Corner Судство

5-та Седница на Уставниот суд на РМ 02 Март 2016

На 02.03.2016 година, со почеток од 9:05 часот, се одржа 5-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во полн состав, а во својство на јавност присутни беа претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и фотограф на дневниот весник „Вечер“. Од февруари 2015 година, откако Хелсиншкиот комитет ги следи седниците на Судот, за првпат во судската сала беше присутно лице кое се грижеше за редот и безбедноста.

Пред почетокот на седницата, пред да биде усвоен записникот од минатата седница, за збор се јави судијата Владимир Стојановски кој истакна дека има забелешки за дезинформациите што се појавиле во јавноста по завршетокот на претходната седница. Според судијата Стојановски, во врска со точката на дневен ред – Измени на Законот за помилување од 2009 година – јавноста дознала како гласало мнозинството, а тоа било недозволиво.

За збор се јави судијата Никола Ивановски кој истакна дека никогаш не се случило во јавност да се каже кој судија бил известител (за време на минатата седница судијата Ивановски беше известител за оспорените измени на Законот за помилување).

За збор се јави судијката Гзиме Старова која истакна дека кога во Уставниот суд има новинари и гости, според говорите на судиите, може да се заклучи кој како ќе гласа.

Збор зема претседателката Елена Гошева која забележа дека на оваа тема не треба да се зборува на седница, туку за време на колегиум.

За збор се јави судијата Ивановски кој ѝ забележа на судијката Наташа Габер-Дамјановска за тоа што за време на минатата седница за него зборувала како брзо го ставил предметот (за Законот за помилување) на дневен ред. Според судијата, во периодот 2008-2010 имало и други такви случаи, па како пример наведе поднесени иницијативи од страна на Фондацијата Oтворено општество – Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Стамен Филипов и други. Според судијата Ивановски, дел од овие иницијативи биле поднесувани во летниот период, а биле ставани на дневен ред во септември истата година. Според судијата Ивановски, кога Хелсиншкиот комитет поднесувал иницијативи тие се процесирале многу бргу.

За збор се јави судијката Габер-Дамјановска која истакна дека таа секогаш образложувала зошто некој предмет каде што таа била известител бил поставуван на дневниот ред по итна постапка, а во случајов судијата Ивановски не дал никакво образложение зошто измените во Законот за помилување од 2009 година се толку итни за разгледување.

За збор се јави судијата Стојановски кој осврнувајќи се на изнесеното од страна на судијката Старова истакна дека за време на минатата седница тој ниту еднаш не се јавил за збор, па се чуди како можело да се заклучи како тој гласал.

Без да се јави за збор судијката Старова кажа дека молчењето кај нашиот народ било сфатено како одобрување.

За збор се јави судијата Ивановски кој истакна дека не може да се знае кој како гласал.

За збор се јави судијката Старова која истакна дека за овие прашања не треба да се расправа на седница и се согласи со претседателката Гошева дека тие се за на колегиум. Според судијката Старова, судијата Ивановски записници од Судот добивал дури и кога не бил судија на Уставниот суд, а кога еднаш се случило таа да побара документ од архивата на Судот, сите знаеле што се случило, односно ѝ било кажано дека тоа не смее да го прави.

За збор се јави судијата Јован Јосифовски кој истaкна дека е прекршен Деловникот за работа на Уставниот суд. Од неговото излагање, за него се знаело како ќе гласа. Пробиен бил записникот кој е тајна и се чува во коверт кој е затворен во сеф. Судијата Јосифовски понатаму истакна дека тој е горд како гласал, затоа што така ја бранел уставноста.

Откако никој друг не побара збор, претседателката Гошева го стави на гласање записникот од претходната седница. Записникот беше изгласан, по што се пристапи кон расправање по следниов:

Дневен ред

I.РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Член 110 став 1 алинеја 6 (наврши 64 години старост) од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“бр.43/2014, 33/2015 и 98/2015)

Реферат У.бр.44/2015

2.Член 77 став 2 (Лице, односно лица кои дејствуваат заеднички кај кои настанала обврска за давање на понуда за преземање согласно со одредбите од Законот за преземање на акционерските друштва ("Службен весник на Република Македонија" број 4/2002, 37/2002, 36/2007, 67/10 и 35/11), а кои до денот на влегувањето во сила на овој закон сé уште немаат поднесено барање до Комисијата за добивање на дозвола за понуда за преземање, се должни во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да дадат понуда за преземање под услови и на начин определени со овој закон.),

Член 77 став 3(Лице, односно лица кои дејствуваат заеднички и кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се стекнале со хартии од вредност од целното друштво врз основа на успешно спроведена понуда за преземање, а кои им обезбедуваат повеќе од 25%, а помалку од 75% хартии од вредност од целното друштво, за дополнително стекнување со 5% хартии од вредност во рок од две години, се должни да дадат понуда за преземање под услови и на начин определени со овој закон.),

Член 77 став 4 (Лице, односно лица кои дејствуваат заеднички кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се стекнале со повеќе од 25%, а помалку од 75% хартии од вредност од целното друштво, а согласно со Законот за преземање на акционерските друштва ("Службен весник на Република Македонија" број 4/2002, 37/2002, 36/2007, 67/10 и 35/11) немале обврска да дадат понуда за преземање, може дополнително да се стекнат со хартии од вредност само доколку дадат понуда за преземање под услови и на начин определени со овој закон.) и

Член 77став 6 (Доколку лице, односно лица кои дејствуваат заеднички не постапат на начинот и во роковите утврдени со ставовите (2), (3) и (4) на овој член, Комисијата ќе преземе мерки согласно со членовите 57 и 58 од овој закон.) од Законот за преземање на акционерските друштва („Службен весник на Република Македонија“бр.69/2013, 188/2013, 166/2014 и 154/2015)

Реферат У.бр.47/2015


II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА: 

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот

У.бр.14/2016

Точка I.1

Судија известител: Јован Јосифовски

Судијата Јосифовски истакна дека ќе се осврне на иницијативата и неговиот реферат, имајќи предвид дека во судската сала има претставници на јавноста на кои рефератот не им е познат. Подносители на иницијативата се 23 судски службеници кои сметаат дека преку оспорената одредба од Законот за судската служба (пензионирање на 64 години) се ставени во нерамноправна положба наспроти останатите државни службеници кои доколку се жени од работодавецот можат да побараат да се пензионираат на 65 години, а доколку се мажи на 67 години (според Законот за работни односи). Според судијата Јосифовски иницијаторите не прават разлика помеѓу правото на пензионирање и правото на прекин на работниот однос. Не може да се каже дека станува збор за нееднаквост, затоа што и Законот за работни односи и Законот за административни службеници (според кои може да се побара одложување на пензионирање) важат и за судските службеници.

За збор се јави судијката Старова која истакна дека е точно дека иницијаторот не прави разлика помеѓу правото на пензионирање и правото на прекин на работниот однос. Таа потврди дека одредбите од Законот за работни односи важат и за судските службеници и поради тоа тие можат да побараат пензионирање на 65 години за жени и 67 години за мажи.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори расправата по оваа точка и се прејде на следната точка од дневниот ред.

Точка I.2

Судија известител: Гзиме Старова

Судијката Старова истакна дека нема што да додаде од она во писмениот реферат. Според судијката не стојат забелешките на подносителот на иницијативата. Оспорените одредби немале повратно дејство и не го повредувале владеењето на правото и слободата на пазарот.

За збор се јави судијата Сали Мурати кој истакна дека не постои ретроактивност како што наведувал иницијаторот. Според судијата, целта на законот е заштита на малцинските акционери во акционерските друштва.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори расправата по оваа точка.

Точка II.1

Судија известител: Владимир Стојановски

Судијата Стојановски истакна дека останува на наводите во писмениот реферат.

За збор се јавија судиите Старова и Јосифовски кои имаа кратки, воглавно технички забелешки на рефератот.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори седницата за јавноста по што се премина кон гласање.

Седницата заврши во 9:45 часот.

Откако претставникот на Хелсиншкиот комитет и претставниците на Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја напуштија судската сала, тие беа испратени од страна на лицето задолжено за обезбедување. Ова лице наведените претставници ги испрати сè до лифтот, неколку метри подалеку од влезната врата на судската сала.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. Хелсиншкиот комитет се согласува со претседателката Гошева и судијката Гзиме Старова кои истакнаа дека расправата пред усвојувањето на дневниот ред не е расправа која би требало да се води во судската сала, туку за време на колегиум. Ова говори за недостатокот на внатрешна комуникација помеѓу некои од судиите во Уставниот суд.

По однос на аргументацијата на судијата Никола Ивановски дека и во минатото иницијативи биле ставани на дневен ред по брза постапка, Хелсиншкиот комитет, преку истражување во сопствената архива и електронската архива на Уставниот суд на интернет, ги провери некои од примерите наведени од страна на судијата. Проверката беше можна за граѓанските здруженија Хелсиншки комитет и делумно за Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) за иницијативи поднесени по 2010 година, но не и за подносителот Стамен Филипов поради тоа што тој од почетокот на работа на Уставниот суд има поднесено над 1.200 иницијативи, од кои по 20 Уставниот суд или постапува или треба да постапува.[1]

Хелсиншкиот комитет во јануари 2010 година поднесе иницијатива преку која пред Уставниот суд ги оспори Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош. Иницијативата на дневен ред на Уставниот суд беше поставена во јуни 2010 година. Според тоа, од поднесувањето до расправањето по иницијативата поминале 6 месеци. Во јуни 2010 година, Хелсиншкиот комитет, ФООМ и три други невладини организации поднесоа инцијатива за оспорување на Законот за електронски комуникации. Иницијативата на дневен ред беше поставена во октомви 2010 година, односно 4 месеци пред да биде предмет на расправа во Уставниот суд.

Во декември 2010 година, Хелсиншкиот комитет поднесе иницијатива за оспорување на одредби од Законот за градење. Иницијативата на дневен ред на Уставниот суд се најде во ноември 2011 година, односно по 11 месеци од поднесувањето. Хелсиншкиот комитет оспори одредби од Законот за семејство во мај 2012 година, иницијативата на дневен ред на Уставниот суд се најде во ноември 2012 година, односно 6 месеци по поднесувањето. Следната иницијатива, против Законот за лустрација беше поднесена во мај 2012 година, а на дневен ред на Уставниот суд беше поставена во април 2014 година, односно по 1 година и 11 месеци по поднесувањето. Во април 2013 година Хелсиншкиот комитет до Уставниот суд заедно со 11 граѓански здруженија, вклучително и ФООМ, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. На дневен ред на Уставниот суд иницијативата беше поставена во февруари 2015 година, односно 1 година и 10 месеци по поднесувањето. Во септември 2013 година, Хелсиншкиот комитет и неколку граѓански организации поднесоа иницијатива до Уставниот суд за Законот за прекинување на бременоста која на дневен ред на Уставниот суд беше поставена октомври 2014, односно по 1 година и 1 месец по поднесувањето.

Покрај овие иницијативи, Хелсиншкиот комитет во последните 6 години се приклучил и кон други иницијативи, најчесто покренати од граѓански здруженија меѓу кои и ФООМ, но ниту по една Уставниот суд не постапил за 3 седмици, како што е тоа случај со иницијативата за оспорување на Законот за помилување разгледуван за време на минатата седница. Потребно е да се напомене дека кога Уставниот суд одлучувал по неколку месеци од поднесување на иницијативите, тоа било затоа што Хелсиншкиот комитет барал итно постапување, непосредно по усвојување на некој законски или подзаконски пропис, со цел да се избегнат потешки последици по граѓаните. Оттука, покрај тоа што не е точна констатацијата на судијата Ивановски дека Уставниот суд по иницијативите на Хелсиншкиот комитет и ФООМ одлучувал многу брзо, не може да се прави споредба ниту со оспорените закони или подзаконски прописи, имајќи предвид што Измените и дополнувања на Законот за помилување се од 2009 година (6 години пред поднесување на иницијативата), а нејасно е дали подносителот барал итна постапка и зошто судијата Ивановски одлучил токму оваа иницијатива да биде рекордер по брзо постапување на Уставниот суд.

За пофалба е излагањето на судијата Јосифовски по точка I.1 од дневниот ред. Судијата за првпат истакна дека поради тоа што јавноста не е запознаена со иницијативата тој ќе ја образложи нејзината суштина, како и подносителите на иницијативата. Сепак, Хелсиншкиот комитет повторно има забелешка што се однесува на начинот на кој другите судии го презентираа својот реферат, без споделување на основни податоци за подносителите и суштината.

На крај, Хелсиншкиот комитет ја смета како понижувачка одлуката на Уставниот суд, преку лицето за обезбедување, присутните (претставници на Хелсиншкиот комитет и Мисијата на ОБСЕ) во судската сала да бидат испратени сè до лифтот, неколку метри подалеку од салата, како тие не би биле во можност да слушнат како гласаат судиите. Во врска со ова, Хелсиншкиот комитет би сакал да истакне дека своите активности при набљудување на работата на Уставниот суд ги врши во согласност со Деловникот на Уставниот суд, вклучително и со Член 48, став 2 кој утврдува дека советувањето и гласањето на судииите се врши без присуство на јавноста.


[1] Емисија „360 степени“ на ТВ Алсат-М од 26.02.2016 година: https://youtu.be/mjSkWk90miM

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo