Corner Reports

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - ноември, 2017 година 28 December 2017

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување и нерегуларната миграција, за периодот 01.11.2017 – 30.10.2017 година, може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Во текот на овој месец, бројот на бегалци кои престојуваат во кампот не надмина 20. Забележани се поголеми раздвижувања, но на крајот на месецот во кампот престојуваат 10 бегалци. Бегалците кои транзитираат се задржуваат кратко, односно само доколку имаат потреба од одмор, медицинска и хуманитарна помош. Освен зголемениот број на групи и индивидуалци кои транзитираат, не се забележани поголеми неправилности и прекршувања на нивните права. На сите бегалци им се обезбедува медицинска и хуманитарна помош.

Просторни капацитети и услови

За сите бегалци во кампот е обезбедена топла облека и обувки од страна на организацијата Легис, која организира и креативни работилници за децата во кампот.

Бегалците најчесто купуваат храна од градот, бидејќи не се задоволни од храната што им се дава.

Во кампот е достапен гинеколошки преглед за жените, со мобилна амбуланта.

На поголем број полициски службеници им е одржана обука за користење на видео камери од страна на ИОМ. Од меѓународните патролни единици, забележани се полициски службеници од Република Чешка, Словачка и Австрија.

Посета во кампот оствари и делегација на ИОМ.

Хигиената во кампот е на задоволително ниво.

Институционално постапување

Во текот на месецот, во кампот се донесени вкупно 125 бегалци кои се задржале релативно кратко време, се привремено сместени и/или вратени кон грчка страна. Од нив, во помали групи од двајца или тројца луѓе, вкупно 26 бегалци се донесени во кампот за кратко време, при што откако се регистрирани и испрашани од безбедносните служби и им е обезбедена хуманитарна и медицинска помош, веднаш се пренесени на грчка страна. Во останатите случаи станува збор за побројни групи, кои се во ранлива позиција поради влошена здравствена состојба или други околности (затекнати како жртви на криумчари). Тие најчесто доаѓаат од Пакистан, Иран, Бангладеш, Алжир, Либија, Тунис и Сирија. Во продолжение ги издвојуваме специфичните случаи.

Рано изутрината на 02.11.2017 година, во кампот се донесени 13 бегалци, меѓу кои 8 со потекло од Ирак, четворица со потекло од Пакистан и еден со потекло од Сирија. После целодневно испрашување од страна на безбедносните служби, четворица Пакистанци се пренесени кон Грција, додека сите останати од групата се задржани во кампот поради тешка здравствена состојба. На сите им е укажана медицинска помош, додека храна и топла облека им е обезбедена од страна на Црвен крст и Легис. Наредниот ден, донесени се 3 жени и едно девојче со потекло од Иран, на кои им е дозволено да преноќат во кампот. Наредниот ден се веднаш пренесени кон Грција, по нивно барање.

На 05.11.2017 година, во кампот е донесено петчлено семејство со курдско потекло од Ирак. Мајка, татко и 3 ќерки кои се сместени во кампот поради лоша здравствена состојба на децата. Семејството било затекнато од страна на полицијата во близина на Радовиш, откако криумчарот ги оставил бидејќи биле пресретнати од страна на полицијата, а тој се дал во бегство. Обезбеден им е посебен контејнер и хуманитарна и медицинска помош.

На 10.11.2017 година, во кампот се донесени 13 бегалци откако мешаните патролни тимови на полициски службеници од Македонија и Хрватска, забележале сомнително возило кое се обиделе да го сопрат во близина на с. Удово. Возилото не застанало, туку возачот го напуштил додека се движело и се преместил во друго возило. Во напуштеното возило се затекнати 10 бегалци, а уште 3ца се пронајдени во непосредна близина. По безбедносните проверки и укажаната помош, веднаш се пренесени кон Грција.

На 13.11.2017 година, во кампот се донесени 3 албански државјани кои биле фатени при илегален премин на границата. Спроведени се до полициска станица во Гевгелија за понатамошно постапување. На 16.11.2017 година, во кампот се донесени две групи. Изутрината се донесени тројца бегалци со потекло од Алжир и Либија. Едниот од нив е малолетник на 16 години. Не е познато каде се затекнати, а претпоставката е дека по испрашувањето и укажаната хуманитарна помош сите се вратени на грчка страна. Подоцна во текот на денот, донесени се уште тројца мажи и едно дете, меѓу кои тројца со потекло од Сирија (татко и син и уште едно лице), и еден со потекло од Пакистан. На сите им е обезбедена храна и топла облека. Таткото и синот со потекло од Сирија, изразиле желба да останат во кампот, што веднаш им било одобрено од страна на институциите, додека останатите се вратени во Грција.

На 18.11.2017 година, во кампот се донесени 9 бегалци со потекло од Пакистан (9), Индија (2) и еден од Авганистан, кои биле затекнати од страна на полицијата на патот помеѓу Удово и Демир Капија. Според нивните кажувања, биле измамени од страна на криумчар кој ги оставил на непознато место па биле принудени да поминат неколку дена на отворено, во шума и во лоши временски услови. Во кампот им се обезбедени медицинска помош, храна, вода и топла облека, а остварен е и разговор со безбедносните служби. Истиот ден се пренесени кон Грција. Наредниот ден, 7 лица од кампот односно 5 члено семејство од Ирак и татко и син со потекло од Сирија, на свое барање се пренесени кон Грција.

На 24.11.2017 година во текот на ноќта, во кампот се донесени 6 бегалци со потекло од Ирак, фатени од полицијата во близина на Дојран, меѓу кои две малолетни деца, бремена жена и маж со повреда на ногата. Сите се задржани и сместени во кампот и им е укажана медицинска и хуманитарна помош. Истиот ден, се донесени уште 4 бегалци со потекло од Иран кои по сопствена волја се вратиле од Србија и по неколку часовен одмор се пренесени кон Грција. Во текот на денот во кампот се донесени уште 7 бегалци од кои двајца од Сомалија и петмина од Иран. По остварени разговори со безбедносните служби и укажаната хуманитарна помош, двајцата бегалци од Сомалија се пренесени кон Грција, а петмината од Иран се сместени во кампот.

На 25.11.2017 година, во кампот се донесени 17 бегалци од кои четворица од Авганистан и 13 бегалци од Пакистан, сите машки лица, меѓу кои и 5 малолетници. Тие ја поминале македонско-грчката граница во близина на с. Моин, Гевгелија со помош на криумчар кој ги измамил и ги оставил на отворено поле. Потоа продолжиле да се движат сами, при што биле затекнати од страна на полицијата. Во кампот им е укажана медицинска и хуманитарна помош, а веднаш по регистрацијата од безбедносните служби се пренесени кон Грција. Проблематично е тоа што од местото каде што биле затекнати до кампот се донесени во едно полициско комбе.

Хелсиншкиот комитет го предупредува Министерството за внатрешни работи да обрати посебно внимание при превозот на поголеми групи на бегалци, бидејќи превeзувањето на поголеми групи во возило во кое нема соодветни услови и доволно простор, може да доведе до нечовечки и нехуман третман кон бегалците.

Истиот ден, во кампот се донесени четворица турски државјани кои полицијата ги фатила во близина на с. Смоквица. Според нивните кажувања, тие имаат курдско потекло но припаѓаат на помала етничка група. Тие се движеле пеш и сами (со помош на GPS), а според нив, емигрирале поради економски причини. На сите им е укажана хуманитарна и медицинска помош. Заедно со групата од 17 луѓе, сите се пренесени на грчка територија.

На 28.11.2017 година, пет бегалци со потекло од Иран кои во кампот беа сместени пред 2 дена, се пренесени на грчка страна. Со тоа бројот на бегалци кои престојуваат во кампот се намали на 10.

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Хигиената во кампот е на задоволително ниво. На бегалците им се обезбедени здравствени прегледи и терапија за тие кои имаат потреба. Исто така им се достапни рекреативни и едукативни работилници, меѓу кои креативно изразување, учење јазици и друштвени игри.

На сите новопристигнати бегалци во кампот им се обезбедува храна, вода и топла облека, како и контејнер доколку сакаат да бидат сместени.

Во кампот сè уште постои праксата на регистрирани и нерегистрирани бегалци.

Институционално постапување

На почеток на месецот во кампот се затекнати 7 бегалци со различно потекло. Бројот секојдневно варира, но ниту еден ден не надмина бројка од 20 бегалци. Најголем дел од бегалците кои што пристигнуваат во кампот се вратени од Србија, своеволно или од страна на полицијата, а меѓу земјите на потекло се среќаваат Пакистан, Алжир, Либија, Авганистан, Сирија, Иран, Индија, Чад и Бангладеш. Најчесто застануваат во кампот за краток одмор, по што веднаш го продолжуваат својот пат. Карактеристично е тоа што одреден број од бегалците, самите одбиваат да бидат сместени во кампот, туку единствено земаат храна и вода и веднаш си заминуваат. На крајот на месецот, бројот на бегалци во кампот се задржа на 12, од кои само 2ца регистрирани и 10 нерегистрирани. Меѓу нив, има само две жени со потекло од Иран, а останатите се мажи.

На 09 и 10.11.2017 година, во кампот беше присутен само еден бегалец, на 18 годишна возраст, со потекло од Чад. Во кампот се води како нерегистриран. По неколку дена, тој го напушти кампот, но за кратко време се врати, веројатно поради лошите временски услови.

Посета во кампот остварија претставници на Секторот за азил при МВР, кои им ја објаснија постапката за поднесување на барање за азил на бегалците кои изразуваат намера за тоа. Две лица со потекло од Пакистан се одлучија да поднесат барање за азил, а по неколку дена се префрлени во Прифатниот Центар за баратели на азил во Визбегово, Скопје.

На 19.11.2017 година, во кампот пристигнаа 4 бегалци двајца со потекло од Либија и двајца од Пакистан, кои своеволно се вратиле од Србија. Откако добија храна, двајцата Пакистанци веднаш го продолжија својот пат, по нивните кажувања кон Грција, додека двајцата бегалци од Либија се сместени во кампот. Според нив, нема да се задржат многу туку брзо ќе го напуштат.

На 21.11.2017 година, откако пристигнала поголема група на бегалци со потекло од Авганистан, во кампот се наоѓаат 22 бегалци. Од нив, 8 регистрирани со потекло од Авганистан, Либија и Ирак, и 13 со потекло од Авганистан и еден од Ирак, кои се нерегистрирани. Поголем број од нив побараа да бидат вратени кон Грција, но чекаа да се организира превоз за целата група. Наредниот ден, кампот го напуштиле 18 бегалци со организиран превоз, кои се пренесени кон грчка страна по своја волја. Истовремено, уште двајца бегалци го напуштиле кампот своеволно, во непозната насока. Со тоа, во кампот се останати 3ца бегалци, од кои двајца со потекло од Либија, кои го напуштија кампот во текот на наредниот ден, и еден новопристигнат бегалец со потекло од Иран.

На 23.11.2017 година, во кампот пристигнаа 5 бегалци со потекло од Иран, односно две семејства со потекло од Иран. Според нивните кажувања тие пристигнале во Македонија од Бугарија. Нивната желба е да бидат вратени кон Грција, но најверојатно ќе се чека поголема група за да се организира превоз.

При крајот на месецот, во кампот се присутни вкупно 12 бегалци, од кои 2ца се регистрирани, а 12 нерегистрирани, со потекло од Иран, Сирија, Либија и Авганистан. Меѓу нив има две жени, а сите останати се мажи.

Нерегуларна миграција

Во текот на овој месец, во билтените на Министерството за внатрешни работи регистрирани се 2 кривично-правни настани поврзани со бегалците и илегалната миграција. Првиот се случил на 10.11.2017 година, кога од страна на мешана полициска патрола на полициски службеници од Македонија и Хрватска на автопатот Скопје- Гевгелија во близина на с. Удово, забележале две сомнителни патнички возила. Откако возилата не застанале на дадениот сигнал, полициската патрола продолжила да ги следи со зголемена брзина. Во еден момент, возачот го напуштил едното возило во движење и се прекачил во другото возило, кое полицијата не успеала да го сопре. При претресот на сопреното возило, во него се пронајдени 10 бегалци и уште три бегалци во нивна непосредна близина. Сите се однесени во Прифатно-транзитниот центар Винојуг, Гевгелија од каде што се пренесени кон Грција.

Вториот настан е регистриран на 13.11.2017 година во близина на Неготино, кога полициски службеници се обиделе да сопрат возило со штипски регистарски таблици, кое на дадениот знак за сопирање, ја зголемил брзината на движење. По одредено време, возачот го сопрел возилото и избегал, а во возилото се пронајдени девет лица со потекло од Пакистан. По консултација со јавен обвинител, како што пренесува МВР, две од лицата се пренесени во Прифатниот центар за странци- Скопје, а останатите ќе бидат пренесени кон Грција.

Хелсиншкиот комитет предупредува дека бегалците кои се жртви на криумчарските групи, не смеат да бидат задржани како сведоци во кривичната постапка против криумчарите бидејќи тоа претставува прекршување на нивната слобода на движење. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-en Normal___________ang Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-en Normal_banner-program-en