Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 23.11- 29.11.2015 година 02 Декември 2015

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 23.11- 29.11.2015 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови 

Приливот на бегалци кои поминуваат низ кампот во Гевгелија е значително намален поради селективното пропуштање на бегалците. Имено, на граничниот премин се пропуштаат бегалци кои потекнуваат од Сирија, Авганистан и Ирак, додека не се пропуштаат бегалци со потекло од било која друга земја (Мароко, Бангладеш, Гана и сл.), со објаснување дека тие се „економски мигранти“.

Поради намалениот број на бегалци и неможноста да се наполни возот во цел капацитет, не се дозволуваат превози со автобуси и такси возила. 

Во текот на целата недела се работи на поставување на жичната ограда на границата со Грција, која е висока 3 метри и е поставена бодликава жица во долниот и горниот дел оградата. 

Интензивно се работи на проширување на кампот и се менува инфраструктурата. Во поголем дел од кампот е нанесена камена подлога. Од различни причини, често се случува во кампот да нема електрична струја. Компјутерите за регистрација работата со помош на генератори. 

Позитивно е што билетарата на македонски железници сега работи и пред пристигнувањето на возот, па купувањето на билети е значително олеснето и брзо. Кон крајот неделата е поставено греење во еден од шаторите за згрижување на бегалците. 

Институционално постапување 

Поради селективното пропуштање на бегалците според нивната земја на потекло, веќе се забележуваат групи на бегалци од земји кои не се пропуштаат, како се движат по автопатот од Гевгелија. Тие се движат пешки, по отежнати временски услови (дожд и ниски температури). 

При селекцијата на бегалците според земјата на потекло, се појавуваат бројни проблеми. Во одредени случаи, некои од бегалците не поседуваат никакви документи за идентификација (ги изгубиле по пат), па нивното (не)пропуштање се базира единствено на кажување од која земја потекнуваат и дали имаат некаков начин да докажат од каде доаѓаат. Во спротивно, доколку немаат начин да докажат од каде потекнуваат, тие не се пропуштаат.

Во конкретен случај, 12 бегалци се транспортирани назад на грчка територија откако самите признале дека поседуваат лажни документи. Во друга ситуација, 30тина бегалци исто така се депортирани на грчката страна зошто не поседувале оригинални документи. Поради селекцијата на бегалците, постои голема напнатост меѓу нив, па често доаѓа до турканици со полицијата.  

Кон крајот на неделата настана инцидент во кој бегалците кои се задржани во меѓу- граничниот простор, со камења нападнаа полициски службеници на македонскиот граничен премин. Нивната реакција била резултат на револтот за затворањето на границата и подигнувањето на жичана ограда. Притоа, полесно се повредени неколку полициски службеници и оштетена е полициска опрема. При интервенција и распоредување на припадниците на армијата на РМ, спречена е ескалација на инцидентот. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Со оглед на ниските температури и тешките временски услови, престојот во кампот е отежнат за бегалците. Греење има само во бараките на СОС Детско село кои се наменети за децата. Куќичките кои беа наменети за одмор на бегалците се уништени од дождот и веќе не се подобни за престој.  

Институционално постапување 

Откако е започната селекцијата на бегалци на граничниот премин во Гевгелија, намалено е присуството на бегалци во кампот во Табановце, а групи кои пристигнуваат се единствено од Сирија, Авганистан и Ирак. Тие организирано и брзо го напуштаат кампот во Табановце, без значителни проблеми. Повремено се затекнуваат бегалци кои ги изгубиле своите документи, па доколку немаат начин да го докажат својот идентитет и потекло, тие се депортираат назад на грчка територија. 

Постојат и лица кои потекнуваат од други земји освен од Сирија, Авганистан и Ирак, кои престојуваат во кампот во Табановце веќе 4 дена. Некои од нив не сакаат да поднесат барање за азил во државата, туку сакаат да се вратат во Грција за што немаат парични средства за билети, а возовите не ги пренесуваат без билет. Во еден случај, во кампот се затекнати лица од Гана и Пакистан, на кои им се забрани да продолжат кон Србија. Откако им беше објаснета процедурата за поднесување барање за азил во РМ, еден од нив изрази волја да побара азил, но полициски службеници на терен одбија да им издадат било какви потврди за намера односно барање за азил. Подоцна лицата се забележани како се движат пеш по автопатот кон Гевгелија. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo