Corner Судство

4-та Седница на Уставниот суд на РМ 24 Февруари 2016

На 24.02.2016 година, со почеток од 09:00 часот, се одржа 4-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше вополн состав од 9 судии. Во судската сала присутни беа десетина новинари, а влез не им беше дозволен на претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје поради неколкуминутно задоцнување.

Пред да биде усвоен дневниот ред судијата Дарлишта побара да се одложи 3-та точка од дневниот ред затоа што во рефератот нема мислење и од Претседателот на РМ.

За збор се јави судијката Старова и исто така побара одлагање на 3-та точка затоа што рефератот не бил доработен. Недостасувале сентенци од уставно-судската пракса. Дополнително таа истакна дека рефератот бил непотполн односно не содржел содржински работи кои мора да ги содржи еден реферат.

Судијката Старова исто така истакна дека немало компаративна материја, односно немало објаснето како ова прашање е решено во другите земји кои немаат класичен претседателски систем.

За збор се јави судијата Ивановски и истакна дека секој предмет е сензибилен и сите предмети се подеднакво важни. Забелешки може да се даваат од кога рефератот ќе биде изложен, а не претходно.

Судијката Старова повторно се јави за збор и истакна дека со овој закон директно се навлегува во уставно загарантирани ингеренции на претседателот и затоа е потребно неговото мислење.

За збор се јави судијата Јосифовски иистакна дека легитимно право на секој судија да побара одложување. Тој изјави дека во судот било пракса да се доставува мислење од доносителот на законот, па бидејќи законот е донесен од страна на Собранието на РМ, нема потреба од мислењето на Претседателот на РМ.

Откако никој друг не побара збор претседателката Гошева го стави на гласање следниов:

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.  Член 129, член 137, член 150 и член 151 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11, 187/2013).

Реферат У.бр.124/2015

2.  Член 1 став 1 алинеја 1 во делот: „и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија“ од Законот за изменување и дополнување на Законот политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007).

Реферат У.бр.116/2015

3.  Закон за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2009).

Реферат У.бр.19/2016

4.  Членовите 7 и 10 од Договорот за обука за напредни ИТ вештини, што го склучува Агенцијата за вработување на Република Македонија со невработените лица во врска со проектот „Поддршка за вработување на млади лица, долгорочно невработените и жените (II)“, финансиран од страна на ЕУ во рамките на Оперативната програма за „Развој на човечки ресурси 2007-2013“ (ИПА Компонента IV)

Реферат У.бр.102/2015

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА: 

1. Барање за заштита на слободите и правата по предметот
У.бр.5/2016

Точка I.1

Судија известител: Вангелина Маркудова

Судијката Вангелина Маркудова накратко го изложи својот реферат и истакна дека подносителот на иницијативата ги оспорува наведените членови и смета дека доставата на налогот за извршување треба да биде доставена лично. Судијката Маркудова истакна дека постои уставно-судска пракса и дека во иницијативата немало доволно арагументи за неуставност на оспорените членови. Дополнително таа истакна дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува по иницијативата и предложи таа да биде отфрлена.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата по првата точка.

Точка I.2

Судија известител: Вангелина Маркудова

Судијката Вангелина Маркудова,накраткого изложи својот реферат и истакна дека постои уставно-судска пракса, и потенцираше дека во целост останува на наводите образложени во рефератот.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори рапсправата по втората точка.

 

Точка I.3

Судија известител: Никола Ивановски

Судијата Ивановски накратко го изложи својот реферат и истакна дека содржината на оспорениот закон му ги ограничува ингеренциите на претседателот од член 84 алинеја 10 од Уставот на РМ со кој член претседателот на РМ врши помилување согласно закон. Секое ограничување на ингеренциите е противуставно и со ова ограничување некои граѓани ќе имаат скратено право за помилување и затоа тој предлага целосно укинување на овој закон. Дополнително судијата истакна дека член 9 од Уставот пропишува дека сите граѓани на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите, па следствено на ова Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување е спротивен на одредбите од член 9 од Уставот на РМ. Судијата Ивановскикако аргумент за поддршка на својот реферат истакна дека овој закон е во спротивност и со член 51 став 1 и 2 од Уставот, со кој член се пропишува дека во РМ законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, вклучувајќи го и законодавецот.

Судијата Ивановски истакна дека помилувањето било акт со кој на определено лице му се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршувањето на казната, му се заменува изречената казна со поблага или со алтернативни мерки или му се определува бришење на осудата или му се укинува, односно му се определува пократко траење на определена правна последица од осудата или казната. Во различни држави помилувањето било различно регулирано. Со помилувањето се изразува поблаг став кон осуденото лице, и стравот да не сторат други кривични дела или да го повторат делото не смее да го ограничува правото на претседателот да помилува. Дополнително, судијата Ивановски изјави дека превенцијата се остварува преку судот и само судот може да ја ублажи казната согласно член 40 и 41 од КЗ, притоа ценејќи ги олеснителните и отежителните околности.

Судијата Ивановски аргументираше дека постои разлика помеѓу помилувањето и амнестијата. Во КЗ има 35 глави во кои се предвидени сите кривични дела, вклучувајќи ги оние кои со овој закон не можат да бидат предмет на помилување. Во Законот не е дадено образложение како законодавецот одлучил токму овие кривични дела да не можат да бидат предмет на помилување, односно не се наведени критериумите за таквата одлука. Според него ова било апсурдно затоа што не можат да се ограничат правата на само некои осуденици. Дополнително тој се запраша како ќе се однесувале тие осуденици во затворот ако знаеле дека немаат право на помилување. Во продолжение на аргументацијата во изготвениот реферат, судијата Ивановски истакна дека има потешки кривични дела за кои претседателот може да даде помилување, како што се кривичните дела предвидени во глава 33 од КЗ, како член 394 – Злосторничко здружување, 394-а – Терористичка организација, 394-б – Тероризам, 396 - Неовластено изработување,држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, како и кривичните дела од глава 14 од КЗ. Од друга страна за кривичните дела од член 215 и 216 од КЗ, претеседателот да нема право да помилува. Ова според судијата Ивановски е небулозно, затоа што за овие кривични дела пропишаните казни биле многу помали, но сепак не можат да бидат предмет на помилување. Судијата Ивановскиуште еднш потенцираше дека овој закон не бил во согласност со член 9 од Уставот на РМ.

За збор се јави судијката Габер-Дамјановска и истакна дека башѝ било мило што сите предмети му биле еднакво битни на судијата известител Ивановски, па се запраша како ја изработил оваа иницијатива за волку краток период, имајќи предвид дека иницијативата е пристигната во судот на 05.02.2016, а исто така имајќи предвид дека судијата Ивановски бил судија што има најмногу нерешени предмети во судот кои датираат од 2014 година. Дополнително таа праша дали во иницијативата има правно прашање на кое треба да се одговори? Сите кривични дела што се опфатени со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување не се третирани поединечно, туку во рефератот се ставени во едно купче. Судијката Габер-Дамјановска изјави дека уставно-судската пракса што е наведена во рефератот изготвен по поднесената иницијатива не е поврзана со разгледуваната материја, односно одлуките на Уставниот суд се однесувале на Закон за вработување, пензионирање и Закон за девизно работење, па следствено на ова таа заклучи дека овие одлуки не можат да бидат понудени како уставно-судска пракса кога се расправа за правото на претседателот да изврши помилување.

Во продолжение на своето излагање, судијката Габер-Дамјановска истакна дека дури и Собранието и Владата на РМ во своите одговори за оваа иницијатива се произнесуваат дека наводите во истата се паушални, па ако се знае дека овој суд досега се држел за тие мислења, симптоматично било зошто во оваа иницијатива тоа не е случај. Таа изјави дека правата и должностите на претседателот на РМ произлегуваат од член 79 став 3 од Уставот на РМ, а со член 84, став 1, алинеја 10 точно се пропишуваат надлежностите во поглед на помилувањето, се пропишува дека претседателот може да изврши помилување согласно со закон. Значи согласно ова, законодавецот е тој што регулира во кои услови претседателот може да изврши помилување. Судијката Габер-Дамјановска направи паралела на Законот од 1993 година, што е основен закон и неговите измени од 2009 година. Таа истакна дека ако се анализираат заедно ќе се дојде до заклучок дека одредбите се втопуваат едни во други и така законот бил целиисходен, па следствено на ова ако се аргументира дека Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување не е во согласност со Уставот тоа значи дека и основниот закон не е во согласност со Уставот.. Во поглед на аргументацијата на судијата Ивановскидека некои кривични дела се посериозни од делата за кои претседателот не може да изврши помилување, судијката Габер-Дамјановска истакна дека изборното право е светост и само еден глас да биде украден е премногу, а да не зборуваме ако настанало систематско крадење на изборните гласови. Дополнително таа истакна дека не ѝ е јасен ваквиот став на судијата Ивановски, ако се земе во предвид фактот дека пред само неколку месеци, тој жестоко го бранел ставот дека е уставно да се објавуваат педофилите на интернет, а дополнително затоа што судијата Ивановски размислува во насока за чувствата на осудениците кои немаат право да бидат помилувани, а не размислува за чувствата на семејствата на жртвите на силување и на децата кои се нападнати од педофили. Судијката Габер-Дамјановска понатаму додаде дека сите одредби во нападнатиот закон се третирани во пакет, а не поединечно, па така дури и лексичките промени во законот се третирани како неуставни.

За збор се јави судијата Дарлишта и истакна дека се согласува со судијката Габер-Дамјановскаи дека не сака да се повторува во своето излагање. Тој смета дека уставно-судската пракса наведена во рефератот не е соодветна. Тој истакна дека рефератот бил контрадикторен, многу малку се образложува нападнатиот закон и кривичните дела не се образложени поединечно. Судијата Дарлишта изјави дека намерата на овој закон не е да ограничува, туку да превенира. Во однос на мислењата од Владата и Собранието на РМ во кои овие институции се имаат произнесено дека тврдењата во иницијативата се паушални и предлагаат иницијативата да биде отфрлена, судијата Дарлишта изјави дека во целост се согласува со нив. Дополнително тој истакна дека секогаш кога Уставниот суд имал мислење од Владата и Собранието скоро секогаш се согласувал со истите, па затоа ваквото постапување во оваа иницијатива претставува преседан и затоа тој немал да го прифати предлогот даден во рефератот.

За збор се јави судијката Гзиме Старова и истакна дека дискусиите на судиите Габер-Дамјановска и Дарлишта ѝ биле блиски. Иницијативата била дојдена во Уставниот суд на 05.02.2016, на 08.02.2016 била доделена кај судијата Ивановски, а на 12.02.2016 биле добиени мислењата на Владата и Собранието. Според судијката Старова ова било премногу брзо и поради тоа немало соодветна уставно-судска пракса и немало спорни прашања, затоа што времето било премногу кратко за изработка на квалитетен реферат. За неа е неразбирлово зошто е противуставно донесувањето на спорниот закон, односно е спротивен на член 84 од Уставот на РМ. Во изостанок на Закон за претседател, судијката Старова запраша на каков друг начин ќе ги решаваме овие прашања. Дополнително таа потенцираше дека кога Уставниот суд решава по вакви прашања, што се уредуваат со закон, судијата Ивановскисекогаш цитира одредби и аргументира дека право на законодавецот е да уредува работи со закон, а сега бил контрадикторен затоа што аргументирал дека законодавецот немал право со закон да му го ограничува правото на претседателот. Судијката Старова истакна дека некогаш општото добро и заштитата на општествениот поредок го оправдува фактот на ваквото ограничување. Заштитата на децата и малолетните лица има голем дијапазон на рефлексија на последиците. Семејството е света работа и според Уставот и ние тука сега го изедначуваме со 10 грама дрога. Небулоза е да се помилува полово дејствие извршено над малолетник. Дополнително секогаш кога Уставниот суд полемизирал за мислењата од Владата и Собранието се цитирале тие мислења, а сега во овој случај кога тие мислења се издржани, Уставниот суд ниту ги почитува ниту ги спомнува. Наеднаш ставот на Уставниот суд е различен и затоа се согласува со судијата Дарлишта дека ваквото постапување претставува преседан.

За збор се јави судијата Ивановски и истакна дека нормално било мислењата на Владата и Собранието да бидат спротивни од наводите изнесени во иницијативата бидејќи нивната улога е да го бранат законот. На Уставниот суд било да оцени дали нападнатиот закон бил во согласност со Уставот. Тој повторно потенцираше дека законот не е во согласност со член 9 од Уставот, со кој член се пропишува дека сите граѓани на РМ се еднакви. Дополнително, судијата Ивановскиистакна дека дури и за кривични дела за кои е пропишана доживотна казна затвор, законодавецот во КЗ предвидел можност за условен отпуст, па оттука се поставува прашањето зошто за сите осуденици не може да важи помилувањето.

За збор се јави претседателката Гошева и истакна дека кога се дискутирало требало реално да се искажуваат ставовите. Во иницијативата со право се аргументирало дека законодавецот сам избира за кои кривични дела претседателот може да изврши помилување. Ова не го прави ни Уставот. Законодавецот не може да составува листа на кривични дела за кои претседателот не може да врши помилување, бидејќи со ова му се скратува уставна загарантираната надлежност. Дополнително, претседателката Гошева, истакна дека овој реферат треба да биде урнек како треба да биде изготвен еден реферат и сите судии требало да го следат овој реферат како пример во иднина.

За збор се јави судијата Мурати и истакна дека рефератот не содржи аргументација и не дава одоговор на поставените прашања. Очекувал аналитички обработен реферат. Судската пракса во рефератот не била соодветна и нема компаративана анализа како ова прашање било решено во други држави. Дополнително тој даде компаративна анализа за други 15 држави и истакна дека во сите овие држави постоеле ограничувања во поглед на ингеренциите на претседателот да извршува помилување. Даде пример дека во Сингапур можело да се поведе судска постапка доколку потоело сомневање деке претседателот погрешно го употребил своето право да помилува осудено лице.

За збор се јави судијата Ивановски и истакна дека бидејќи се дискутирало за избори и полови дејствија, ако тој имал можност да го прави Кривичниот законик ќе предвидел повисоки затворски казни за одредени кривични дела, а за некои кривични дела би предвидел дури и смртна казна, меѓутоа во овој случај се работело за повреда на правото на еднаквост пропишано со член 9 од Уставот на РМ и затоа тој останува на ставот дека треба да има помилување за сите кривични дела.

За збор се јави судијата Јосифовски и истакна дека дел од оспорениот закон бил целосно спротивен на одредбите на Уставот, поточно со член 9 од Уставот. Тој дополни дека за кривични дела за кои се предвидува казна доживотен затвор може да биде поднесена молба за помилување, а за 10 грама дрога не може.

За збор се јави судијката Старова и ја поврза дискусијата со дискусијата од минатата седница, кога се дискутираше за дисциплинската одговорност на државните секретари со државните службеници и како во тој случај еднаквоста не била иста со оваа еднаквост и со ова уште еднаш потенцираше дека некои од судиите имаат контрадикторни ставови во врска со примената на член 9 од Уставот на РМ.

Бидејќи никој друг не побара збор, ПретседателкатаЕлена Гошева ја затвори расправата.

Точка I.4

Судија известител: Вангелина Маркудова

Судијката Маркудова накратко го изложи својот реферат и истакна дека подносителот на иницијативата предлага да се поништат овие членови од Договорот за напредни ИТ вештини, затоа што биле дискриминаторски. Судијката Маркудова истакна дека останува на наводите и аргументите дадени во рефератот и предложи рефератот да се отфрли, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставен суд.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата.

Точка II.1

Судија известител: Вангелина Маркудова  

Судијката Маркудова накратко го изложи својот реферат формиран по предметот за барање на заштита на слободите и правата и истакна дека иницијативата има процесни пречки и предложи барањето да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставен суд.

За збор се јави судијата Јосифовски и истакна дека во целост го подржува предлогот за отфрлање на барањето.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата. 

Јавната расправа заврши во 13.30 часот.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. Претставниците на Хелсиншкиот комитет повторно имаат забелешка што се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста.

Јавноста беше исклучена кога судиите гласаа за донесување на дневниот ред, што е спротивно на Деловникот на Уставен суд.

Што се однесува на Точка I.3, Хелсиншкиот комитет смета дека е направен преседан во работата на Уставниот суд. Имено, примањето на иницијативата за Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 на 05.02.2016, распоредувањето на 08.02.2016 кај судијата Ивановски, добивањето на одговори од Владата и Собранието на РМ 12.02.2016 и расправањето по иницијативата на 24.02.2016 година е досега незабележано експедитивно работење на Судот. Ваквото постапување е особено несвојствено имајќи предвид дека не се работи за закон кој бил донесен непосредно пред седницата на Уставниот суд, а судијата известител Ивановски воопшто не образложи дали подносителот предложил итно постапување. Не беше образложено ни зошто судијата известител сметал дека токму оваа иницијатива е итна, ниту зошто на дневниот ред не предложил некој од неговите заостанати предмети кои според судијката Габер Дамјановска датираат од 2014 година, туку ја избрал токму оваа иницијатива кога во тек се истраги за изборни измами (за кои според важечкиот Закон за помилување Претседателот нема право да помилува) поведени од Специјалното јавно обвинителство против поранешни функционери на власта.

Зачудува и брзината со која по барањето на Уставниот суд за изјаснување по иницијативата и Собранието и Владата на РМ доставиле експресни одговори, што не е случај со барања за известувања во други предмети по кои работи Уставниот суд. Загрижува и фактот што не е побарано мислење и од Претседателот на РМ, имајќи предвид дека овој закон во голема мера се однесува на неговите надлежности во врска со помилување на лица. Понатаму загрижува и фактот што судијата известител Ивановски во својот реферат сите одредби од Законот за измени и дополнувања на Законот за помилување ги обработува во пакет, односно не се осврнува посебно за секоја од нив. Според Хелсиншкиот комитет ова е неприфатливо од причина што оспорениот закон се однесува на повеќе теми, а не само на кривичните дела за кои Претседателот има право да помилува, како што се на пример помилувањето за кривични дела пропишани со кривичен закон на друга држава, неможноста за помилување по пресуда на меѓународен кривичен суд, постапувањето на судовите, Министерството за правда и Комисијата за помилување, определување на итни рокови за постапување при помилување итн.

За крај, големо загрижување предизвикува излагањето на судијата Ивановски кој истакна дека за некои кривични дела, кога би бил во можност, тој би предвидел и смртна казна. Ова особено затоа што смртната казна во Република Македонија е забранета како со Устав така и преку меѓународните договори кои државата ги ратификувала, вклучително и Европската конвенција за заштита на човековите права.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo