Corner Извештаи

Двомесечен извештај (април - мај 2011) 10 Јуни 2011

- ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

- СУДСКИ СЛУЧАИ

- ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

_____________________________________________________________________

ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

- Префрлување на одговорноста меѓу надлежните во врска со избирачкиот список!

- Совет за радиодифузија версус Службен весник на Република Македонија, кој е појак во своето работење

- Кој има бенефит од измените на Законот за здравствено осигурување – граѓаните или Министерството за здравство

_____________________________________________________________________

Предвремени Избори 2011

„Дупло дно“

Уште почетокот на Изборната кампања за претстојните парламентари избори беше одбележан со бројни контроверзии. Проблемите започнаа со единствениот избирачки список и неговата точност, (зло)употреба на државната администрација за партиски цели, недолично однесување на партиските активисти и уништување на изборните плакати на политичките опоненти, кампања проследена со говор на омраза и низа други пропусти. Сето ова за сигурно доведе до појава на антагонизам и поларизација на граѓанството. 

По објавувањето на информациите за пропустите во избирачкиот список со појавата на лица кои немаат право на глас во истиот, наместо надлежните институции да започнат со негово прочистување и расчистување на сомневањата кои се појавија, тие започнаа меѓусебна „војна“ за тоа кој е надлежен за негово прочистување.

Избирачкиот законик точно ги наведува одговорностите на Министерството за внатрешни работи кое е одговорно за доставување на информации во врска со полнолетните лица со право на глас, починатите, доселените и отселените граѓани со право на глас, оние кои се наоѓаат на привремена работа или престој во странство, лицата кои го изгубиле своето државјанство и сл.  

Од друга страна, Избирачкиот законик одговорноста за проверката на базата на податоци на избирачкиот список, запишување, дополнувања и бришења во истиот по службена должност и по барање на граѓани ја препишува кај Државната изборна комисија. За исполнување на оваа обврска се потребни податоци од службените евиденции кои се водат во рамките на државните органи и органите на државната управа.

Министерството за внатрешни работи ја исполни својата законска обврска во наведениот рок, но и покрај тоа истиот не беше прочистен!

Прочистувањето на избирачкиот список дигна огромна прашина а одговорноста за пропустите кај избирачкиот список кој очигледно претставува „врел костен“ се префрлаше од рацете на една во рацете на друга институција. Очигледно беше различното толкување на законските одредби од страна на овие институции.

Освен проблемот со избирачкиот список кој остана неразрешен, Државната изборна комисија молчеше и пред скандалот со избирачките списоци и злоупотребата на државната, јавната и општинската администрација која наместо да им служи на граѓаните стана главна машинерија на политичките партии.

Државната изборна Комисија поради поделеноста на членовите не успеа да се справи со предизвиците, што може да се препише на несовесното вршење на доделената функција на членовите на истата. 

Се чини дека и говорот на политиката во ова предизборие го доживеа дното. Уште повеќе, се чини дека оваа кампања не потсети на еден наслов од еден познат писател „Дупло дно“. Со повеќе од 60% на напад кон луѓе, групи, партии, во говорите на митинзите, ова стана најголемиот напад врз достоинството на граѓаните. Неможе поинаку да се протолкува истиснувањето на фер и рамноправна борба во придобивањето на гласови со реална понуда наместо напад на противникот. А 60% не се само говор на омраза, туку 60% непочитување на интелигенцијата на граѓаните. Злоупотребата на децата од основно училиште е врв на дното, на падот на политичката култура во нашето општество. 

Поучени од овие искуства ја повикуваме законодавната власт да изврши допрецизирање на Изборниот законик во поглед на обврската за прочистување на Избирачкиот список и изборните нерегуларности со цел во иднина да не постојат недоречености кои отвараат простор за можни злоупотреби во изборниот процес за што воедно повикуваат и меѓународните организации кои со будно око го следат овој процес. Исто така, како што Комитет има истакнато во повеќе наврати, потребно е дефинирање на говорот на омраза во легислативата и негово санкционирање.

Хелсиншкиот Комитет ги повикува надлежните институции непристрасно да ја вршат својата работа и да покренат соодветна постапка за сторените нерегуларности за време на изборната кампања.

_____________________________________________________________________

Совет за радиодифузија версус Службен весник на Република Македонија, кој е појак во своето работење

Како се мери демократијата во Република Македонија, според владеењето на правото или според диктаторската политика на владејачката гарнитура

Пред самото распуштање на Собранието на Република Македонија  и распишувањето на вонредните парламентарни избори, Советот за радиодифузија (во натамошниот текст СРД) увиде за потребно да согласно член 75 од Изборниот законик ја започне постапката за донесување на подзаконските акти. Предлог правилниците СРД ги достави до заинтересираните субјекти заради давање на кометари и мислења.

СРД најави дека со Правилникот за однесување на радиодифузерите во периодот пред започнувањето на изборната кампања ќе се уреди начинот на известување во врска со подготовките за избори, односно за изборните активности во периодот пред започнувањето на изборната кампања. Овој правилник инаку претсавува новина во изборната регулатива и е задолжение според новите измени на Изборниот законик. СРД дури одржа и неколку тркалезни маси заради допрецизирање на нормите, правилата и одредбите во правилниците предложени токму од СРД. СРД поднесе и барање до ДИК за добивање на мислење од нивна страна. 

На 21.04.2011 година СРД ги усвои Правилниците, при што од нивна страна било констатирано дека иако е побарано мислење од страна на ДИК не добиле мислење туку само известување дека на нивната седница не било расправано за предлог правилниците, туку дека таа точка била тргната од дневен ред заради добивање на дополнителни информации од одржаната јавна расправа. 

И откако правилниците беа донесени и изгласани, истите СРД ги достави до Службен весник на Република Македонија заради нивно објавување. Службен весник занемарувајќи ги законски одредби предвидени во Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ одби да ги објави донесените правилници. 

Согласно законот на Службен весник на РМ не му преостануваше ништо друго освен да согласно член 5 а во врска со член 3 став 1 точка 4 и член 4 како му се доставени прописите и актите, донесени од страна на СРД, истите ги објави без притоа да има потреба да ги коментира или да бара дополнителни податоци за начинот на нивното донесување, за нивната законитост или незаконитост и слични работи.

Незаконското постапување на Службен весник на Република Македонија, остава впечаток дека не сме демократска држава со точно дефинирани принципи на владење на правото, и истото мора да трпи законски санкции заради што ги повикуваме сите надлежни институции, од јавно обвинителство и министерство за внатрешни работи, да ги преземат потребните мерки и дејствија за лоцирање на повредата и изрекување на санкции.

_____________________________________________________________________

Кој има бенефит од измените на Законот за здравствено осигурување – граѓаните или Министерството за здравство

Согласно Законот за здравствено осигурување лицата кои се привремено невработени додека примаат паричен надоместок од осигурување во случај на невработеност и невработените лица кои активно бараат работа се задолжително здравствено осигурани ако немаат друг основ на осигурување. 

Но, со измените на Законот за здравствено осигурување, донесени на 14.4.2011 година беше избришан основот на задолжително здравствено осигурување за лицата кои се невработени и кои активно бараат работа. Оваа категорија лица ќе бидат задолжително здравствено осигурани како и оние лица кои не се задолжително здравствено осигурани по ниту еден основ. Оваа одредба ќе се применува од 1 септември 2011 година.

Според Уставот, граѓаните на Република Македонија имаат право на социјална сигурност, социјална заштита и заштита на здравјето. На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Правото на здравствена заштита, Уставот го третира како право што е во интерес на човекот и заедницата. Затоа, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. 

Поаѓајќи од овие одредби на Уставот во никој случај не смееше да се дозволи ваква измена на законот која не оди во прилог на граѓаните, туку на истите може само да им наштети. Поради тоа очекуваме оваа одредба да биде укината од страна на Уставниот суд на РМ во најкраток можен рок. Со истата само се зголемува бројот на документи кои им се потребни на граѓаните да го утврдат правото на осигурено лице и времето потребно за да се оствари ова право. 

Овој предлог на Министерството за здравство беше прифатен без претходно анализа за можните последици по граѓаните и без да се размисли за дополнителните трошоци и проблеми кои може да настанат за нив.

Според Министерството за здравство причината за предлагање на ваквите измени е тоа што во праксата голем е бројот на лицата кои фиктивно се пријавуваат во Агенцијата за вработување на Република Македонија како наједноставен начин да се стекнат со статус на осигуреник, бидејќи во спротивно, е потребно да обезбедат документација за докажување на сопствената имотна состојба. Според нив и покрај измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со кои обврската за пресметка и уплата на придонесите за здравствено осигурување за невработените лица се префрли од Агенцијата за вработување на Република Македонија во Фондот за здравствено осигурување на Македонија, фиктивната бројка на невработени лица во државата не се намалила.

Сепак и доколку постојат одредени проблеми со кои се соочува Министерството за здравство во текот на својата работа, истите мора да ги реши на друг начин, а не на грбот и на сметка на здравјето на граѓаните. 

_____________________________________________________________________

СУДСКИ СЛУЧАИ

- Повторно започна судскиот процес „Сопот“ 

Обвинетите од т.н. случај „Сопот“ повторно на обвинителна клупа.

- Кој чека ќе дочека вели народната, но дали е така во случајот на Арбен Лала 

За случајот на Арбен Лала, државјанин на Република Албанија, со престојувалиште во Тетово од 2003 година, Хелсиншкиот комитет пишуваше во претходните извештаи.

_____________________________________________________________________

Повторно започна судскиот процес „Сопот“

Обвинетите од т.н. случај „Сопот“ повторно на обвинителна клупа.

Анкетната комисија за заштита на човековите слободи и права на граѓанинот при Собранието на Република Македонија донесе Заклучок да се изнајдат сите можности за повторување на окончаната судска постапка за т.н. случај „Сопот“, откако клучниот сведок во постапката трвдеше дека изјавата со која ги товари обвинетите му била изнудена во полиција, при извршен притисок, малтретирање и тортура. 

Во претходната постапка обвинетите беа прогласени за виновни и осудени на вкупно 150 години затвор за поставување противтенковска мина во 2003-та година на влезот во селото Сопот кога загинаа двајца војници на НАТО и еден цивил. 

Од страна на надлежните судски органи беше одлучено да кривичната постапка се повтори, но сега во еден единствен предмет и тоа пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје. 

Неколкутте обиди за нов почеток на постапката беа неуспешни, да на крајот се одржи и првата судска расправа за случајот во текот на април оваа година. Постапката продолжува со нова закажана судска расправа во текот на месец мај 2011 година.

Хелсиншкиот комитет претходната постапка за т.н. случај „Сопот“ го набљудуваше, па најавува дека истиот случај ќе биде набљудуван и сега при повторното постапување. Доколку во текот на набљудувањето се регистрираат повреди на човековите права кои би влијеле во конечното одлучување во предметот, за истите Хелсиншкиот комитет соодветно и навремено ќе реагира.

_____________________________________________________________________

Кој чека ќе дочека вели народната, но дали е така во случајот на Арбен Лала

За случајот на Арбен Лала, државјанин на Република Албанија, со престојувалиште во Тетово од 2003 година, Хелсиншкиот комитет пишуваше во претходните извештаи . 

Во септември 2006 година г. Лала поднел Барање за прием во државјанство по член 9 од Законот за државјанство на Република Македонија. После скоро две години на ден 26.03.2008 година Министерството за внатрешни работи донел Решение бр. 17.9.1-52906/1-2006 со кое барањето за прием во државјанството на Република Македонија е одбиено со образложение дека неговиот прием во државјанството ќе ја загрози безбедноста и одбраната на Република Македонија, без да се впуштат во објаснување и образложување на причините заради кои МВР го донел решението.

Постапувајќи по навремената жалба вложена од странката, Владата на Република Македонија - Комисија за решавање во управната постапка во втор степен од областа на внатрешните работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер на ден 12.05.2008 година донел Решение УП II бр. 35/II-169/1-2008 со кое вложената жалба е уважена, првостепеното решение е поништено и предметот е вратен на повторно разгледување и одлучување. 

На ден 17.12.2008 година Министерството за внатрешни работи донел Решение бр. 17.9.1-52906/2-2006 кое е потполно исто како претходното од 2008 година кога за прв пат одлучувал по барањето. 

Останувајќи незадоволен од донесеното решение г. Лала по втор пат вложува жалба до вторстепениот орган , кој после цели две години на ден 05.04.2011 година донел Решение бр. 35-4/2-2009 со кое вложената жалба ја уважува и предметот повторно по втор пат го враќа на повторно разгледување и одлучување. 

Тамам да се помисли дека народната кој чека ќе дочека функсионира и во пракса, повторно сега веќе по трет пат започнува голготата на г. Лала. Тоа значи, пак одлучување пред првостепениот орган, па ќе следува жалба, па пак можно враќање на повторно разгледување и одлучување и се така во еден магичен круг без никаков излез.

Хелсиншкиот комитет јавно бара да државните институции преземаат мерки да престане ваквата „магична“ пинг - понг ситуација, еден чекор напред - три назад и конечно се реши случајот на г. Лала, а странката е упатена да ги преземе законските чекори кои и преостануваат.

_____________________________________________________________________

ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

Случај Сефадин Емини, дали е доведено во прашање правото на судска заштита на правото на средно образование?

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во својот извештај за месец јуни 2008 и октомври 2008, веќе ја извести јавноста за дозволеното самоволие во верските образовни установи, поточно Средното исламско училиште „Иса Бег Медресе“ во Скопје.

Накратко, станува збор за случајот на вонредниот ученик во трета година во наведеното исламско училиште - Сефадин Емини, чие средно образование на ден 23.01.2008 година при пријавување на испити е прекинато од страна на одговорните лица на училиштето, со едноставно образложение од страна на Директорот на училиштето дека тој наводно бил против исламската заедница.  

Во врска со пријавата за прекин на школувањето од лицето Сефадин Емини до Државниот просветен инспекторат, истиот се огласил за ненадлежен за надзор во ова училиште со упатување проблемот да се реши интерно во рамки на истото. Од таа причина, ученикот Сефадин Емини во текот на месец мај 2008 година одлучи своето право да го оствари по судски пат поднесувајќи тужба по основ поништување на одлука.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во врска со случајот се обрати со писмени дописи до Државниот просветен инспекторат, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и до Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи при Владата на РМ со цел истите да бидат запознаени со случајот, како и да не известат за евентуалните мерки кои ќе бидат преземени за испитување на истиот. Во доставениот одговор, сите горе наведени државни органи не известуваат дека средното исламско училиште, согласно Законот за средно образование не е опфатено во системот на средни училишта, како и дека истите немаат надлежност за надзор бидејќи училиштето “Иса Бег Медресе“ било верско училиште и како такво не било верифицирано и запишано во регистарот на средните училишта.

Од таа причина, Комитетот во два наврати јавно изрази загриженост за конкретниот проблем, јасните законски повреди од страна на надлежните органи на управата од областа на образованието и упати апел судските органи да го дадат конечниот збор во насока на заштита на правото на образование и правата кои произлегуваат од истото. Спротивно на тоа, судот само го продлабочи проблемот.

Основниот суд Кичево на ден 23.04.2009 година донел Пресуда со која се усвојува тужбеното барање на тужителот Сефадин Емини и се поништува одлуката на ВД Директорот на Средното исламско училиште “Иса Бег Медресе“ со која на тужителот му била изречена мерка исклучување од училиштето. Апелациониот суд Гостивар, постапувајќи по жалба поднесена од страна на тужената Исламска верска заедница на РМ, донел Решение со кое истата се уважува, а Пресудата на Основниот суд Кичево се укинува и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување. При тоа, во своето решение, Апелациониот суд Гостивар укажал кои парнични дејствија и спорни прашања треба да ги расправи првостепениот суд при повторното судење. 

Основниот суд Кичево во повторната постапка донел Решение на 31.01.2011 година со кое се огласил за стварно ненадлежен суд да постапува по тужбата на тужителот Сефадин Емини, сметајќи дека туженото училиште не спаѓа во системот на средни училишта на РМ поради што тужителот проблемот што го има со туженото училиште треба да го реши интерно во рамки на истото, бидејќи спорот не претставувал спор од судска надлежност. Против ова решение, тужителот има поднесено навремена жалба и постапката е во тек.

И како што претходно комитетот укажа на очигледната повреда на повеќе законски одредби од страна на државните институции, пред се член 3 од Законот за средно образование, како и членови 22, 23 и 26 од Законот за правната положба на црква, верски заедници и религиозни групи, уште повеќе, стана јасно дека се доведува во прашање и применливоста на одредбите од членовите 2, 4, 5 став 1 и 8 од Законот за судовите, оставајќи го ученикот без право на судска заштита на основните права заштитени со позитивните законски прописи и Уставот на РМ.

Следствено на ваквиот начин на исклучување на судската заштита, без да се испита целосната фактичка состојба, се поставува и прашањето дали на сите ученици запишани во средните верски училишта не им се признава дипломата за завршено средно образование со оглед на фактот дека судот сметал дека истите не се дел од образованиот систем на РМ? Дали верските училишта можат да работат надвор од позитивните прописи во РМ и да донесуваат одлуки со кои се кршат основните човекови права, знаејќи дека против таквите одлуки не постои судска заштита? Уште повеќе, дали пак родителите на сите запишани ученици треба да бидат прекршочно казнувани согласно член 118 став 4 од Законот за средно образование? 

Хелсиншкиот комитет побара одговор на наведените прашања од Државниот просветен инспекторат, лично од Министерот за образование и наука, како и од Судскиот совет на РМ во врска со постапувањето на судовите во конкретниот случај. Државниот просветен инспекторат реши повторно да не извести дека истиот не е надлежен да врши надзор во конкретното училиште, иако одговорот на ова прашање ни беше познат и истото не беше поставено во нашиот втор допис. Искрено се надеваме дека Министерот за образование и наука и Судскиот совет на РМ нема да го следат примерот на Државниот просветен инспекторат и детално ќе ни одговорат за настанатиот проблем особено за начинот на кој сметаат дека треба да се разреши големата колизија на горе споменатите законски одредби од предметната област и правниот вакуум во образовниот систем на штета на правата на граѓаните.


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo