Ивановски накратко го изложи својот реферат и смета дека оспорената одлука е во согласност со Законот за знамиња. Предложи да не се поведе постапка по иницијатитвата.

Збор зема судијката Наташа Габер Дамјановска која истакна дека подносителот на иницијативата треба да се упати во друга постапка, а не пред Уставниот Суд.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата. 

Точка I.6

Судија известител: Наташа Габер Дамјановска

Судијката Габер Дамјановска истакна дека заради чувствителноста на темата бара малку подолго и поподробно да го изложи рефератот и иницијативите. После подолгото изложување на рефератот и приложување на компаративна анализа за тоа како се распуштаат законодавните домови во повеќе земји низ Европа, судијката ги сумираше најбитните поенти и прашања, а тоа се: Кога се распушта Собранието, дали на 18 јануари или на 24 февруари? Ако Собранието се распушта на 18 јануари тогаш крајниот рок за одржување на избори, согласно законските одредби за одржување на вонредни избори е 19 март, па одржувањето на изборите на 24 април ќе биде противуставно. Доколку Собранието се распушта на 24 февруари, тогаш крајниот рок за одржување на изборите е 23 април, па одржувањето на изборите на 24 април повторно ќе биде противуствано. Дали одлуките на Собранието може да бидат со одложено дејство? Уставот не предвидува дека пратениците може да продолжат со функционирање по распуштање на Собранието. Смета дека оспорената одлука има дејство erga omnes (кон сите), затоа што граѓаните го пренесуваат својот суверенитет во Собранието, одлуката е подобна за одлучување на Уставниот Суд бидејќи не постои друг механизам за судско правна контрола на работата на Собранието.

Судијката Габер Дамјановска смета дека Собранието не може да ја проширува својата надлежност надвор од Уставот, во смисла на функционирање и распуштање.  Собранието носи важни закони и легислатива и после 18 јануари од кога е одлуката за распуштање. Судијката смета дека одлуката за распуштање на Собранието не може да има одложено дејство бидејќи вонредните избори се итни по својата природа. Дополнително компаративната анализа покажува дека Собранието не може да носи закони од моментот на распуштање до нови избори. На крајот судијката резимира дека оспорената одлука е во спротивност со Уставот, бидејќи Уставот не познава одложено дејство на одлуките. Констатира дека Собранието не е распуштено во јануари, дека рокот за 24 април е пробиен и евентуални избори на тој датум ќе бидат противуставни.

Збор зема претседателката Елена Гошева која рече дека Уставниот суд нема надлежност да одлучува за конкретен правен акт на Собранието, кој не е општ акт или закон. Со потценување го коментира рефератот и вели дека и подготвувачите на рефератот знаат дека Уставниот суд не е надлежен, дека одлуката не е општ акт, туку е само прашање, како што е и дефинирано во рефератот. Заклучува дека нема пракса на одлучување на Уставниот суд за конкретен правен акт на Собранието. Уставниот суд не врши надзор над работата на Собранието. Резимира дека рефератот не е добар, дека е погрешен и дека е преседан во работата на Уставниот суд. Предложи да се отфрлат иницијативите заради ненадлежност на Уставниот суд.

Збор зема судијката Старова која рече дека сите закони кои ги носи Собранието поминуваат на Уставен суд, што значи дека Судот врши контрола на работата на Собранието. Смета дека одлуката за распуштање на Собранието има влијание врз сите граѓани кои имаат право на глас, а не само на внатрешно регулирање на Собранието. Предлага иницијативите да бидат разгледани.

Збор зема претседателката Гошева која рече дека Судот не може да ги проширува надлежностите.

Збор зема судијата Ивановски кој вели дека од компаративната анализа не е прочитан клучниот дел кој се однесува на словенечкиот Уставен суд кога се прогласил за ненадлежен да расправа за одлука за распуштање на Собранието. Смета дека ако Уставниот суд се вмеша во одлуката за распуштање на Собранието, тоа значи дека може да се меша во секоја одлука на Собранието.

Судијата Мурати зеде збор и кажа дека надлежноста на Собранието произлегува од Уставот, па според тоа Уставниот суд може да ја цени одлуката за распуштање на Собранието. Смета дека со ваквата нејасна одлука на Собранието и со толкувањето за одложувачко дејствие на одлуката се задира во кредибилитетот на гласачите.

Збор зеде судијата Дарлишта кој рече дека во самиот одговор на Собранието доставен до Уставниот суд, Собранието го повикува Судот негативно да одлучи по поднесените иницијативи што значи дека само Собрание смета дека Уставниот суд е надлежен за одлучување по поднесените иницијативи.

Судијата Јосифовски зеде збор, го пофали рефератот, истакна дека може да се расправа дали одлуката е erga omnes или е внатрешна одлука на Собранието, но нема дилема кога се распушта Собранието, според чл. 2 од одлуката, датумот на распуштање е 24.02.2016.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Гошева ја затвори расправата.

Седницата на Уставниот суд заврши во 12:40 часот.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. Хелсиншкиот комитет повторно има забелешка што се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. За време на оваа седница исклучок од праксата на судиите да не го образложуваат својот реферат беше излагањето на судијката Наташа Габер Дамјановска која подетално и аргументирано ги изложи аргументите од рефератот.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo