Corner Извештаи

Месечен извештај (јуни 2009) 10 Јули 2009

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Лекција за непослушните студенти 

1.2. Етика во религиите или повторно воведување на веронауката само со пософистициран термин?  

1.3. Баба лаже, трап не лаже

1.4. Средното образование е задолжително, но дали е достапно за сите подеднакво

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Случај Шенол Мемиш

2.2. Случај Лилјана Димитрова Накова

2.3. Случај Злате Трајковски

2.4. Случај Сашо Костадиновски

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Кој е во право: Нотарска комора или Министерство за правда?

3.2. Имаме ли судска заштита – случај Жито Лукс 

3.3. Случај Јане Пиргановски 

----------------------------------------------------------------------------------------------------

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Лекција за непослушните студенти 

Република Македонија се смета за демократска држава во која се води сметка за обезбедување и заштита на човековите права и слободи. Па така со самото прифаќање на меѓународните документи од кои произлегуваат основните гаранции за човековите права и нивно уставно интегрирање, меѓу кои и слободата на здружување и изразување на јавен протест државата презела обврска не само да ги овозможува туку истите да ги заштитува и обезбедува. 

За жал, скорашните случувања со група студенти кои се обидоа да го искажат својот став на мирен протест како и се позачестените пресуди против новинари за објавени информации, наведуваат на заклучокот дека демократијата и заштитата на човековите права а особено на правото на говор и здружување во Македонија се само зборови на хартија. 

Хелсиншкиот Комитет претходно веќе укажа на спротивноста на  Законот за јавни собири според кој потребно е претходно најавување на јавен собир во МВР, и највисокиот правен акт Уставот кој во својот член 21 изречно обезбедува дека „граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола...." Сепак, иако во колизија со Уставот, студентите организатори на протестот почитувајќи ги барањата на Законот за јавни собири уредно го пријавиле собирот во полициска станица при Министерството за внатрешни работи.  

Оттука настапуваат должностите на чуварите на јавниот ред и мир, Министерството за внатрешни работи или полициските службеници кои со своето непосредно присуство и преземање на дејствијата го одржуваат јавниот ред и мир на подрачјето на кое истите ги вршат; го заштитуваат животот, личната сигурност и имотот на граѓаните[1]. 

Понатаму, Правилникот за вршење на полициски работи пропишува дека 

полицијата соработува со организаторот на јавниот собир заради непречено одржување на собирот и преземање на мерки за заштита на животот, личната сигурност и одржување на јавниот ред и мир[2].

И во овој случај имало соработка на организаторите со полицијата, чиј инспектор бил постојано во контакт со организаторите на јавниот собир и известуван за местоположбата на која се наоѓаат студентите при што  претставници на полицијата оствариле и средба со организаторите, на местото на одржување на собирот 10 минути пред неговиот почеток, кога веќе на плоштадот биле присутни и контра протестантите. 

Но, по започнување на протестот, а видно и од телевизиските снимки, припадниците на полицијата како да заборавиле на своите обврски за обезбедување на јавниот ред и мир и заштита на личната сигурност на учесниците, па истите дозволија да дојде до физички и вербален напад над организаторите на протестот.  

Да биде иронијата поголема, за протестот кој бил со променета локација поради доаѓањето на контра протестантите а со цел да се избегнат непријатности, и кој траел само неколку минути затоа што истиот бил прекинат од нападот на контра протестантите. Полицијата не само што не ги заштитила протестантите туку нејзин припадник нашол за потребно да побара од организаторите на протестот да ги повлечат лицата кои давале изјава за медиумите бидејќи тие провоцирале?!! Сепак, апсурдот продолжува па полицијата поднесува прекршочни пријави против организаторите зашто навремено не го прекинале протестот и против останатите учесници и тоа само оние кои утредента доброволно отишле во полициска станица да дадат изјава за тоа што се случило и да се пожалат за насилството врз нив.  

Непотребно е да се нагласува дека полицијата не само што не успеала да одговори на своите обврски за заштита на сигурноста на протестантите туку истата во обид да ја прикрие својата неуспешност бара виновници во организаторите. За жал, работата на полицијата во случајот не беше преиспитана ниту од Секторот за внатрешна контрола при МВР, а на Министерката поинтересни и беа политичките обвинувања.  

Хелсиншкиот Комитет е крајно загрижен од обидот од позиција на власт и сила со заплашување и казни да се влијае на задушување на слободата на изразување на мислење и правото на здружување и се надева дека судот ќе одговори на својата функција со правилна одлука. 

Комитетот потсетува дека полицијата е сервис на граѓаните во функција на нивната сигурност и безбедност  без разлика на политичката припадност, а не алатка за заплашување и казнување на оние кои поинаку размислуваат од власта. 

1.2. Етика во религиите или повторно  воведување на веронауката само со по  софистициран термин?  

На  18 Јуни 2009 година во дневните печатени медиуми од страна на Бирото за развој на образованието беше објавен конкурс за избор на надворешни соработници од факултетите и институтите за стручна работа на Бирото, поточно за изработка на наставна програма за изборниот предмет Етика во религиите за учениците од V одделение на основното училиште. Понатаму е наведено дека наставниот предмет опфаќа пет наставни теми: Етика во православното христијанско учење, Етика во исламот, Етика во католицизмот, Етика во јудаизмот и Етика во евангелско - методистичкото учење.

Како што што е веќе познато, Уставниот суд на Република Македонија на 15 Април 2009 година донесе Одлука со која се укина член 26 од Законот за основно образование, според кој беше предвидена можност во основното образование да се организира верско образование како изборен предмет.

Повеќе од јасно е дека ваквиот начин на постапување од страна на Министерството за образование и наука, во соработка со верските заедници, особено по изјавите дадени од нивна страна дека по ниедна цена не се откажуваат од веронауката, е доказ за упорноста на Владата, која сега претставува повеќе и од инает, што ја доведува во прашање вистинската цел која била поставена уште од самиот почеток за воведување на веронауката во основните училишта. Особено ако ја имаме во предвид и изјавата на Владиката Тимотеј дека новиот предмет треба да го предаваат теолози, а не филозофи, бидејќи тие создаваат кадри и запишуваат девојчиња, па оттука не можат и немаат каде истите да ги вработат. 

Очигледно ваквата вмешаност на верските заедници во политиката, ја изобличува целта и преминува во политика на Владата за вработување на теолозите, бидејќи и онака во нашата земја се соочуваме со голема невработеност, па добро е од некаде да се започне.

И повторно, од ненаучена лекција, произлегуваат поголем број проблеми: зошто веронауката повторно се воведува на мала врата затскриено од очите на пошироката јавност – за време на летните одмори; како може да се очекува успех во имплементацијата кога се уште не се знае соодветниот кадар кој ќе треба да го предава овој предмет за неполни два месеца; уште позагрижувачки е што не се размислува на фактот дека тој кадар треба да има солидна педагошка подготовка и полагање предмети на некои други факултети токму за вршење на дејноста наставник; зошто се редуцира етиката само во религиозната сфера кога повеќе од јасно е дека етиката треба да ги опфати сите етички системи?

Сигурно не можеме да очекуваме исцрпни одговори и образложение од надлежните, особено по изјавата дека за одлуката не било задолжително да  се консултираат со некого, па зошто воопшто би изразиле волја да го сторат тоа.

Сепак, имајќи го во предвид претходното искуство и негативните последици од воведување, практикување, па потоа укинување на предметот Веронаука, Хелсиншкиот комитет се обрати со писмени дописи до Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, а со цел добивање одговор во врска со претходно сторените пропусти при воведувањето на веронауката, иако по изјавите во дневните печатени медиуми, се јавува сомнежот за негативен одговор на сите прашања. Тоа особено се однесува на проблемот дали е донесена соодветна Одлука за воведување нов изборен предмет во основното образование; дали е водено сметка на образложението од Одлуката на Уставниот суд за причините поради кои два пати досега се укинува веронауката во основните училишта; дали е изготвена анализа за утврдување на потребите за развој на наставните планови и програми во текот на школската година; дали се организирани стручни дискусии за потребите за изработка на наставни планови и програми за време на школската година, особено дали е изготвена стратегија  за организација и спроведување на наведениот предмет?

Хелсиншкиот Комитет повторно апелира Министерството за образование и наука наместо да води инает, да се зафати со сеопфатна, внимателна и подолготрајна  анализа на потребите за ваков вид реформи во основното образование, сето тоа во насока на подготовка и едукација на најмладата популација од образовниот систем за соочување со сите предизвици и промени на новото време, во согласност со нивната возраст, потреби и интереси.

1.3. Баба лаже, трап не лаже

Во текот на 2008 година Хелсиншкиот комитет во неколку наврати се допишуваше со Јавното обвинителство на Република Македонија од каде беа побарани подетални податоци во врска со постапката за враќање на т. н. Хашки предмети од страна на хашкиот Трибунал на Република Македонија. 

Чисто за потсетување на јавноста од наша страна беше побарано да бидеме известени дали Хашкиот трибунал донел наредба или одлука за враќање на предметите во Република Македонија, како и кога точно било извршено примопредавањето на предметите, a се со цел да се види дали во врска со овие случаи е исполнето словото на законот, во случајов за соработка со Хашкиот Трибунал.

Од страна на г. Шврговски[3] бевме известени за постоењето на јавната одлука бр. IT – 02 – 55MISC6 од 17 Јануари 2008 година на Меѓународниот трибунал за обвинување на лица одговорни за сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право сторени на територијата на поранешна Југославија од 1991 год., која одлука воедно ни беше доставена во фотокопија. Во добиениот одговор се наведува дека гореспоменатата одлука се однесува генерално за сите четири т.н. “Хашки преотстапени предмети“, кои се вратени во фаза во која се преотстапени. Понатаму во дописот сме известени дека за еден предмет бил оформен Обвинителен акт во правна сила, а за преостанатите три предмети кривичната постапка започнала со донесување на решенија за спроведување на истрага. Сепак од Одлуката не може до крај прецизно да се утврди во која фаза и со кој мандат случаите му се вратени на нашето правосудство. 

Затоа и инсистиравме на добивање на записниците за примопредавање на предметите, претпоставувајќи дека одговорите на отворените прашања ќе ги добиеме од таму.  На 10 Ноември 2008 година,  Хелсиншкиот комитет од Јавното обвинителство на Р.М. доби известување А. бр. 396/08 дека согласно потпишаниот Записник за примопредавање датумот за прием на вратените Хашки предмети ќе го добиеме подоцна, заради причини кои беа образложени при телефонскиот разговор со в.д. претседателот на Хелсиншкиот комитет. 

Понатамошните обиди да добиеме податоци за формалниот датум на примопредавањето на предметите од Хашкиот трибунал на Република Македонија Јавното обвинителство на РМ со допис А. бр. 378/08 од 19 Февруари 2009 година ги прекрати при што не упати да се обратиме до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации како надлежен орган за доставување на бараната информација каде предметите биле доставени од Хашкиот трибунал.  

Хелсиншкиот комитет на  25 Мај 2009 год. достави допис до директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации со барање да бидеме известени за датумот кога формално Република Македонија ги примила назад отстапените предмети од страна на Хашкиот трибунал. Од Дирекцијата на 1 Јуни 2009 година добиено е Известување бр. 0203 – 500/2 со кое не известуваат дека “Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации имаше законска обврска и презеде мерки и активности за заштита на класифицираната документација од судските предмети отстапени од Хашкиот трибунал на Република Македонија само во фаза на преносот на документацијата од Холандија до Република Македонија.“ Понатаму во дописот се наведува дека “моментот на формалното примопредавање на документацијата од Хашкиот трибунал на Република Македонија ниту било, ниту е во доменот на работата на Дирекцијата, поради што не сме во можност да Ви ги дадеме бараните податоци.“

Останувајќи куси во дел од бараните информации, Хелсиншкиот комитет повторно се обрати до Јавно обвинителство на РМ со барање да бидеме известени за датумот на прием на вратените Хашки предмети, согласно потпишаниот Записник за примопредавање, кое нешто всушност и ни беше ветено со дописот заведен под А. бр. 396/08 од 6 Ноември 2008 година. 

Но сагата не завршува тука. Со најновиот допис добиен од Јавното обвинителство на РМ[4] Хелсиншкиот Комитет е упатен за бараната информација да се обрати до Министерството за надворешни работи со образложение дека примопредавањето на предметите од Хашкиот трибунал во Хаг на Република Македонија е извршено во Амбасадата на РМ во Кралството Холандија, иако е сосема јасно дека амбасадата во случајов ја имала улогата на технички посредник.

Повеќе од јасно е дека Јавното обвинителство на Р.М, само или по напатствија од друг, не сака да се обнародат записниците од примопредавањето на овие случаи за сосема јасно и недвосмислено да се дојде до констатацијата дали се исполнети предусловите содржани во законот за соработка со Хашкиот Трибунал и стави точка на дневно политичката (зло)употреба на овие случаи.

Хелсиншкиот Комитет е зачуден од постапувањето на г. Шврговски и Јавното обвинителство на РМ кој на почетокот ни ги вети записниците за примопредавањето на Хашките предмети, но потоа ја префрлуваше одговорноста од институција во институција, играјќи со Комитетот криенка-миженка, очигледно придонесувајќи јавноста да биде скратена за релевантни информации од кои ќе се крене непотребната магла околу Хашките случаи. 

1.3. Средното образование е задолжително, но дали е достапно за сите подеднакво

Со законот за изменување и дополнување на Законот за средно образование (Сл.весник на РМ бр.49) од 18.04.2007 година, средното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови утврдени со Законот. Согласно со овој закон средното образование во јавните училишта е бесплатно. Но дали навистина е тоа така?

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати г-а Асија Дамевска од Скопје која не извести дека нејзината ќерка Н.Д. има физичка попреченост со дијагноза Fybrodysplasia osificans progressivа, односно најтежок облик на хронично заболување и сериозно нарушена здравствена состојба, меѓутоа е психички здрава и способна. 

Нејзината ќерка, во текот на школувањето поради немањето на соодветни услови за следење на наставата со нејзината состојба доживеела пад, чии последици ги чувствува и ден денес. 

По седум месечната безуспешна потрага по средно државно училиште кое нуди соодветни услови за образување на ученици со посебни потреби, странката ја запишала ќерка и во приватна гимназија во Скопје, која ги поседува потребните услови, меѓутоа плаќа висока партиципација.

Странката не извести дека се обратила до Министерството за образование, за помош и доделување средства за учениците со посебни образовни потреби меѓутоа одговорот бил негативен. 

Врз основа на барање на Хелсиншкиот Комитет за листа на средни училишта во кои може децата со определен хендикеп да следат редовна настава, од страна на Министерството за образование и наука бевме известени дека “Во град Скопје постојат неколку училишта во кои постојат соодветни пристапи за влез во училиштето за ученици со посебни потреби. Министерството согледувајќи ја ситуацијата ги подобри условите за пристап на учениците со посебни потреби со реновирање на постоечките или изградбата на нови пристапи за влез во училиштата“, со листа на 11 училишта каде се поставени пристапни рампи.

Меѓу овие училишта е и СУГС “Георги Димитров“ – Скопје, каде Асија Дамевска веќе се обидела да ја запише својата ќерка но добила негативен одговор со образложение дека: “...1.  Паралелките во II-ра година гимназиско образование се веќе пополнети, а наставата се одвива во училниците – кабинети на првиот кат.

2. Не постои можност Вашата ќерка и кога би ја примиле во училиштето, поради наведениот хендикеп да биде сместена во клас на приземје, бидејќи таму наставата се изведува за стручното образование...“

Лицата со посебни потреби често се исклучени од редовното образование. Бидејќи образованието е суштествено за вработување во многу сфери и е предуслов за економска независност, правото на образование е од посебно значење за лицата со посебни потреби. Законското предвидување на општото право на образование има мало значење ако дополнително не се преземат позитивни мерки за обезбедување на пристап до квалитетно основно, средно и високо образование за децата, младинците и возрасните со различни видови и степени на инвалидност.

Имајќи предвид дека не секое семејство може финансиски да си дозволи да го запише детето во приватно училиште, Хелсиншкиот Комитет потсетува дека правото на образование мора да биде подеднакво достапно за секое дете и очекува Владата и Министерството за образование и наука во најкус можен рок да ги прилагодат условите внатре во самите училишта со цел истите да бидат достапни за сите деца, а не само селективно во одредени средни училишта да постават пристап за влез за учениците со посебни потреби.

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Случај Шенол Мемиш

Во текот на 2005 година беше донесен Законот за извршување, со кој меѓу другото присилното извршување на судски одлуки кои гласат на исполнување на обврски премина во надлежност на самостојни извршители. Сето тоа во насока на зголемување на ефикасноста на судството, секако и на присилното извршување. Од друга страна, уште од самиот почеток на примена на законот сведоци сме на поголеми тешкотии во практичната имплементација на одредбите од истиот.

Македонскиот Хелсиншки комитет повеќе пати ја известуваше јавноста на ова тема но  за жал проблемите продолжуваат да се мултиплицираат.

Имено, лицето Шенол Мемиш во судска постапка, со правосилна одлука е огласен за виновен за кривично дело Клевета. Настрана од прашањето за вина на лицето, а особено со оглед на фактот што истиот има поднесено Барање за повторување на постапката врз основа на нови докази, постапката за извршување спрема Шенол Мемиш е водена спротивно на одредбите од Законот за извршување. 

Најнапред, од увид во документацијата се утврдува дека Извршителот на 19 Март 2009 година  донесол  Заклучок за известување на странката за попис, но од друга страна никаде не го наведува часот кога пописот ќе се врши, ниту пак има доказ дека Заклучокот бил доставен до должникот. На тоа наведува и фактот дека, наредниот ден, и покрај претходно дадениот предлог од страна на должникот наплатата да се изврши преку задршка на 1/3 од неговата плата, сепак на 20 Март 2009 година, со полициска придружба и двајца сведоци, Извршителот заедно со бравар ја променил бравата на влезната врата на станот со цел истиот да може да врши попис, бидејќи должникот сам не сакал да ја отвори вратата. При ваквиот начин на постапување, Извршителот не доставил на увид ниту писмена дозвола од Претседателот на Основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето, а која согласно законот е потребна за ваков вид извршни дејствија. Дотолку повеќе што, законот дозволува извршителот да отвори затворена просторија во присуство на полиција и двајца полнолетни сведоци, но не и стан, со што се доведува во прашање и неповредливоста на домот.

Понатаму, видливо од Записникот за попис и процена на подвижни предмети, Извршителот попишал предмети кои согласно член 84 од Законот за извршување се изземени од извршување, и тоа фрижидер, електричен шпорет, машина за перење, правосмукалка кои служат за задоволување на основните потреби за домаќинство. Уште повеќе, попишан бил и компјутер во сопственост на трето лице, кој во моментот се наоѓал на користење кај должникот, но не и во владеење. Неправилностите во делот на попишаните предмети се потврдени и од страна на Претседателот на Основниот суд Битола кој одлучувал по поднесениот приговор против Записникот за попис и процена на подвижни предмети.

Врз основа на сторените повреди на одредбите од Законот за извршување[5], лицето Шенил Мемиш се обратил до Министерството за правда, како и до Комората на извршители, со цел утврдување на дисциплинска одговорност на извршителот[6]. За да биде апсурдот поголем, Министерството за правда, наместо да ја искористи можноста за вршење редовен и/или вонреден надзор врз работата на извршителите и Комората на извршители, само го известува должникот дека предметот е внимателно разгледан и притоа препратен на разгледување и одлучување на Комората на извршители. Во рамки на Комората на извршители, пак, согласно уредената дисциплинска постапка, побарано е извршителот да се произнесе по пријавата, кое произнесување е добиено на ден 21 Април 2009 година. Од тогаш се јавува нова пречка, а имено, Комората го известува должникот дека поради тоа што мандатот на членовите на Дисциплинската комисија истекол на ден 14 Април 2009 година, а избор на нови членови ќе се вршел дури на 11 Јуни 2009 година, пријавата ќе се разгледувала по завршување на овој процес.

До моментот на пишување на овој текст, се уште ништо не е преземено за утврдување на дисциплинска одговорност на извршителот.

Се поставува прашањето како е можно дури два месеца по истекот на мандат на членови на орган на Комората истата да врши избор на нови членови, функционирајќи во меѓувреме без својот орган – Дисциплинската комисија, создавајќи вакуум во постапувањето, сето тоа на штета не само на должниците, туку и на доверителите. Следствено на тоа, Хелсиншкиот комитет прашува  дали оваа дисциплинска постапка може да се смета за итна, имајќи во предвид дека Статутот на Комората одредил дека истата треба да биде ИТНА. Или можеби и во овој домен не можеме да очекуваме објективен пристап на самите извршители во случај на потреба за утврдување одговорност за своите колеги?  

2.2. Случај Лилјана Димитрова Накова

Г-ѓа Лилјана Димитрова Накова од Кочани не извести дека на 26 Октомври 2006 година има поднесено барање за донесување на решение за признавање на пензиски стаж за периодот од 1 Мај 1994 година до 17 Октомври 1997 година. Барањето било поднесено до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Подрачна единица Кочани и истото било заведено под бр. 19 - 748/1.

Во законски предвидениот рок од 30 дена г-ѓа Димитрова – Накова нема добиено Решение од страна на надлежниот првостепен орган, па согласно законските одредби во рок од 15 дена била вложена жалба[7] до второстепениот орган. Комисија за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување, како второстепен орган го нема почитувано предвидениот рок од 60 дена согласно ЗОУП и нема донесено Решение, па странката во рок од 7 дена поднела и ургенција[8] до второстепениот орган заради потсетување дека не било донесено решение од нивна страна.

И ургенцијата не вродила плод, па на  17 Февруари 2007 год. г-ѓа Димитрова – Накова има поведено Тужба заради молчење на администрацијата до Врховниот суд на РМ. Одлучувајќи по вложената тужба, Управниот суд на РМ[9] на седница на советот одржана на  3 јули 2008 година. донел Пресуда У. бр. 2725/2007 со која вложената тужба се уважува, при што се задолжува Владата на Република Македонија - Комисија за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување да донесе решение по повод вложената жалбата од страна на г-ѓа Димитрова – Накова од Кочани. 

Откако Хелсиншкиот Комитет увиде дека во конкретниот случај постои повреда и непочитување на предвидените законски одредби од Законот за општа управна постапка на неколку наврати[10] се обрати до II владина комисија со барање да бидеме известени дали е постапено по задолжението на Пресуда У. бр. 2725/2007 од 3 Јули 2008 год. донесена од Управниот суд на РМ, која пресуда впрочем е задолжителна за второстепениот орган,  притоа наведувајќи ги предвид законски определените рокови и членовите 221, 246 и 247[11] од Законот за општа управна постапка. 

Во меѓувреме г-ѓа Димитрова – Накова не извести дека второстепениот орган повторно не донел решение во законски предвидените рокови, иако бил задолжен со пресудата на Управниот суд на РМ, по што г-ѓа Димитрова – Накова согласно член 53 став 1[12] од Законот за управни спорови поднела посебен поднесок со барање да се донесе Решение кое ќе го замени актот на тужениот орган, односно второстепениот орган. Постапувајќи по поднесеното барање Управниот суд на РМ на седница одржана на ден 4 Март 2009 год. донел Решение УИ. бр. 34/2008 со кое барањето било уважено, решението на ФПИО на РМ – Подрачна единица во Кочани, (без број и дата) – за молчење на администрацијата е поништено и предметот вратен во повторно разгледување и одлучување. 

Од страна на г-ѓа Димитрова – Накова воедно бевме известени дека II владина комисија на ден 20 Мај 2009 година,  донел Решение со кое вложеното барање за утврдување податоци за стаж и плати во матичната евиденција за определениот период е одбиено како неосновано.

На  10 Јули 2009 година второстепената владина комисија не извести дека барањето на г-ѓа Димитрова Накова е одбиено како неосновано, при што признаваат дека решението е донесено по истекот на законските рокови поради пропусти во постапката на комплетирање на барањето и на обезбедувањето на списите на предметот по заведениот управен спор. 

Хелсиншкиот Комитет сака да укаже дека г-ѓа Димитрова - Накова не е единствената жртва на непочитување на законските одредби во управната постапка од страна на службените лица, напротив Комитет регистрираше повеќе такви случаи кои во следните месечни извештаи попродлабочено ќе ги изнесе на јавноста. 

Преку истите се регистрира повредата на човековото достоинство преку долгото чекање пред административните врати на државните институции, кои очигледно се неажурни. Заради навестувањето дека во конкретната постапка се направени пропусти од страна на првостепениот орган ја повикуваме државната управна инспекција да согласно член 2, 9 и 11 од Законот за управна инспекција изврши надзор и увид за примената на законските одредби за управната постапка и во зависност од констатираното поднесе кривични пријави, барања за поведување на прекршочна постапка или иницијатива за покренување на дисциплинска постапка против службените лица или вработените.

2.3. Случај Злате Трајковски, Скопје 

До Хелсиншкиот Комитет со писмен поднесок се обрати г. Борис Трајковски од Скопје и истиот не извести за случајот на неговиот син Злате Трајковски (во понатамошниот текст Злате). Имено, г. Трајковски не извести дека на ден 23.03.2009 год. од пред зградата на Основен суд Скопје 1 – Скопје Злате бил приведен од страна на полициски службеници без судски налог и потоа однесен во непознат правец. По одреден временски период Злате бил однесен во КПУ “Идризово“ – Скопје, а по 23 дена бил префрлен во психијатриската болница во Демир Хисар со образложение дека треба да ја одлежи судски определената казна во кривична постапка заведена под К. бр. 57/00. Со истата пресуда на тогаш обвинетиот Злате Трајковски му било одредена мерка на безбедност “Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа“ во траење од 1 година. Истата мерка г. Трајковски ја има одлежано, за кое нешто има и отпусно писмо издадено од Психијатриската болница во Демир Хисар. 

Од доставената документација Хелсиншкиот комитет можеше да увиди дека против Злате била водена и друга кривична постапка при Основен суд Скопје 1 – Скопје заведена под К. бр. 490/05. Со пресуда на Основен суд Скопје 1 – Скопје обвинетиот Трајковски бил прогласен за виновен и осуден на една година казна затвор, при што му било изречено и алтернативна мерка – УСЛОВНА ОСУДА со која така утврдената казна затвор нема да се изврши доколку истиот во рок од три години не стори ново кривично дело. Апелациониот суд во Скопје по вложена жалба од страна на ОЈО – Скопје донел Пресуда КЖ. бр. 1863/07 со која првостепената пресуда ја преиначил во делот на одлуката за кривична санкција и обвинетиот го осудил на казна затвор во траење од една (1) година. Со истата пресуда на Апелациониот суд Скопје обвинетиот е осуден на ефективна казна затвор во траење од една година, но не му е изречена мерка безбедност – задолжително лекување во институција или друга мерка на безбедност. 

Откако таткото Борис Трајковски дознал дека неговиот син бил упатен во Затворот “Идризово“, од страна на шалтерските работници од кривичниот суд му било кажано дека неговиот син е упатен на издржување на казна затвор во траење од една година согласно пресудата К. бр. 57/00 – која веќе истиот ја одлежал. 

Тргнувајќи од фактот дека Злате бил приведен од полициски службеници и однесен во Идризово а потоа префрлен во Демир Хисар, Хелсиншкиот комитет на ден 29.04.2009 год. упати писмен допис до Психијатриската болница Демир Хисар и КПУ “Идризово“ – Скопје со барање да бидеме известени врз основа на каков акт – правосилна судска одлука го имаат примено Злате во институцијата и што всушност одлежува Злате, која казна и врз основа на која пресуда како и врз основа на што е препратен во болницата во Демир Хисар. 

Истиот ден Хелсиншкиот Комитет упати допис до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР со кој го извести дека при Основниот суд Скопје 1 – Скопје се води кривична постапка против двајца полициски службеници вработени во МВР гонети за кривично дело “Тешка телесна повреда“ согласно член 131 од КЗ. 

Според наводите на г-дата Трајковски при секоја закажана судска расправа полициските службеници оштетените ги навредувале, заканувале и заплашувале се со цел да се откажат од кривичното гонење.  

Хелсиншкиот Комитет побара да биде известен дали Секторот е запознаен со наводите на странката, дали ќе извршат проверка за точноста на наводите, како и кои мерки и дејствија ќе бидат преземени согласно нивните законски ингеренции. 

На ден 13.05.2009 год. добиен е одговор од КПУ “Идризово“ – Скопје со кој не известуваат дека во тој момент Злате не се наоѓа во затворот, но дека истиот на ден 23.03.2009 год. бил приведен од страна на припадници на полицијата за издржување на казна затвор во траење од 1 година по правосилна пресуда К.бр.490/05 од 28.03.2007 год. Но, на 10.04.2009 год. судијата за извршување на санкции од кривичниот суд до установата доставил известување и пресуда К.бр.57/00 за извршување на мерката безбедност - “Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа“, така што на ден 13.04.2009 год. осуденикот Злате е упатен во болницата во Демир Хисар. 

Истиот ден добиен е одговор од болницата во Демир Хисар при што сме известени дека Злате во болницата е примен на ден 13.04.2009 год. откако бил спроведен од службени лица при КПУ “Идризово“ – Скопје со упатен акт УЗЛ. р. 3/9 од 31.03.2009 год. за кривичната постапка К. бр. 57/00. 

На 02.06.2009 година добиен е одговор од страна на Секторот со кој не известуваат дека горенаведената дата полициски службеници постапувајќи по упатен акт КП бр. 229/07 (НОВ УПАТЕН АКТ) од кривичниот суд во Скопје од 22.01.2009 год. лицето Злате Трајковски го привеле во ПС Гази Баба, а потоа го спровеле во КПУ “Идризово“.  Останувајќи зачудени со добиените одговори и со необјаснетиот факт што всушност се случило на ден 23.03.2009 година и очигледното поигрување со ограничувањето на слободата и правото на движење на Злате, Хелсиншкиот Комитет со обрати до Претседателот на Основен суд Скопје 1 – Скопје и надлежниот судија за извршување при истиот суд. 

Со дописот е објаснета настанатата ситуација и е побарано да бидеме известени врз основа на каков акт – правосилна судска одлука Злате бил приведен и упатен на издржување на казна затвор во КПУ “Идризово“ – Скопје како и за причините поради кои Злате бил приведен и упатен на издржување на казна затвор од една година со мерка безбедност задолжително лекување и чување во здравствена установа, при тоа имајќи предвид дека пресудената мерка веќе еднаш Злате ја има одлежано, за кое нешто има и потврда издадена од страна на Психијатриската болница во Демир Хисар. 

Претседателот на суд Основен суд Скопје 1 – Скопје не извести дека по добивањето на упатен акт за издржување на казна затвор во траење од една година, Злате поднел молба за одлагање на почетокот на извршувањето на казната, кое било одбиено како неосновано, а истото по вложените правни лекови станало и правосилно. Решението на Злате му било предадено на ден 23.03.2009 година (НАЈВЕРОЈАТНО КОГА И БИЛ ПРИВЕДЕН ОД СТРАНА НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА ПОЛИЦИЈАТА – Н.З.), кога и бил спроведен во КПИ “Идризово“, а за истото судот бил известен на ден 26.03.2009 година. Надлежниот судија телефонски разговарал со надлежните од КПУ “Идризово“ кога и му било потврдено дека Злате ја издржува казната затвор. 

Понатаму судот ја потврдува фактичката состојба која г-дата Трајковски ја изнесоа пред Хелсиншкиот Комитет, односно дека бил оформен предмет УЗЛ. Бр. 3/09 по повод правосилната пресуда К. бр. 57/00 (а изречената казна веќе Злате ја има издржано), а кога судот бил известен дека Злате по некоја магична среќа се наоѓа во КПУ “Идризово“, доставил упатен акт до болницата, затворот и осуденикот за извршување на мерката безбедност. Е тогаш реагирале родителите на странката по што судот бил известен дека Злате веќе ја издржал изречената мерка и откако извршил увид во потребните предмети испратил известување до болницата да го вратат назад во затворот се со цел спроведување на едногодишната изречена казна затвор. 

Меѓутоа, болницата го известила судот дека истите побарале од затворот да дојдат и да го преземат осуденикот бидејќи не располагаат со соодветно превозно средство и персонал, на што затворот одговорил дека и тие не се во можност да одат и да го преземат осудениот во нивната установа, така што останало судот да одлучи кога и како осуденикот Злате ќе биде вратен во затворот заради издржување на казната. 

Во еден дел претседателот на судот не известува за следното “Неспорно е дека од страна на судот бил издаден упатен акт за осудениот Злате Трајковски за извршување на казната затвор во траење од една година, но за судот останува нејасно зошто осудениот од страна на МВР СВР – ООК потраги бил спроведен во КПУ Идризово Скопје без да биде издадена наредба за негово спроведување, односно зошто лицето било спроведено само врз основа на издаден упатен акт.“

Мора да признаеме дека добиените одговори од судот и Секторот не соодветствуваат меѓу себе во делот на преземените мерки и дејствија па произлегува дека од една страна полицијата ги чита мислите на судот и пред да добијат упатни акти ги приведува лицата (барем тие што гонат свои колеги), а судот од друга страна е тотално некоординиран меѓу себе, па на осудениците може да им се активираат и стари изречени и издржани казни. Но сепак два пати е посигурна издржана казна затвор или мерка за безбедност. 

Хелсиншкиот Комитет очекува дека судот со втор допис ќе не извести дали Злате сега е на издржување на казната затвор иако спротивно од законските одредби истата ја издржува во болницата во Демир Хисар и дали на крајот истата ќе му се засметува дека ја одлежал или пак странката во скорешна иднина, по закажан главен претрес може да очекува да биде повторно приведен заради издржување на казна затвор. 

Хелсиншкиот Комитет ги повикува сите надлежни институции да се заинтересираат за случајот и прекршителите на законите соодветно да ги казнат. 

2.4. Случај Сашо Костадиновски, с. Тромеѓа – кумановско: Правосилна пресуда  против припадници на полицијата за малтретирање во вршење на службата

Случајот на Сашо Костадиновски од страна на Хелсиншкиот Комитет беше предмет на опсервација уште од 2003 год.[13], кога г. Костадиновски беше тепан и малтретиран од страна на припадници на полиција при Секторот за внатрешни работи – Куманово.  

Против вработените беше водена кривична постапка за кривично дело “Малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од КЗ, заведена под К. бр. 392/03 покрената од страна на Основно јавно обвинителство – Куманово, а водена во Основниот суд во Куманово. Судот на два наврати ги осудуваше обвинетите на казна затвор во траење од 6 месеци, а со примена на алтернативна мерка условна осуда истата нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело за временски период од 2 години. Апелациониот суд два пати предметот го вратил на повторно разгледување и одлучување. 

Во нов судски совет Основниот суд Куманово на ден 16.01.2009 година донел Пресуда К. бр. 392/03 со која обвинетите ги огласил за виновни, им утврдил казна затвор во траење од по 1 година која казна со примена на алтернативна мерка условна осуда нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело за временски период од 3 години. Со истата пресуда оштетениот за остварување на отштетно правно побарување е упатен на редовна граѓанска парница. 

Гореспоменатата пресуда е потврдена со Пресудата Кж. бр. 756/09 донесена на јавна седница одржана на ден 19.05.2009 год. од кога е и правосилна.

Хелсиншкиот Комитет ја поздравува донесената прва за нас осудителна пресуда против обвинетите (припадници на полицијата) за малтретирање во вршење на службата при што укажува дека макотрпното и долгото влечкање на г. Костадиновски по судските сали сепак на крајот се исплати. Очекуваме дека бројот на осудителни пресуди против обвинетите полицајци за малтретирање и нечовечко постапување во иднина ќе се зголеми.  

3.   ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Кој е во право: Нотарска комора или Министерство за правда?

До Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија се обрати странката Кристијан Глигоров од Скопје, а во врска со поднесената претставка до Нотарската Комора на Република Македонија за сторени неправилности од страна на нотарот Ј.Ѓ. од Берово.

Според наводите на странката, од страна на нотарот е издаден препис од генерално полномошно и солемнизираниот договор кој не е предмет на оставинска постапка на лицето Б.Т. од предмет во кој Г-нот Б.Т.  не е учесник, со што направил повреда на чл.30[14] и чл.77 став 1[15] од Законот за нотаријат и Законот за заштита на личните податоци.

Од страна на Дирекцијата за заштита на лични податоци донесено е Решение со кое се утврдува повреда на правото на заштита на личните податоци на Кристијан Глигоров и Ружа Глигорова, сторена од страна на Ј.Ѓ., нотар од Берово и Б.Т. од Скопје.

Министерството за правда, после поднесената претставка од страна на Кристијан и Ружа Глигорови извршило надзор над работењето на нотарот Ј.Ѓ. од Берово. По извршениот надзор од страна на Министерството за правда констатирани се неправилности во работењето на нотарот и странката е известена дека записникот за преземените активности е доставен до Дисциплинскиот совет на Нотарската комора на Република Македонија на понатамошно постапување и одлучување.

Од страна на Нотарската Комора на Република Македонија бевме известени дека со конечна одлука на Дисциплинскиот совет на  Нотарската Комора, Нотарот Ј.Ѓ. од Берово е ослободен од одговорност дека постапил спротивно на чл.77 став 1 од Законот за нотаријатот, кога на лицето Б.Т. од Скопје му издал препис на нотарски исправи.

Со оглед на тоа дека три различни органи, надлежни за разрешување на настанатиот проблем даваат дијаметрално спротивни мислења, Хелсиншкиот Комитет го повикува Министерот за правда, како надлежен за надзор над работењето на Нотарската Комора и на нотарите, да изврши контрола врз работата на Нотарската комора во однос на случајот на Г-нот Кристијан Глигоров.

3.2. Имаме ли судска заштита – случај Жито Лукс 

До Хелсиншкиот Комитет се обрати поголема група на граѓани претходно вработени во Жито Лукс АД Скопје, искажувајќи го своето незадоволство од судските одлуки. 

Имено, претпријатието Жито Лукс АД Скопје на 14.07.2006 год. донел Одлука за откажување на Договорот за вработување, односно престан на работниот однос на 113 работници, а поради економско, организациони и технолошки причини. 

Незадоволни од ваквата одлука која била комплетно спротивна на Спогодбата која синдикалната организација на вработените во претпријатието Жито Лукс ја имала склучено со работодавецот, странките повеле работен спор за поништување на одлуката за отказ.

Бидејќи се водат засебни постапки, некои од нив се веќе правосилно завршени, други се во постапка по жалба а за трети се чека мислењето на  Врховен суд по Ревизија. Интересно е што некои од предметите имаат позитивна а други негативна првостепена пресуда но пресудите на Апелациониот суд Скопје не се разликуваат и сите се негативни за странките, како и досегашните Одлуки на Врховниот суд. 

Во текот на постапката странките се повикуваат на Спогодбата склучена на 12.03.2004 год. помеѓу Жито Лукс АД Скопје и Основната синдикална организација при Жито Лукс, според која "Друштвото му гарантира на Синдикатот дека во наредните 4 години нема да ја намали бројката под 1200 вработени по основ на прогласување на работниците како технолошки вишок и нема да врши економски, технолошки и структурални промени кои ќе предизвикаат потреба од намалување на бројот на работниците." Притоа страните се согласиле дека се согласни барањата на социјалните партнери поради што се обврзуваат да нема прекин на работа или штрајк во друштвото.  

Но и покрај ваквата спогодба, по истекот на само две години од нејзиното склучување, работодавецот Жито Лукс АД Скопје прекршувајќи ја Спогодбата отпушта 113 работници токму по основ на технолошки вишок. 

Да биде апсурдот поголем, најголемиот дел од судските совети  одлучувајќи по тужбата на тужителите за поништување на одлуката за престан на работниот однос, воопшто не се ни осврнуваат на споменатата Спогодба и не споменувајќи ја, други  сметаат дека Спогодбата нема сила на колективен договор туку само дејство на облигационо –правен однос ?!, а трети пак констатираат дека Спогодбата има својство на колективен договор но не елаборираат понатаму. 

На пример, Апелациониот Суд Скопје во една од пресудите се изјаснил дека не може да се прифати дека спротивно на Спогодбата не може да се води постапка за технолошки вишок затоа што се работи за технолошки процес на производство и слични промени за да може работодавецот да опстане. А доколку работниците сметале дека по спогодбата се повредени некои нивни права тогаш можеле според Законот за облигациони односи да си бараат заштита, ама тоа немало да влијае на прогласувањето на технолошки вишок.

Во образложенијата на пресудите судиите наместо на Спогодбата се задржуваат на самиот процес на откажување на Договорот за вработување и констатираат дека е тој правилно изведен затоа што работодавецот им понудил на вработените продавници без плаќање на закупнина но тие тоа не го прифатиле. Повторно судиите го игнорираат фактот дека за одржување на таква продавница се потребни дополнителни финансиски средства кои можеби странките ги немале или дека многу од нив не работеле во секторот продажба туку во други сектори како финансии и администрација.  

По ваквото резонирање на судовите, логично се наметнува прашањето зошто би се склучувале вакви спогодби кои Законот за облигациони односи ги дозволува, не се спротивни на други прописи, служат за заштита на правата на работниците но и при нивно прекршување судовите воопшто не ги земаат во предвид туку се фокусираат на начинот на кој е изведено откажувањето на договорот за вработување. 

Во однос на разноликоста на пресудите, Комитетот е наполно свесен дека во Македонија  не се применува англосаксонскиот систем на прецедентно право, но сепак смета дека на исто подрачје, во исти судови при потполно исти факти и идентични законски норми, судовите би требало да имаат барем сличен став кон некоја правна работа како би се постигнала правна сигурност на граѓаните. 

Хелсиншкиот Комитет укажува на правото на граѓаните за достојно образложение на пресудите и соодветен третман на понудените докази, зашто во спротивно, исто како со овие случаи, одлуките на македонските судови ќе се разгледуваат пред Европскиот Суд за човекови права, а цената за нивната несериозност ќе ја плаќаат сите граѓани на државата. 

3.3. Случај Јане Пиргановски 

Од 2004 год. по пад од висок објект[16], Јане Пирганоски од Прилеп боледува од DG KOMA VIGLI. ST.POST. HYPOXIOCEREBRI, вид на кома во која пациентот е во свесна состојба.  

Неговите родители не известија дека по доставеното барање за одобрување лекување на нивниот син во странство, им било дадено Конзилијарно мислење од Конзилиумот на Клиниката за неврохирургија во Скопје од 13.12.2004 год. при што било препорачано лекувањето да се изврши во Клиниката “Интербалканика“ во Солун, Р. Грција. Врз основа на Конзилијарното мислење, било поднесено барање до Фондот за здравствено осигурување на Македонија за издавање соодветен акт за одобрено лекување во странство, но поради бројни пропусти во текот на постапката, лекувањето никогаш не беше спроведено.

Согласно член 30 од Законот за здравствено осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Република Македонија, а во земјата во која се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување.

Во текот на изминативе пет години во постојана потрага на начин да добијат одобрение за лекување на својот син во болница која има можности за третирање на ваков вид на кома, родителите на Јане поднеле голем број на барања до надлежните органи. 

Последното барање за лекување во странство во Tokuda – Р. Бугарија, било поднесено до Фондот за здравствено осигурување на Македонија – Скопје на 23. 11. 2008 год. 

Во прилог на барањето биле доставени Предлогот за упатување на лекување во странство од Конзилиумот од Клиниката за неврохирургија при Клиничкиот Центар – Скопје од 22. 12. 2008 година, во кој  е констатирано дека се направени испитувања во повеќе наврати на CT и MRI  на мозокот со наод со кој е констатирана атрофија на G.Aobalna на мозочни структури со проширување на subahnoidalnite простори и коморите за што било потребно да се направи PET scan за понатамошно одлучување за тераписки постапки. Конзилиумот на погоре наведената Клиника дал предлог за упатување на лекување во странство од причини што немало дијагностичка можност за утврдување на дијагноза во болнички услови односно немало можност за PET scan (positron emission tomography – PET). 

Мора да се потенцира дека првостепената лекарска комисија за оценка и мислење за потребата од упатување на лекување во странство, во рок од 20 дена донела две сосема спротивни мислења, и тоа: на 29.12. 2008 година дала мислење да се достави согласност за прием и профактура од  Tokuda – Hospital во Софија – Р. Бугарија, за да потоа истата комисија на ден 15.01.2009 година донесе нов записник со оценка и мислење каде вели дека не постои можност за медицинска оправданост за упатување на лекување во странство бидејќи предложеното лекување од страна на странската здравствена установа се врши на клиниката за неврохирургија во Скопје и со истото не се очекува подобрување на здравствената состојба нити излекување. 

Второстепената лекарска комисија на 22.01.2009 година за Јане Пирганоски дала мислење дека останува на мислењето од првостепената лекарска комисија, без да образложи на кое мислење и оценка од записникот останува дали од 15.01.2009 година или од 29.12.2008 година. Врз основа на ваквото мислење, Министерот за здравство донел Решение на 26.01.2009 год., со кое се одбива барањето за лекување во странство.

Управниот суд  на 18.06.2009 год. го поништи Решението донесено од страна на Министерот за здравство од 26.01.2009 год., со образложение дека од приложеното конзилијарно мислење од Клиниката за неврохирургија при Клиничкиот центар – Скопје од 22.12.2008 година, е констатирано дека по направените испитувања на мозокот е утврдена потреба пациентот да се упати на лекување во странство од причини што немало дијагностичка можност за утврдување на дијагноза во болнички услови односно немало можност за PET scan.

Според Судот, а и според Хелсиншкиот Комитет, не е јасно, како од една страна во конзилијарното мислење од 22.12.2008 година, е констатирано непостоење на можност за спроведување на потребниот метод на лечење на пациентот – осигуреникот во Република Македонија, а од друга страна во мислењето на првостепената лекарска комисија од 15.01.2009 година, е наведено дека не постои можност за медицинска оправданост за упатување на лекување во странство бидејќи предложеното лекување од страна на странската здравствена установа се врши на Клиниката за неврохирургија во Скопје и со истото не се очекува подобрување на здравствената состојба ниту излекување. 

Исто така не е јасно со кое мислење и оценка од записникот се согласува второстепената комисија, дали на тоа од 15.01.2009 година или од 29.12.2008 година?

Поздравувајќи ја одлуката на Управниот суд, сепак останува отворено прашањето кој ќе ја сноси одговорноста за долгото траење на постапката и ризикот од влошување на здравствената состојба на пациентот, посебно имајќи го предвид пропустот кој веќе беше направен и поради кој Јане не беше пратен во болницата во Солун уште во 2004/2005 год. кога имаше потврден одговор за прием во болницата?

--------------------------------------------------------------------------------

[1] Член 66 ст.2 од Правилникот за вршење на полициски работи 

[2]  Член 78 од Правилникот за вршење на полициски работи

[3] На ден 21.10.2008 год. Известие А. бр. 380/08

[4] Заведен под Дов. бр. 19/08 од 16.06.2009 год.

[5] Член 5 став 2, Закон за извршување: „При спроведувањето на извршувањето ќе се води сметка за достоинството и на личноста на должникот, како и тоа извршувањето да биде што помалку неповолно за должникот“.

Член 75 став 1: „За преземање на извршни дејствија во станот на должникот , извршителот треба да обезбеди писмена дозвола од претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето“.

Член 75 став 4, член 84 и член 87 став 1

[6] Член 54: „Ако извршителот со своето однесување при работата врши повреда на службената должност при спроведувањето на извршните дејствија или противзаконито ги врши службените дејствија или по своја вина ги одложува, или пак со своето однесување во приватниот живот ги нарушува честа и угледот како вршител на јавни овластувања, ќе се казни поради неуредност или дисциплинска повреда“.

[7] Жалбата била вложена 04.12.2006 год.

[8] Ургенцијата е поднесена на ден 06.02.2007 год.

[9] Како надлежен орган за постапување со тужбите за управен спор согласно член 34 од Законот за судови

[10] 05.12.2008 год., 12.02.2009 год, 24.03.2009 год., 29.05.2009 год.

[11] Член 221 – рок за издавање на решение 

Член 246 – жалба кога првостепеното решение не е донесено

Член 247 – рок за донесување решение по жалба

[12] Член 53 – Закон за управни спорови 

(1) Ако надлежниот орган по поништувањето на управниот акт не донесе веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена нов управен акт, или акт за извршување на пресудата донесена врз основа на членот 40 став 5 од овој закон, странката може со посебен поднесок да бара донесување на таков акт. Ако надлежниот орган не донесе акт ни за седум дена од ова барање, странката може да бара донесување на таков акт од судот што ја донел пресудата.

(2) По барањето од ставот 1 на овој член, судот ќе побара од надлежниот орган известување за причините поради кои не го донел управниот акт. Надлежниот орган е должен да го даде ова известување веднаш, а најдоцна во рок од седум дена. Ако тој не го изврши тоа или ако даденото известување според мислењето на судот не го оправдува не извршувањето на судската пресуда, судот ќе донесе решение што во се го заменува актот на надлежниот орган, ако природата на работата тоа го дозволува. Судот ова решение ќе го достави до органот надлежен за извршување и за тоа истовремено ќе го извести органот што врши надзор. Органот надлежен за извршување е должен без одлагање да го изврши ваквото решение.

[13] www.mhc.org.mk/dekemvri2003-januari2004  и www.mhc.org.mk/mart2005

[14] Нотарска тајна и слободен пристап до информации од јавен карактер

Член 30

(1) Нотарот е должен да го чува како тајна се она што е од личен карактер што го сознал при вршењето на нотарските работи, освен ако од закон и од волјата на странката не произлегува нешто друго.

(2) Нотарската тајна се должни да ја чуваат и лицата вработени кај нотарот. Должноста за чување на тајната останува трајна.

(3) На нотарот му е строго забрането да дозволи увид, да издаде препис, извод или потврда што се однесува на тестамент, доколку барателот претходно не приложи уреден извод од матичната книга на умрените на име на оставителот и тоа само по отворањето на тестаментот, по барање на која било заинтересирана странка.

[15] Надлежност за издавање

Член 77

(1)    Нотарот е овластен и должен да им издаде на странките кои учествувале во составувањето на исправите, како и на лицата во чие име и корист е склучена правната работа, на нивните полномошници и застапници како и на наследниците и правните следбеници, по нивно барање и на нивна сметка: изводи, потврди и преписи од исправите кои нотарот сам ги чува.

[16] Во период кога Јане бил штитеник на Заводот за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци Ранка Милановиќ-Скопје.


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo