Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 07.11.2016– 13.11.2016 година 23 Ноември 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 07.11.2016 – 13.11.2016 година и може да се преземе на следниов  линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

На почетокот на седмицата бројот на бегалци изнесува 98 и тој се намали до крајот на седмицата. 

Во почетокот на седмицата во кампот оствари посета италијанскиот амбасадор г-дин Карло Ромео, кој се запозна со состојбите во кампот. Кон крајот на седмицата, остварена е посета и од страна на германска делегација. 

Хигиената во кампот е на загрижувачко ниво поради неисполнувањето на работните обврски од страна на хигиеничарите, како знак на протест.

Институционално постапување

Вкупно 10 бегалци кои престојуваат во кампот веќе 8 месеци, во два наврати се пренесени кон грчка територија на нивно барање. Со тоа бројот на бегалци во кампот се намали на 94. 

На 10.11.2016 година, во кампот пристигна жена со потекло од Ирак, која во обид да ја премине македонско-српската граница, се одвоила од своето семејство кое подоцна е пренесено во Р. Грција. Жената сама пристигнала во кампот во Гевгелија од кампот во Табановце, каде што не и бил дозволен престој. Таа не изрази намера за барање азил, туку дека едноставно сака да се врати во Грција кај своето семејство. Обезбедено и е преноќување во кампот, а наредниот ден е пренесена на грчка територија. 

На 11.11.2016 година, со полициско возило во кампот се донесени 7 бегалци, меѓу кои 5 со потекло од Алжир, еден маж со потекло од Сирија и еден со потекло од Судан. Тие се затекнати на железничката станица во Скопје, од каде што со воз се вратени во Гевгелија. Подолго од 6 месеци транзитираат низ државите на Балканот, а околу 20 дена престојувале во околината на кампот во Табановце, од каде што се снабдувале со храна. Тие не изразија намера да побараат азил, иако им е објаснета процедурата и правото да побараат азил. Сите од нив имаат семејства кои се веќе стигнати низ разни држави низ Европа. На лицата од Сирија и Судан им е извршено регистрирање бидејќи само тие од цела група поседуваа документи за лична идентификација. Откако им е укажана медицинска и хуманитарна помош, тие се пренесени кон грчка територија. 

На хигиеничарите во кампот веќе два месеци не им се исплатени плати, поради што тие отворено изразуваа незадоволство и протест со неизвршување на работните обврски. Кон крајот на седмицата, откако им е исплатена една плата тие го прекинаа протестот, по што кампот беше исчистен. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот секојдневно варира. Официјална бројка на бегалци сместени во кампот се смета дека е околу 60, а неофицијалната варира од 100 до 120, во одредени денови и 150 бегалци. Поголем број на бегалци престојуваат во импровизирани кампови во околината на Транзитниот камп Табановце. Раздвиженоста на бегалци во кумановските села е секој ден поголема.

Хигиената во кампот е во значително влошена состојба, дел поради обилните дождови во текот на седмицата, а и поради неизвршувањето на работните обврски од страна на хигиеничарите како знак на протест поради неисплатени плати. 

Институционално постапување  

Во почетокот на седмицата, 12 бегалци од кампот кои се баратели на азил се преместени во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Поради нивното преместување уште 9 бегалци поднесоа барање за азил. 

Голем број бегалци од околните села доаѓаат во кампот да побараат храна и облека, по што го напуштаат кампот. На некои им е дозволено, а не некои не. Одредени групи кажуваат дека доаѓаат од Република Србија, односно дека се вратени од страна на српските безбедносни служби кон Лојане и Сопот. Голем дел од нив соопштуваат дека се малтретирани од страна на српската полиција. 

Од страна на невладините организации се одржуваат секојдневни часови по разни јазици (англиски, германски), кои ги посетуваат и возрасните. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во дневните билтени на Министерството за внатрешни работи не е регистриран ниту еден инцидент поврзан со бегалците или криумчарење мигранти. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo