Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 14.11.2016– 20.11.2016 година 23 Ноември 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 14.11.2016 – 20.11.2016 година и може да се преземе на следниов  линк. 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот се движи во рамките од 90 до 100, зависно од бројот на бегалци кои пристигнуваат или заминуваат од кампот. 

Децата кои престојуваат во кампот, во придружба на социјални работници од невладините организации, се изведуваат на редовни прошетки во Гевгелија. 

Институционално постапување

На почетокот на седмицата, двајца бегалци со потекло од Сирија на возраст од 21 и 23 години, кои престојуваа во кампот околу 8 месеци, по свое барање се префрлени на грчка страна од македонската полиција. 

На 15.11.2016 година, во кампот е донесена шестчлено семејство со потекло од Ирак, меѓу кои маж и бремена жена заедно со нивните 4 деца. Кај едно од децата е забележан хендикеп, поради што детето не е во можност да се движи само. Наводно семејството е фатено како дел од група со 24 бегалци, од кои остатокот се веднаш пренесени на грчка територија, а семејството е спроведено во кампот поради ранливата состојба на жената и детето. Бремената жена е спроведена во гевгелиската болница за преглед, каде што е утврдено дека е во добра состојба. Истиот ден, во кампот со полициска придружба се донесени двајца бегалци со потекло од Авганистан и четворица бегалци со потекло од Пакистан, кои биле фатени во близина на село Смоквица, Гевгелија. Сите од нив се вратени од Србија кон Р. Македонија. Четворицата Пакистанци, пред неколку дена ја преминале македонско-српската граница, но стигнале само до Прешево, кога биле затекнати од страна на српската полиција и вратени назад кон Македонија. Двајцата Авганистанци тргнале од Атина и платиле по 1500 евра на криумчари за да ги однесат до Белград. По измама на криумчарите, тие се донесени до село Лојане, кумановско, каде што биле ограбени. Оттука, сами стигнале до Шид, Србија. Откако се регистрирани од страна на српската полиција се вратени прво во Прешево, а подоцна и во Македонија. Во кампот е донесен и еден човек со потекло од Сирија, кој откако стигнал во Белград одлучил да се врати назад во Грција со цел да се обедини со своето семејство. Сите овие бегалци се пренесени кон грчка територија. 

На 16.11.2016 година, по околните патишта се фатени 3 бегалци со потекло од Пакистан. По извршени безбедносни проверки, тие се пренесени на грчка територија. Два дена подоцна пак, во близина на село Прдејци, гевгелиско, се фатени 12 бегалци со потекло од Авганистан и Пакистан. Откако им е укажана хуманитарна помош од страна на Црвен Крст и со нив се остварени разговори од страна на безбедносните служби, бегалците се пренесени кон Грција. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Официјалниот број на регистрирани бегалци во кампот изнесува 58, меѓу кои 10 жени, 12 мажи и 6 деца. Меѓутоа, неофицијалниот број на бегалци кои се присутни во кампот се движи од 100 до 110 и секојдневно варира. 

На 18.11.2016 година, во кампот оствари посета новоименуваниот директор на Центарот за управување со кризи, г-дин Агрон Буџаку. 

Институционално постапување  

Голем број бегалци престојуваат во полињата околу кампот, а доаѓаат повремено во кампот со цел да добијат храна. Откако ќе земат храна, им се даваат инструкции дека мора да го напуштат кампот. 

На 17.11.2016 година, полициски службеник употребил сила врз бегалец кој престојува во кампот. Причините не се познати. Полицискиот службеник му нанесол сериозни удари од кои добил вртоглавица, поради што тимот на Црвен крст морал да интервенира. 

Хелсиншкиот комитет настанот соодветно ќе го пријави во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Употребата на неоправдана сила од страна на полициските службеници во вршење на служба е недозволива и мора да биде соодветно казнета. 

Во кампот има пристигнато две нови семејства кои се згрижени, а доаѓаат од Грција. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во Прифатните Центри во Република Македонија е недостапен.

Нерегуларна миграција 

Во текот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи во своите билтени регистрирало само еден кривично правен настан поврзан со бегалците. Имено, во близина на село Бориево, општина Босилово, струмичко, затекнато е едно возило со скопски регистарски таблички со двајца македонски државјани. Во возилото се пронајдени 7 бегалци со потекло од Сирија. На возачот и совозачот им е определена мерка притвор и против нив е поднесена кривична пријава. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo