Corner Извештаи

Двомесечен извештај (октомври - ноември) 10 Декември 2009

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Право на вероисповед – привилегија за големите верски заедници ! 

1.2. Сегрегација на ромите во основните училишта во Битола

1.3. Предлог закон за бесплатна правна помош 

1.4. Правото на протест и изразување повторно на удар !

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Случај Фатиме Идрис Маслар 

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Случај Ниче Ничевски

3.2. Внатрешно раселени лица с. Радуша

3.3. Случај Зинета Нурковиќ 

___________________________________________________________________

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Право на вероисповед – привилегија за големите верски заедници! 

Еден од предусловите да се практицира вера во Република Македонија е соодветната верска заедница да биде регистрирана во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи, а согласно со Законот за правната положба на црквите, верските заедници и религиозните групи. 

Овој закон во 2007 година беше донесен по повеќегодишен меѓународен притисок, дури неговото усвојување беше еден од предусловите за членството во НАТО, се со објаснување дека стариот закон ги ограничува верските слободи особено во делот на регистрирање на други верски заедници. Законот сега дозволува регистрација доколку “името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи”[1]. 

Претставниците на нерегистрираната Православна Охридска Архиепископија до Основниот Суд Скопје 2 упатиле барање за регистрација на “Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќската Патријаршија”, кое е одбиено од истиот суд.

Во решението за одбивање на барањето, Судот најпрво известува дека се обратил до Македонската Православна Црква (МПЦ) со барање истата да достави известување што претставува поимот Пеќска Патријаршија, дали е верска заедница, а ако е верски субјект со легитимен правен статус каде припаѓа. Не треба ни да се потенцира дека ваквото барање на Судот претставува преседан и е спротивно на законските норми според кои доколку Судот има потреба од експертиза треба да се обрати до признати и независни експерти или судски вештаци. 

Со тоа што Судот не ја искористил оваа своја надлежност туку решил да се обрати до МПЦ, која не е никаква страна во постапката ниту независен експерт за религиозни и верски прашања, Судот само ги потврдува наводите на Барателот дека државата Македонија повторно преку своите органи го става во нееднаква положба со другите граѓани и правни лица фаворизирајќи ја МПЦ издигнувајќи ја истата на ниво на државна религија. Судот наместо да се задржи на својата обврска за следење и спроведување на Уставот и законите во РМ се впуштил во следење на наводите на МПЦ издигнувајќи ги истите на ниво на апсолутна вистина и основани факти, со што недвосмислено го дискриминира барателот. 

Судот постапил спротивно и на праксата на Европскиот Суд според која “Државата има обврска да делува неутрално и непристрасно во однос на утврдување на легалитетот на религиозните верници и воедно да обезбеди толеранција помеѓу групите, дури и ако потекнуваат од иста вероисповест[2]“. 

Понатаму, во своето образложение Судот наведува дека законот не дава можност во името на верскиот субјект чие запишување се бара да е дозволена употреба на имиња и нивни изведенки кои се дел или пак асоцираат на званични називи односно имиња на држави или на веќе регистрирани верски заедници. Според Судот, употребата на зборовите како православна охридска архиепископија како составен дел на името во барањето е повреда на законот бидејќи претставува составен дел од името на веќе регистрираната верска заедница МПЦ - Охридска Архиепископија. 

Меѓутоа потребно е да се наспомене дека Законот погоре цитиран, бара името и официјалните обележја на секоја нова верска заедница да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните, додека ниту овој или пак било кој друг закон не оперираат со терминот “составен дел од името” или пак “име кое асоцира на постоечки званичен назив” за да може ова образложение на судот да биде основано. 

Една од целите на новиот закон е овозможување на верски плурализам и слобода на секој граѓанин да си ја практикува својата вера без разлика дали тоа се коси со интересите на големите верски заедници или не.

Верскиот плурализам не е ништо друго освен карактеристика на современите демократии и услов за практицирање на човековите права во делот на вероисповедта. Имено, и Европскиот Суд потврдил дека организирана структура призната од страна на државата со што се овозможува легално постоење на религиозните заедници, односно групи е суштински дел од религиозниот живот и воедно претставува начин за манифестација на религијата и уверувањето[3]. Европскиот Суд е на гледиште дека неуспехот на државата да остане неутрална во практицирањето на власта и воедно нејзино директно инфилтрирање во одлуката кој може да формира религиозна група а кој не, претставува повреда на правото на слобода на религија загарантирано со членот 9 од Европската Конвенција за човекови права.

За жал, судејќи по се поголемиот број на претставки до Хелсиншкиот Комитет поднесени од припадници на помалите верски заедници кои не можат да се регистрираат, логично се наметнува заклучокот дека постои проблем во соодветна имплементација на законот од страна на надлежните судови. 

На ваков заклучок наведуваат и ставовите изнесени во последниот Извештај на ЕУ за прогресот на Македонија како и во Извештајот на Стејт Департментот за верските слободи, каде изречно се наведува дека отсуството на ефективна имплементација на законот ги оневозможува верските заедници да се здобијат со правен статус. 

До Комитетот исто така пристигнуваат и претставки за полициско малтретирање на одредени верски заедници. Ако кон ова се додадат и последните изјави на директорката на Државната комисија за односи со верски заедници и религиозни групи за бланко поддршка на државата за сите активности на МПЦ, повеќе од очигледно е дека уставниот принцип за одвоеност на државата од црквата се нарушува со привилегирање на големите верски заедници а на сметка на попречување на правото на вероисповед на сите останати граѓани од помалите верски заедници. 

1.2. Сегрегација на Ромите во основните училишта во Битола

Настаните кои беа обелоденети во јавноста во однос на можната сегрегација на децата Роми во основните училишта во Битола го привлекоа вниманието и на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците при Министерството за образование и наука, но и на Хелсиншкиот Комитет.

По остварената посета на претставници на Комитетот на општина Битола, претставници на невладиниот сектор во Битола, ОУ “Трифун Пановски” и ОУ “Ѓорѓи Сугарев” од Битола, врз основа на добиените податоци од надлежните органи може да се утврдат 3 различни фактички состојби и тоа:

1.  Според општина Битола и Извештајот на Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, утврдено е дека... освен двете паралелки (една во прво и една во второ одделение) нема други паралелки кои се чисто етнички (ниту ромски, ниту македонски).[4]

2.  Според писмениот одговор добиен од страна на ОУ “Ѓорѓи Сугарев”, Битола, добиена е информацијата дека бројот на ученици запишани во прво одделение во текот на 2009/2010 год. е 105 (18 се Македонци, 2 Албанци, а 85 Роми). Бројот на ученици во второ одделение е 101 (17 Македонци, 84 Роми)... потоа дека паралелките се формираат пред почетокот на учебната година и во секоја паралелка, задолжително има и по неколку ученици од македонска националност. Малиот број на ученици од македонска националност во последниве две години, е објаснувањето зошто доаѓа до нивно испишување и префрлување во други училишта. На тој начин според ОУ, во прво и во второ одделение, останале по две паралелки исклучиво со ученици од ромска националност што не е случај со паралелките од повисоките одделенија каде соодносот на учениците по национална припадност е изедначен.

3. Според непосредниот увид и разговор на претставниците на Хелсиншкиот Комитет со дел од вработените во ОУ “Ѓорѓи Сугарев”, Битола, добиена е информација дека во моментот на посетата (24.09.2009 год.), бројот на ученици запишани во прво одделение во текот на 2009/2010 год. е 72 ученици (18 Македонци, 2 Албанци, 52 Роми). Во училиштето постојат 7 чисто ромски паралелки, и тоа: во прво,второ и трето одделение по 2 паралелки и четврто една.

-     Состојбата се појаснува со информациите добиени од невладините организации, според кои од вкупно запишаните Роми во прво одделение на територија на општина Битола по едно има запишано во ОУ Даме Груев, ОУ Тодор Ангелевски и во ОУ Гоце Делчев, 2 во ОУ Трифун Пановски, 3 во ОУ Кирил Методиј, додека  сите останати се запишани во ОУ Ѓорѓи Сугарев.

На надлежните органи за надзор останува да утврдат која фактичка состојба е точна! 

Појавата на сегрегација[5] и дискриминација на децата Роми во образованието е евидентирана како актуелна состојба и во Стратегијата за Ромите во Република Македонија. Препораките наведени во Стратегијата од типот на: образовните иницијативи да водат сметка за избегнување на гетоизацијата, која влијае дестимулативно на компетитивноста и мотивацијата на децата; очигледно во пракса не се почитуваат и состојбата се влошува од ден на ден, така да во моментов има четвртата генерација по ред со чисто ромски паралелки.

Еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите значи еднаков третман во законите и еднаков третман и положба во примената на законите (правото), што значи дека на граѓаните мора да им се обезбеди еднаков пристап до правниот систем и еднаков третман во институциите на системот. 

Еднаквоста на граѓаните е во тесна поврзаност и корелација со апсолутната забрана на дискриминација, која како одредба можеме да ја најдеме и во домашната регулатива (член 2 од Законот за основно образование), и во многу меѓународни документи и конвенции, како Европската конвенција за човекови права (член 14), Универзална декларација за човекови права (член 7), како и Конвенцијата против дискриминацијата во образованието на УНЕСКО (член 1). 

Во конкретниот случај тоа би значело еднаков пристап за сите деца до основното училиште од својот реон, без разлика на верата, бојата и припадноста[6], а не со (внатрешно интерна училишна политика) селектирање и запишување на децата од македонската заедница и одбивање на децата од ромската заедница со образложение дека нема место за нив, како и дека тие веќе имаат “нивно” училиште и нема потреба истите да бидат запишани во други училишта.

1.3. Предлог закон за бесплатна правна помош

Во текот на септември 2009 година, по двегодишното работење на предлог верзијата , Собранието на Република Македонија го доби предлог Законот за бесплатна правна помош.

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот одржа и седница каде министерот, пратеници и претставници на невладиниот сектор расправаа по истиот.

Со овој закон се предвидува да се уредат правото на бесплатна правна помош, постапката во која се остварува, корисниците, условите и начинот на неговото остварување, давателите на бесплатна правна помош, органите надлежни за одлучување, заштитата на правото на бесплатна правна помош, финансирањето и надзорот над неговото спроведување, организирање на денови на бесплатен правен совет, бесплатна правна помош во прекугранични спорови како и надзор над примената на одредбите од овој закон. 

Целта на законот е да се обезбеди еднаков пристап на граѓаните и другите лица определени со овој закон до институциите на системот, за запознавање, остварување и за овозможување на ефективна правна помош, согласно со начелото за еднаков пристап до правдата.

И покрај лиферувањето на предлог Законот за бесплатна правна помош, потребата и заложбата за донесување на ваков закон, невладиниот сектор како на одржаните работилници така и на самата седница на Постојаната анкетна комисија имаше доста забелешки. Со конкретни забелешки излезе и Хелсиншкиот комитет, кои воедно се доставени и до Собранието на Република Македонија и Постојаната анкетна комисија за заштита на правата и слободите на граѓанинот. Забелешките се состојат во следното:

1. Апсолутна е потребата од дообјаснување на дефинициите за поимите, кои во понатамошниот текст на предлог законот не содејствуваат со содржината на предлог законот, 

2. Конкретни дефинирани критериуми и услови како за здруженијата на граѓани така и за подрачните одделенија на министерството за правда,

3. Нееднаквиот третман кон органите кои ќе ја пружат бесплатната правна помош во делот на извршување на надзор и контрола. Имено, подрачните одделенија на Министерството за правда не подлежи на контрола и надзор од страна на Министерството за правда, а од друга страна адвокатите и здруженијата на граѓани ќе подлежат на постојан надзор, 

4. постапката е дефинирана како итна, а од друга страна роковите за одлучување (за постапување по барањето за бесплатна правна помош и др. основи), изнесуваат 15 дена, кој рок всушност значи редовна постапка согласно одредбите во Законот за општа управна постапка, 

5. Корисникот сам да го избере органот од кој ќе побара бесплатна правна помош, било да е тоа за претходна правна помош (подрачните одделенија на министерството за правда или здруженијата на граѓани) било да е за правната помош (избор на адвокат од листата која ќе била составена од страна на министерството) и 

6. Точно и концизно определување на поимот имот, вклучително и минималниот станбен простор. 

Хелсиншкиот комитет смета дека предлог Законот за бесплатна правна помош во себе има дискриминаторски одредби и не овозможува еднаков третман меѓу органите кои ќе даваат бесплатна правна помош, корисниците за бесплатна правна помош како и надзор врз истите органи.

Хелсиншкиот комитет очекува дека власта ќе има слух и ќе ги усвои забелешките предложени од страна на стручната јавност и невладиниот сектор и на крај ќе израсне еден добар плод од дрвото, а граѓаните на Република Македонија ќе добијат закон кој практично ќе може да се имплементира. 

1.4. Правото на протест и изразување повторно на удар!

Во изминатиот период Хелсиншкиот Комитет го изнесе своето мислење во врска со состојбата на професионалните војници во АРМ и побара измена на законската регулатива во полза на истите.

Имено, согласно истиот закон[7], вработувањето на професионалните војници однапред се ограничува на времетраење од најмногу 12 години. Сепак, ова не е единственото ограничување на нивниот работен однос, односно тие доколку имаат склучено договор за работа продолжуваат со службата до навршување на 38 години, по што им престанува работниот однос[8], за што професионалните војници своето незадоволнство се обидоа да го искажат преку јавен протест и запознавање на широката јавност со своите барања.

За жал државата не само што не излезе во пресрет на барањата на војниците туку таа се реши за разни притисоци со цел задушување на слободата на изразување и правото на јавен протест.

Така, спрема војниците иако усно изречени, биле употребени разни мерки од забрана за користење на слободни денови, забрана за контактирање со медиуми, прекинување на годишен одмор, забрана за организирање на протест па се до закана за прекинување на работниот однос ако истите не го прекинат протестот.

Македонија уште еднаш не успеа да одговори на предизвиците со кои се детерминира нејзиниот статус како демократска држава, а тоа е овозможување на услови за непречено ползување на правото на јавен протест. Државата не остана доследна ниту на преземените обврски од меѓународните договори, иако предупредена во последниот извештај на ЕУ, по низата случаи на заплашување на фармерите од Битола, противниците на изградба на црква на плоштад, студените во Ресен продолжи со практиката на задушување на слободата на мислење и јавен протест и со професионалните војници.

Хелсиншкиот Комитет повторно ја изразува својата загриженост од ваквиот тренд и апелира до власта да го покаже својот демократски капацитет за почитување на едно од фундаменталните човекови права-слобода на протест, наместо да користи методи карактеристични за тоталитарните режими. 

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Случај Фатиме Идрис Маслар

Во текот на месец март[9] 2009 година, Хелсиншкиот комитет го регистрираше случајот на г-ѓата Фатиме Идрис Маслар, која поднела барање за прием во државјанство на Република Македонија во текот на 2008 година. На 23 Јули 2008 година Министерството за внатрешни работи донело Решение[10] со кое го одбило поднесеното барање со образложение дека г-ѓата Маслар не ги исполнува условите предвидени во член 7 став 1 точка 2 од Законот за државјанство на Република Македонија, односно дека истата до поднесувањето на барањето законски не живее на територијата на РМ најмалку 8 години. 

Во законски предвидениот рок од 30 дена г-ѓа Маслар вложила жалба до второстепената владина комисија, која како второстепен орган во предвидениот рок од 60 дена нема донесено Решение. 

Иако од април месец 2009 година Хелсиншкиот комитет упатуваше дописи до второстепената владина комисија[11] со барање да биде известена за наводите на непочитувањето на законските рокови предвидени во член 247 од Законот за општа управна постапка како и дали државниот орган ја примил вложената жалба, дали по истата е постепено, каков е исходот на истата како и зашто странката не е известена, но за жал од нивна страна не е добиен одговор. 

Од друга страна Хелсиншкиот комитет, иако не упати допис до Министерството за внатрешни работи, на 22 Мај 2009 година доби известување со кое бевме известени дека првостепеното решение на странката и е врачено на 14 Август 2008 година и дека против истото нема поднесено жалба до второстепената комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на внатрешните работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер при Влада на Република Македонија.

По добиениот одговор со таква содржина, Хелсиншкиот комитет веднаш изврши телефонски разговор со таткото на г-ѓа Маслар, кој не извести дека вложената жалба е поднесена до МВР, а при проверка од негова страна му било кажано дека истата била заведена  во дневникот со назнака дека е препратена до второстепениот орган на 25 Август 2008 година.

Со повторен допис Хелсиншкиот комитет се обрати до Министерството за внатрешни работи при што во фотокопија им ја достави и вложената навремена жалба и побара да официјално биде известен дали истата жалба е заведена во нивната институција. Доколку да (нешто веќе и било потврдено на г. Маслар) кои се причините поради кои истата жалба не е препратена до надлежниот второстепен орган согласно законските одредби[12] предвидени во Законот за општа управна постапка.

На 14 Септември 2009 година Хелсиншкиот комитет доби втор по ред одговор од министерството со кој бевме известени дека странката има вложено жалба против првостепеното решение. Со добиениот одговор целосно се потврдија наводите на странката. 

Хелсиншкиот комитет со голема загриженост констатира дека горенаведениот случај, претставува реална слика на фактичното (не)работење на второстепените владини комисии, а во наведениве случаи конкретно затаи комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на внатрешните работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер.

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Случај Ниче Ничевски

Г-динот Ниче Ничевски не извести дека Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Скопје- Карпош донел решение[13] за остварување право на социјална парична помош. Со решението на странката и се признава право на социјална парична помош во износ од 2.109.50 денари а во диспозитивнот на истото е предвидено дека решението ќе се применува од 01.03.2009 год.

Од доставената документација, односно уплатницата за исплата на готовина, видно е дека странката за месец март и април добила износ од 1.457.50 денари, сума која не соодветствува со износот предвиден во донесеното решение.

 Исто така врз основа на приложената документација е воочено дека ЈУ МЦСР Скопје- Карпош се повикува на членови од Одредбата за условите, критериумите, висината, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална парична помош (Сл.весник на Р.М. бр. 15/98, 21/98, 28/01, 23/02, 91/02, 59/03, 37/03, 41/05 и 109/05). 

Важноста на оваа одлука на која се заснова донесеното решение престанала со носење на Одлуката за престанување на важноста на одлуката за условите, критериумите, висината, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална парична помош (Сл.весник бр.58 од 11.05.2007 год).

Хелсиншкиот Комитет неколкупати писмено се обрати до надлежниот орган се со цел да добие одговор зошто странката, за посочените месеци, не добила социјална парична помош од 2.109 ден. како што е наведено во Решението за остварување на право на социјална парична помош, односно зошто решенијата во кои се одлучува за правото на социјална помош веќе две години се засноваат на Одлука која престанала да важи уште во 2007 год.

Од страна на надлежниот орган до денес немаме добиено одговор на поставените прашања, па останува нејасно зошто странката не може да го исползува своето право во целост, односно зошто истата е финансиски оштетена.

И покрај тоа што Законот за социјалната заштита, кој беше во сила до 2.7.2009 год. во членот 29 предвидува дека поблиските услови, висината, критериумите и начинот на остварување на правото на социјална парична помош ги определува Владата, Хелсиншкиот Комитет смета дека е апсурдно и недозволиво Центарот за социјална работа во своето решение да се повикува на неважечки пропис и врз основа на истиот да ги решава поединечни прашања.

 Хелсиншкиот комитет се надева дека надлежните органи нема да си дозволат грешки од ваков вид во иднина, дека ќе ги преземат сите неопходни активности за надминување на настаната ситуација а се во најдобар интерес на корисниците на социјалната заштита.

3.2. Внатрешно раселени лица с. Радуша

До Хелсиншкиот Комитет за човекови права се обрати група на внатрешно раселени лица од с. Радуша кои не известија дека од нивното напуштање на домовите во 2001 год., па до денес се уште не се исполнети условите за нивно враќање назад во куќите.

Во текот на последниве 8 години надлежноста за решавање на проблемот постојано била префрлана од Владата на Министерството за труд и социјална политика, па повторно на Владата.

Сега иако се привремено сместени под кирија од страна на Министерството за труд и социјална политика, останува фактот дека тоа не е крајно решение. Исто така странките не известија дека се појавил и проблем во однос на паричниот надомест кој им се дава зависно од тоа колку членови брои едно семејство.

Странките не известија дека веќе се имаат обратено и до Владата и до Министерството за труд и социјална политика со барање за средба со цел конечно да се реши проблемот.

Хелсиншкиот Комитет во текот на месец октомври 2009 год. се обрати до Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика, со барање информации дали е остварена средба со претставници од внатрешно раселените лица од с. Радуша, кои се заклучоците од истата и кои активности ќе бидат преземени за конечно решавање на настанатата ситуација. За жал од страна на надлежните органи се уште немаме добиено никаков одговор.

Имајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата, Хелсиншкиот Комитет се обраќа до сите надлежни органи конечно да се реши прашањето на сите внатрешно раселени лица во насока на почитување на нивните права гарантирани со меѓународните документи и националните закони.

3.3. Случај Зинета Нурковиќ 

Хелсиншкиот Комитет беше запознаат со случај во кој странката веќе десет години континуирано работи во АД за поштенски сообраќај “Македонска пошта” – Скопје, како шалтерски работник, меѓутоа за сето време, наместо со Договор за вработување таа е ангажирана со Договор за вршење на услуга, согласно прописите од облигационите односи.

По претставка до Трудовиот инспекторат, истиот извршил увид и само ја констатирал неспорната фактичка состојба. Сепак, нејасно е зошто инспекторатот воопшто не ги зел во предвид одредбите од Законот за работни односи или пак оние од Колективниот договор на Ј.П. Македонска пошта во кои недвосмислено се уредува дека работен однос помеѓу работникот и работодавачот се заснова со потпишување на Договор за вработување.

Откако Хелсиншкиот Комитет се обрати до државниот инспекторат за труд од таму не известија дека извршиле нов надзор при што ги констатирале горенаведените неправилности и “превземени се мерки согласно ЗРО”. Во одговорот исто така се наведува дека работодавачот се обидувал да го регулира работниот однос на странката но истото не било можно бидејќи за тоа не добил согласност од Министерството за финансии, а и дополнително затоа што со Заклучок на влада се известени дека поради спроведување на антикризни мерки нема да има нови вработувања до крајот на 2009 год.

Ова изгледа било соодветно објаснување за трудовиот инспекторат затоа што странката не извести дека по извршениот инспекциски надзор таа добила отказно решение со што и престанал и така (не)регулираниот работен однос.

Апсурдноста на овој случај е јасно видлива зашто очигледно е дека е поголема силата на Владината мерка од самиот Закон за работни односи и Уставната определба за правото на работа на секој. Но сепак, нелогичноста оди до таму што работодавецот наместо да го санкционира своето незаконско работење преку усогласување на работниот однос со Законот, тој не сакајќи да се противи на владината мерка го прекинува договорот со странката. 

Хелсиншкиот Комитет изразува загриженост за леснотијата со која се погазуваат основните закони за правата на работниците и не функционирањето на институциите кои треба да ги заштитуваат. Комитетот потсетува дека во принципот на владеење на правото ниедна Влада или Владина мерка не може да се постави над Уставот и законите, и особено не на штета на граѓаните.

--------------------------------------------------------------------------------

[1] Закон за правната положба на цркви, верски заедници и религиозни групи, Сл. весник на РМ бр.113/07 од 20.09.2007

[2] Metropolitan Church of Bessarabia and Others v. Moldova; Serif v. Greece; Ouranio Toxo and others v. Greece

[3] случај Hasan and Chaush v. Bulgaria

1.     [4] И покрај тоа УОЈЗ на локалната самоуправа и ги предложила следните мерки:

-       Доследно и во целост да се почитува реонизацијата од страна на сите директори на основните училишта во општина Битола,

-       Да осигури дека нема да се случи ученици Роми кои ќе изразат желба да се запишат во останатите основни училишта во О. Битола да бидат одбиени со изговор дека нема место, и

Да организира бесплатен превоз и да осигури прием во останатите основни училишта за оние ученици Роми кои во моментов учат во О.У. “Ѓорѓи Сугарев” доколку нивните училишта одлучат да ги префрлат во останатите училишта во општината..

[5] Ромските деца не се соодветно прифатени од средината во која се образуваат; другите деца не сакаат да седат со нив или да се дружат, па обично седнуваат сами или во задните клупи; некои професори не работат доволно со овие деца; ромските деца се срамат од својата облека, забележана е и дискриминација во односот и оценувањето.

[6] член 46 став 3 од Законот за основно образование.

[7] Член 35, Закон за служба во армијата 

Со професионалните војници на служба во Армијата, Министерството за одбрана склучува договор за работа. Договорот за работа со професионалните војници се склучува за времетраење од три години.

Во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професионалните војници може да се продолжи најмногу уште три пати.

[8] Член 259а, Закон за служба во армијата, Сл.весник на РМ бр.134 од 06.011.2007

[9] 30.03.2009 година се обрати г. Идрис Маслар до Хелсиншкиот комитет 

[10] Решение бр. 16.11.1 – 68765/1 – 2007

[11] Дописите се пратени на ден 15.04.2009 година, 08.06.2009 година, 16.07.2009 година и 17.09.2009 година

[12] Член 233 од Законот за општа управна постапка

Жалбата непосредно му се предава или му се праќа по пошта на органот што го донел првостепеното решение.

[13] Решение бр.677.07,-32225/3 од 09.04.2009 год


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo