Corner Извештаи

Месечен извештај - Ноември 2017 14 Декември 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за ноември 2017 година опфаќа теми од областите: Правосудство, Дискриминација, Слободи и права, Говор на омраза, Текстилни работнички, Полиција, Законодавство

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк

ПРАВОСУДСТВО

седницата за утврдување на нестручно и несовесно работењена судии одржана зад затворени врати

Во текот на месец ноември, Судскиот совет на Република Македонија одржа повеќе седници на кои беше извршен избор на судии и претседатели на судови.

Така, на 266-тата седница беше донесена одлука за избор на судијата Иван Џолев за нов претстедател на Основниот суд Скопје 1 Скопје, додека на следната, 267-та седница, Советот донесе одлуки за избор на нови претседатели на Апелациониот суд во Штип (Наке Георгиев), како и на основните судови во Куманово (Снежана Манев), Тетово (Хасан Асани) и Ресен (Емељ Кранли Али), додека кандидатот за нов претседател на Основниот суд Дебар не го добил потребното мнозинство гласови од Советот. Судијата Африм Фидани, кој на 25.11.2017 требаше да одлучува дали Интернет снимките од кабинетот на тогаш градоначалникот на Струмица Зоран Заев можат да бидат користени како докази во случајот „Поткуп“, беше избран за судија во Врховниот суд.

На седницата членовите на Советот ја избраа судијката Тања Милева за судија во кривична област во Апелациониот суд Скопје, додека за граѓански предмети ги поддржаа кандидатурите на Зоран Герасимовски и Алија Елези. Александар Камбовски е нов судија во Апелациониот суд Битола, а дополнително ќе се распишат огласи за позициите кои останаа непотполнети за судии во Апелациониот суд Скопје и во Врховниот суд. Според претседателот Караџовски непополнетите места се должат на тоа што кандидатите не ги исполниле потребните услови.

Инаку, дури дваесетина од вкупно 56 судии во скопскиот кривичен суд се пријавиле за четирите позиции огласени во Апелациониот суд Скопје, додека поранешната в.д. Претседателка на овој суд Татјана Михајлова, која му суди на екс - премиерот Груевски за инцидентот во Општина Центар, конкурирала за судија во Апелациониот суд Битола, како и за претседател на ресенскиот суд, по што во текот на седницата таа ги повлекла и двете кандидатури.

Судскиот совет ја оддржа и 268-та седница, на чиј дневен ред беа постапките за утврдување одговорност за нестручно и несовесно работење, поднесени против петмина судии. Меѓутоа за овие претставки, членовите на Советот одлучуваа зад затворена врата.

Препораки: Хелсиншкиот комитет препорачува Судскиот совет да ја зголеми транспарентноста на своето работење кога се работи за избор, распределба или утврдување на одговорност за нестручно и несовесно работење. Од исклучителна важност е јавноста да биде добро запознаена со овие процеси бидејќи нивната транспарентност е првиот чекор кон враќање на урнисаната доверба во судството од страна на граѓаните. Тоа е особено важно кога се работи за постапките за утврдување на одговорност за нестручно и несовесно работење. Судскиот совет не може да си дозволи да ги држи овие седници зад затворени врати во ситуација кога голем број судии се споменувани во прислушуваните разговори и се изложени на остри критики од стручната и општата јавност. Само преку отвореност и транспарентност во постапувањето на Судскиот совет може да се врати кредибилитетот на оваа институција во јавноста и да се гарантира дека постапките за утврдување на евентуална одговорност на судиите се водени правично, во целосна согласност со принципите и стандардите на Европскиот суд за човекови права, и дека ниту една од нив нема да биде оспорена во Стразбур.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ДИСКРИМИНАција на ученик со аутизам во средно образование

До Хелсиншкиот комитет пристигна пријава за случај на дискриминација на ученик во средно образование врз основ на попреченсот. Имено, се работи за ученик запишан во прва година средно во редовно средно училиште кој има аутизам и кој и предходно посетувал редовно основно образование. Само два месеци откако започнала школската година, родителот на ученикот бил повикан во училиштето на разговор од страна на еден од професорите. На состанокот на родителот му било кажано дека неговиот син прави проблеми во училиштето со своето однесување и дека може да претставува опасност за останатите ученици. Дополнително родителот бил известен дека можеби ќе треба да го отпише својот син од училиштето токму поради наведените причини. Претставничка на Хелсиншкиот комитет заедно со претставнички од уште две здруженија, заедно со родителот, одржаа состанок со директорот на училиштето и инклузивниот тим, на кој состанок се дискутираше за состојбата на ученикот и следните чекори за негова подобра интеграција во наставата и училиштето воопшто. Од состанокот се виде волјата на инклузивниот тим да работи со ученикот, меѓутоа исто така се воочи и нестручност на инклузивниот тим и неискуството во изготвување на Индивидуален образовен план за работа со ученикот и негово образование (ИОП), како и општото неискуство на училиштето за работа со лица со било кави попречености.

Имено, согласно Законот за средно образование, во средното училиште во кое се запишал ученик со посебни образовни потреби, се формира инклузивен тим кој е составен од педагогот, односно психологот на училиштето, наставникот, родителот, дефектологот доколку има во училиштето и по потреба лекарот. Инклузивниот тим за секој ученик изготвува индивидуален образовен план. Во конкретниот случај инклузивен тим постои и е составен од психологот во училиштето и социјалниот работник. Проблемот е што инклузивниот тим воопшто не е во контакт со родителот иако тоа е предвидено и родителот најдобро ја знае состојбата на ученикот. Тимот воопшто не беше запознаен со вистинската состојба на ученикот и не е обучен да работи со деца со посебни образовни потреби. Индивидуален образовен план воопшто не е изготвен, ниту тимот знае како да започне да го изготвува и што тој треба да вклучува. Наспроти состојбата, волјата на тимот за соработка со родителот и идна работа со ученикот за негова инклузија во образовниот процес постои.

Следните чекори за конкретниот случај се изработка на индивидуален образовен план (ИОП) за ученикот во неизбежна соработка со родителот, и негово имплементирање чекор по чекор со цел ученикот полека да започне да се интегрира во училиштето и да добие квалитетно индивидуализирано образование согласно неговите потреби и можности. Тимот веќе ги презема првите чекори и ќе посети обука за изготвување ваков план овозможена од страна на здружение кое има искуство во изготување на индивидуални образовни планови, иако оваа обврска ја има државата, но во конкретниот случај не ја исполнила.

Препорака: Евидентираниот случај е само еден од многуте постоечки случаи на неинклузивност на учениците со различни попречености во редовното образование. Законските прописи постојат, но не се имплементираат соодветно. Пропусти има во целиот систем, а единствено страдаат самите ученици. Апелираме до Министерството за образование да преземе итни мерки за обука на тимовите во училиштата за работа со овие ученици и за изготвување на Индивидуални образовни планови, а сè со цел квалитетно образование за сите согласно нивните потреби и можности. Апелираме и за зголемени контроли за тоа како се спроведува инклузивното образование во училиштата и колку учениците се навистина вклучени и колку навистина напредуваат.

СЛОБОДИ И ПРАВА

ПРЕСУДА НА ЕСЧП ВО СЛУЧАЈ ПОВРЗАН СО СЛОБОДАТА НА ЗДРУЖУВАЊЕ ВО РЕЛИГИОЗНАТА СФЕРА

Во пресуда на Европскиот суд за човекови права од 16 ноември 2017 година беше констатирано прекршување на членот 11 (слобода на собирање и здружување) во врска со членот 9 (слобода на мислата, совеста и религијата) од Европската конвенција за човекови права, која произлезе од одбивањето на надлежните да се регистрира Православната охридска архиепископија (ПОА) како посебна верска заедница. За констатираната повреда, Република Македонија е задолжена да му исплати на апликантот 4,500 евра (за нематеријална штета) и 5,000 евра (за трошоци и издатоци).

Постапката во Стразбур беше иницирана со апликацијата бр. 3532/07 поднесена од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права во името здружението- апликант. И двете барања за негова регистрација беа одбиени од домашните судови од формални причини, како и врз две други основи - дека здружението било формирано од страна на странска црква или држава, и дека неговото предложено име било проблематично од аспект на тоа што тоа било многу слично со називот на „МПЦ-Охридска архиепископија“ која има историско, религиозно и морално право во континуитет да го користи ова име, со што здружението имало за цел да претставува паралелна верска институција. Здружението-апликант водело и две безуспешни постапки пред Уставниот суд, кој ги офрлил барањата за заштита на слободите и правата врз строго формални причини, без мериторно да одлучува по неговите барања.

Потврдувајќи го широкиот простор за процена на државата во оваа област од аспект на односите помеѓу верските заедници, ЕСЧП во својата пресуда сепак укажува на должноста на државата да остане неутрална и непристрасна во извршувањето на нејзината регулаторна моќ во нејзините односи со другите религии и верски групи, како и да води сметка за сочувувањето на религискиот плурализам кој е од клучно значење за правилното функционирање на секое демократско општество, разрешувањето на проблемите низ дијалог и хармоничната интеракција меѓу поединците и групите како суштинска за постигнување на социјална кохезија.

ЕСЧП потенцира дека јавното мислење на државата не треба да биде заштитено на штета на малцинските ставови, така што ниту огромната важност што автокефалноста на МПЦ ја има за нејзините верници и поддржувачи не може да го оправда преземањето мерки кои би го спречиле апликантот сеопфатно и безусловно да отпочне со каква било религиозна активност. Токму врз таа основа, имајќи ја предвид потребата од одржување на религискиот плурализам, во ситуација на каков било конфликт помеѓу или внатре во рамките на самите верски групи, Судот во Стразбур експлицитно го осуди преземањето превентивни мерки со кои би се сузбила слободата на собирање и изразување во едно демократско општество.

Препораки: Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравува пресудата на Стразбур која треба да придонесе кон натамошно промовирање на европските стандарди коишто се однесуваат на ефективното уживање на слободата на верата и верското здружување во државата. Едновремено, Хелсиншкиот комитет за човекови права потсетува дека извршувањето на оваа пресуда, покрај преземањето на оние индивидуални мерки кои се насочени кон обесшетување на ПОА како апликант, неминовно ќе изискува и преземање на други, генерални мерки кои би имале за цел спречување на слични повреди во иднина, преку целосно гарантиран избалансиран и изедначен пристап на државата кон сите верски заедници и религиозни групи со што се осигурува верскиот диверзитет и плурализам.

повреда на правото на здравствена заштита и лекување

Пo објавувањето на веста во медиумите за 58 годишниот Перо Китановски, кој со гангрена на нозете талка по скопските болници[1]претставници од Хелсиншкиот комитет остварија посета во домот на семејство Китановски, каде што извршија увид во медицинската документација и фактичката состојба.

Перо Китановски се наоѓа во тешка здравствена состојба, со гангренана левото стапало и гангренозни промени на десен палец, а домот го дели со своето петнаесетчлено семејство. Упатен е страна на специјалист-субспецијалист од Градската општа болница „8ми Септември“ Скопје да се лекува во инфективната клиника, меѓутоа неговото хоспитализирање таму е одбиено со образложение дека не постојат услови. Поради тоа што е дијагностициран, меѓу другото и со дијабетис, не му е ампутирана ногата. Неговата сопруга, Васка Китановска, укажа дека лекарите остваруваат домашна посета и му даваат инфузии на г-дин Перо, додека превските на гангренозните места мораат да ги прават носејќи го во соодветна здравствена установа, а немаат соодветно возило.

Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе претставки до Заменик министерот за здравство и Државниот здравствен и санитарен инспекторат со барање за најитно постапување и преземање на мерки во насока на обезбедување соодветна хоспитализација и нега за Перо Китановски.

Препорака: Ваквото постапување од страна на лекарите и здравствените работници сериозно ги прекршува човековите правата на Перо Китановски, воедно и неговите права како пациент согласно законските одредби од Законот за заштита на правата на пациентите како и Законот за здравствена заштита. Неоправдани се образложенијата на надлежните институции дека не постојат услови во болниците, а ваквото постапување, односно пропуштање на дејствија за ефективна здравствена заштита на странката, го исполнува дејствието на кривичните дела „Несовесно лекување болни“ од член 207 од Кривичниот Законик на Република Македонија, како и „Неукажување медицинска помош“ од член 208 од истиот законик

ГОВОР НА ОМРАЗА

ГОВОРОТ НА ОМРАЗА диктиран од дневни настани!

Во текот на ноември, 2017 година, забележано е намалување на случаите на говор на омраза во јавноста од страна на јавни личности кои имаат особено влијание врз јавноста. Меѓутоа, и понатаму продолжува ширењето говор на омраза на социјалните мрежи и интернет порталите од страна на корисниците/граѓаните. Имајќи ги предвид неколкуте општествено- политички, важни настани кои ја разбрануваа јавноста во текот на месецот, како на пример објавувањето на пресудата во случајот „Диво Насеље“ или предлог- измените во Законот за употреба на јазиците, очекувани беа реакциите исполнети со навредлив и дискриминирачки говор, како и говор на омраза најчесто врз националност и етничка припадност на социјалните мрежи. Иако експлицитен говор на омраза не е забележан во јавноста, забележани се говори на јавни личности кои индиректно го предизвикуваат ширењето на говор на омраза.

Хомофобичен говор на социјалните мрежи е забележан кон споделувањето на веста за признавањето на трет пол во Германија, кој вклучува повици за палење и убивање на лицата со различна сексуална ориентација и родов идентитет. Ваквите реакции се чести, што покажува дека Република Македонија и понатаму е хомофобично општество. Загрижувачка е пасивноста на медиумите и интернет порталите во отстранувањето на коментарите со говор на омраза, кои се затекнуваат на нивните профили на социјалните мрежи.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира до јавните личности и носители на функции да се воздржат од употреба на говор кој провоцира и продуцира говор на омраза, а постои опасност да води кон сторување кривични дела од омраза. Истовремено, упатуваме апел до електронските медиуми и интернет портали редовно да ги отстрануваат коментарите со говор на омраза на нивните објави кои се штетни за општеството и поединечни групи доколку продолжуваат да се споделуваат во интернет просторот.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

поведена прекршочна постапка против работодавец од Штип

По поднесена претставкаод страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Штип констатираше недостатоци од областа на безбедноста и здравјето при работа во ДПТУ Јагјемезлер ДООЕЛ Штип. Имено, при извршениот вонреден инспекциски надзор овластен државен инспектор за труд од областа на безбедност и здравје при работа констатирал дека работодавачот треба да направи ревизија на проценката на ризик, да изврши испитувања на хемиските, биолошките и физичките штетности, микроклимата и осветленоста, влажноста, испитаноста на прашина по параметар, влажност и струење на воздухот во летниот и зимскиот период во вршење на работниот процес, да изврши обука на 11 вработени лица и да обезбеди периодични систематски прегледи за 11 вработени. Со оглед на фактот дека работодавачот подолг временски период не постапи по задолжувањата на Државниот инспекторат за труд, Хелсиншкиот комитет побара продолжување на постапката по извршениот инспекциски надзор и побара инспекторатот, согласно законските овластувања, да поднесе барање за поведување прекршочна комисија. По поднесеното барање, Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Штип не извести дека е поведена прекршочна постапка согласно Законот за безбедност и здравје при работа.

Препорака: Го поздравуваме ваквото решение на Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Штип и проактивниот однос и залагањето на државниот инспектор кој постапуваше во конкретниот случај и ги охрабруваме текстилните работнички и работници да продолжат со пријавување повреди на нивните работнички права.

утврдени повреди на работнички права во текстилна конфекција во крива паланка

Државниот инспекторат на труд подрачна единица Крива Паланка, утврди неправилности и прекршувања на повеќе работнички права во ДПТУ ЛО-МА СХОЕС ДООЕЛ Крива Паланка. По поднесена иницијатива за вонреден инспекциски надзор од страна на Хелсиншкиот комитет, надлежен инспектор на труд изврши вонреден инспекциски надзор во именуваната конфекција и при истиот констатира дека работодавачот не води електронска евиденција за присуство на вработените, работодавачот нема исплатено регрес за годишен одмор на тројца вработени за 2016 година и утврдил неправилности и недостатоци во областа на безбедноста и здравјето при работа. За сите утврдени недостатоци Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Крива Паланка донел решенија со кои го задолжил работодавачот да ги отстрани констатираните недостатоци и неправилности. Работодавачот до сега има постапено по решението за отстранување на недостатоците и неправилностите во областа на безбедноста и здравјето при работа.

Препорака: Хелсиншкиот комитет ги поздравува ваквите решенија на Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Крива Паланка. Воедно го поздравуваме и постапувањето на работодавачот по едно од решенијата за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци и апелираме истиот да постапи и по останатите две решенија на Државниот инспекторат за труд. Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи овој случај и да мониторира дали работодавачот ќе постапи по сите решенија за отстранување на неправилностите и недостатоците.

утврдени повреда на работнички права во текстилна конфекција во македонска каменица

По поднесена иницијатива за вонреден инспекциски надзор од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Државниот инспекторат за труд - подрачна единица утврди повреда на работничките права во конфекција во Македонска Каменица во ДПТУ Текстил М ДОО. По извршениот инспекциски надзор и земените изјави од вработените, државниот инспектор на труд со решение утврдил повреда на одредбите од Законот за работни односи во начинот на исплата на плата од страна на работодавачот и му дал рок за отстранување на констатираните повреди.

Препорака: Хелсиншкиот комитет го поздравува ваквото решение на Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Делчево и известува дека и понатаму ќе го следи овој случај, односно ќе мониторира дали работодавачот во дадениот рок постапил по решението на инспекторатот.

пријавени повреди на работнички права во чевларска фабрика во куманово

До Хелсиншкиот комитет пристига пријава за повреда на работничките права во чевларска фабрика во Куманово. Според кажувањата на вработените работодавачот не им издавал месечни писмени пресметки за плати, па тие не се во можност да ја видат месечната пресметка на својата плата ниту плаќањето на придонесите. Согласно Законот за работни односи работодавачот е должен да им издаде на работниците при секое исплаќање на платата како и до 31 јануари на новата календарска година писмена пресметка на платата, придонесите на платата и надоместоците на платата за платниот период, односно за изминатата година од кои, исто така, се гледаат пресметката и плаќањето на даноците и придонесите.

Хелсиншкиот комитет за овој случај поднесе барање за вонреден инспекциски надзор во кое побара Државниот инспекторат за труд да испита дали работодавачот во споменатата фабрика врши месечни пресметки на плати, им издава месечни пресметки на плата на вработените, им издава годишни пресметки на плати на вработените.

Препорака: Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го мониторира овој случај и да следи какво решение ќе донесе Државниот инспекторат на труд и дали работодавачот ќе постапи по истото.

чевларска фабрика во штип не исплаќала регрес на годишен одмор и додатоци на плата

Државниот инспекторат на труд, подрачна единица Штип утврди неправилности и прекршувања на работнички права во Друштвото за производство на чевли Баргала АД Штип. По поднесена иницијатива за вонреден инспекциски надзор од страна на Хелсиншкиот комитет, надлежен инспектор на труд изврши вонреден инспекциски надзор и при истиот констатира дека работодавачот нема исплатено регрес за годишен одмор за 2016 година на своите вработени, часовите за прекувремена работа ги наведувал и пресметувал под ставка награди и казни во пресметковниот лист со што постапил спротивно на Законот за работни односи и утврдил недостатоци во областа на здравјето и безбедност при работа. За сите утврдени недостатоци Државниот инспекторат на труд, подрачна единица Штип донел решенија со кои го задолжил работодавачот да ги отстрани констатираните недостатоци и неправилности.

Препорака: Апелираме работодавачот да постапи по решенијата на Државниот инспектор на труд. Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи овој случај и да мониторира дали работодавачот ќе постапи по сите решенија за отстранување на неправилностите и недостатоците.

ПОЛИЦИЈА

НЕПОСТАПУВАЊЕ НА ПОЛИЦИЈАТА ПО ПРИЈАВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Во текот на месец ноември, до Хелсинсишки комитет стигнаа повеќе претставки од жртви на семејно насилство, кои во последнава година се обратиле до полициски станици за да пријават семејно насилство. Од податоците со кој располага Хелсиншкиот комитет, полициските службеници не постапиле и не ги заштитиле жртвите, туку разговорот се одвивал во насока жртвите да се откажат од барањата и да се смират со насилникот. Со оглед на тоа дека Министерството за внатрешни работи е едно од клучните министерства кое има широк мандат во насока на постапување по пријава за извршено семејно насилство, заштита на жртвата на семејно насилство, сузбивање и попречување на насилството, откривање на сторителот и покренување на постапка против истите, како и превентивни активности. Ваквиот однос и непостапување од страна на полициските службеници претставува повреда на одредбите од Закон за полиција, Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, Кодексот за полициска етика, како и Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.

Имено, согласно Законот за полиција полициските службеници се должни да постапуваат за заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречувања на вршење на вршење на кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на сторителите како и преземање на други со закон определени мерки, за генење на сторителите на тие дела.

Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права укажува дека Законот ги обврзува полициските службеници за укажување помош и заштита на граѓаните во случај на неопходна потреба.

притисоци врз жртви на полициска пруталност

Хелсиншкиот комитет за човекови права во месечниот извештај за месец октомври[2] го објави предметот за жртвите на полициска бруталност од страна на полициски службеници, кои со употреба на прекумерна сила ги приведоа од нивниот дом. Како докази за ваквиот настан странките приложија медицинска документација и фотографии каде што видно се гледаат тешките последици од здобиените повреди.

Откако беше објавен овој случај во месечниот извештај, бевме известени дека Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР постапила по пријавата на странките и обавила разговор со полициските службеници, а по извршените проверки до надлежното јавно обвинителство доставиле известување во прилог со записникот од претставката, медицинската документација, фотографиите како докази за покренување кривична постапка против полициските службеници.

По постапувањето на Секторот за внатрешна контрола, против странките е поведена прекршочна постапка од страна на истите полициски службеници за наводно одбивање да се легитимираат со лични карти.

Покренувањето на прекршочна постапка од страна на полициските службеници е притисок врз странките кои го пријавија нивното непрофесионално, незаконито и неетичко работење до Секторот за внатрешна контрола при МВР. Ова не е прв случај каде што против лицата жртви на полициска бруталност, кои се охрабриле да ја пријават злоупотребата на овластувањата на полициските службеници, да биде покрената прекршочна или кривична постапка со цел нивно обесхрабрување и заплашување во натамошното водење на постапките против Полицијата.

Препорака: Хелсиншкиот комитет и понатаму ќе обезбедува правна помош и поддршка за лицата жртви на полициска бруталност и апелира до Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите неопходни мерки за сузбивање на воспоставената пракса на заплашување на лицата кои се охрабриле да побараат заштита на своите права при непрофесионално, незаконито и неетичко работење на полициските службеници.

ЗАКОНОДАВСТВО

владата го усвои предлог законот за амнестија

Во текот на 40-тата седница Владата го разгледа и усвои предлог-Законот за амнестија, со што се отвори патот за негово натамошно разгледување низ вообичаените судски процедури.

Во предлог-законскиот текст се укажува на значењето на правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела со цел против нив да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Воедно, се истакнува дека целта на донесувањето на овој закон се состои како во ресоцијализацијата на сторителите со цел во иднина истите да не се јавуваат како сторители на кривични дела, за што се врзува и најавениот почеток на примена на пробацијата, така и во превенирање на негативните состојби и спречување на криминалната инфекција кои би произлегле од пренатрупаноста и лошите и нехумани услови во казнено-поправните установи на начин на кој се тие оценети од меѓународните организации, и во финансиско растеретување на Буџетот на Република Македонија, во однос на издржувањето на затворската популација.

Со овој кус закон се дефинираат категориите на лица кои ќе бидат ослободени од издржување на казната затвор, при што се прецизира дека осудените лица на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, потполно се ослободуваат од издржувањето на казната, oсудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда, додека осудените лица на кои со правосилна пресуда им е изречена единствена казна затвор, се ослободуваат од издржување на единствената казна затвор за 30% во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија. Во предлогот се прецизира и дека доколку во единствената казна затвор е утврдена казна затвор за кривично дело кое не подлежи на амнестија, осудениот ќе се ослободи од издржување на казната за 30% само во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестијата. Членот 3 јасно посочува дека амнестијата не се однесува на лицата осудени на казна доживотен затвор и ги наведува делата кои ќе бидат изземени од процесот, како кривичното дело Убиство (член 123 од Кривичниот законик); делата против изборите и гласањето (член 158-165-в од КЗ), делата против половата слобода и половиот морал ( член 186, 187, 188, 189, 191, 193, 193-а, 193-б и 194 од КЗ); делата против државата (член 305-327 од КЗ); делата против јавниот ред (член 394-а-394-г, од КЗ); како и делата против човечноста и меѓународното право (член 403-418-а и од 418-в до 422 од КЗ).

Истовремено, се предвидува дека постапката за примена на овој закон за осудените лица кои се наоѓаат на издржување казната затвор се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа, а за оние лица кои не отпочнале со издржување на казната затвор – ја иницира судот што ја донел првостепената пресуда по службена должност, по барање на јавен обвинител или по барање на осуденото лице. Предвидено е и соодветно право на жалба против решението за амнестија во рок од 24 часа од приемот на решението, која можат да ја поднесат осуденото лице и лицето кое во корист на осуденото лице може да изјави жалба.

Според проценките, со законот од издржување на казна затвор ќе бидат ослободени 670 лица правосилно осудени на казна затвор до 6 месеци, а на 3097 лица казната ќе им биде намалена за 30%.

Препораки:Хелсиншкиот комитет за човекови права беше вклучен во изготвувањето на овој законски проект, при што истиот имаше можност да учествува и на јавната расправа која по тој повод беше организирана и реализирана во почетокот на месецот. Тој начелно се согласува со потребата од донесување на ваков закон, но упатува на неопходноста да се направи соодветна анализа и да се покаже на кој начин со ваквите законски решенија би се придонело кон јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција и социјална реадаптација на осудените лица, што е наведено од страна на предлагачот на законот. Истовремено, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира на итно преземање на неодложни мерки во насока на санирање на најалармантните состојби во казнено-поправните установи во земјата во пресрет на претстојната зимска сезона, но и на разработување и спроведување на подолгорочен концепт на модернизација на пенитенцијарниот систем преку обезбедување на похумани услови за престој на осудените лица, и усогласување со барањата за отстранување на бројните недостатоци како во поглед на просторните, санитарно-хигиенските и други услови кои треба да гарантираат извесни стандарди, вклучително и во поглед на едукацијата и работната ангажираност и пристапот на осудениците до адекватна здравствена заштита, така и во поглед на кадровското јакнење на службите и затворските управи и справување со ендемската корупција, на што укажува и Извештајот на Комитетот за превенција на тортурата при Советот на Европа објавен на 12 октомври 2017 година.


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo